Реакција од обвинителката Ристовска и вработени во СЈО

Пендаровски да се извини: Граѓаните можеби се разочарани од Јанева, но не и од СЈО како институција

Поранешната јавна обвинителка од СЈО Ленче Ристоска, а по неговото укинување обвинител во Скопското обвинителство реагираше на вчерашната изјава на претседателот Стево Пендаровски од Пелинце, кој кажа дека СЈО стана за жал дел од организираниот криминал.

„Кога претседател на држава дава генерализирана квалификација дека цела институција, алудирајќи на Специјалното јавно обвинитество, станала дел од организираниот криминал, тој не само што изнесува невистини и клевети кои засегаат во кредибилитетот на сите кои работеле во Специјалното јавно обвинителство и на нивната работа, не само што го прекршува уставното начело на пресумпција на невиност (се уште нема правосилна пресуда за никој од тоа обвинителство која упатува на инволвираност во организиран криминал), туку и од позиција на авторитет влијае на креирање на перцепцијата и јавното мислење за причините поради кои повеќе не постои СЈО", напиша Ристоска на Фејсбук.

Нејзиниот пост доаѓа, како што наведува, како поддршка на вработените од поранешното СЈО, кои попладнево побараа извинување од Пендаровски.

„Нема да навлегувам во дебатите кои се водеа помеѓу сите клучни чинители за носење на новиот закон за Јавно обвинителство, нема да го елаборирам моето мислење за новиот Закон за јавно обвинителство, нема да го коментирам начинот на кој СЈО згасна, но ќе кажам дека СЈО не се распадна затоа што стана дел од организиран криминал и граѓаните можеби се разочарани од она што се случи со специјалната јавна обвинителка, но не се и не беа разочарани од СЈО како институција", пишува Ристоска на фејсбук профилот.

Таа вели дека повикот за извинување и повлекување на изјавата на Пендаровски го толкува како повик за признавање на грешката и преземање на одговорност, „за на други претставници на државните органи да не им падне на памет да го користат СЈО како боксерска вреќа секогаш кога системот и општествените чинители ќе потфрлат во борбата за правда".

„Мартин Лутер Кинг кажал дека нашите животи почнуваат да завршуваат со денот кога ќе почнеме да молчиме за работите кои се важни, затоа браво за колегите", е поддршката на Ленче.

Пендаровски, кој вчера од Пелинце по повод Денот на Републиката побара правда и слобода за граѓаните и упати остри пораки до власта дека секој украден денар и наместен тендер ги брка младите од Македонија, го спомна и СЈО.

„Нашите граѓани со право се разочарани кога гледаат дека обвинителството кое беше симбол на сите наши надежи за расчистување со организираниот криминал се распадна како последица на тоа што и самото стана дел од организираниот криминал", рече Пендаровски.

„Во ваквата изјава претседателот недвосмислено зборува за Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, притоа поистоветувајќи ги сите вработени без исклучок, како да се тие дел од организиран криминал. Обвинителството не го сочинуваше само една личност, па оттаму крајно некоректно е сите вработени да се поистоветат со постапките на една личност и притоа нивниот труд да биде девалвиран", реагираа денеска вработените од стручните служби. 

„Бидејќи никој, а особено не претседател на држава, не може и не смее да обвинува од говорница, бараме претседателот јавно да се извини на сите кои беа дел од ова Јавно обвинителство, а ако има сознанија за сторен криминал, да ги пријави во Јавното обвинителство", побараа денес поранешните вработени.

 

Веќе четврта деценија штом општеството се фокусира на македонско-бугарските или македонско-албанските односи, на улиците излегуваат навивачките групи со навредливиот репертоар. Спонтано? Ајде, Ве молам.

повеќе

Нивото на Советот на Центар никако да порасне и да покаже демократски капацитети и зрелост очекувана од граѓаните

повеќе

Historia magistra vitae est (Историјата е учителка на животот). Оваа латинска изрека ќе ги објаснува односите меѓу народите и нациите додека постои светот.

повеќе