Конференција „Климатска акција: Да се спречува и да се лекува“

Пендаровски: Да се инвестира во образованието за подигнување на свеста за заштита на животната средина

Претседателот Стево Пендаровски денеска вети дека ќе преземе сѐ што е во негова надлежност со цел да се ублажат негативните ефекти од климатските промени и упати јавен апел до сите надлежни во земјава да го зголемат својот ангажман.

„Ние политичарите и раководителите во институциите, експертите, едукаторите и бизнисмените имаме обврска активно да работиме за да креираме поздрава животна средина“, рече Пендаровски во обраќањето на конференцијата „Климатска акција: Да се спречува и да се лекува“, на која професори и експерти од земјава и регионот дискутираат за постојните ризици и за решенијата за адаптација и ублажување на климатските промени.

Тој потсети дека минатата седмица се сретнал со претставници на десетици граѓански организации, кои дејствуваат во оваа сфера и им ветил дека тој ќе стори сѐ што е во негова надлежност за заштита на животната средина. Исто така, информираше дека, иако била во завршна фаза пред да ја потпише ја вратил Стратегијата за одбрана за да биде дополнета со посебни мерки и активности за еколошка безбедност.

Според Пендаровски, кон средината на следниот месец на седницата на Советот за безбедност прв пат на дневен ред ќе биде ставена точка за заштита на животната средина, а на седницата се поканети и претставници на граѓански организации, кои ќе имаат можност да ги предложат своите мерки.

Тој го поддржа граѓанскиот сектор, кој се залага да имаме поголем државен буџет за заштита на животната средина, со цел да се приближиме до просекот во ЕУ, како и создавањето национален фонд за заштита на животната средина, но додаде дека е потребно и да се инвестира во образованието со цел учениците во основно и средно образование да добијат интегрирано еколошко образование за заштита на животната средина.

Пендаровски нагласи дека Македонија е една од најважните точки на биодиверзитетот во Европа и повтори дека како претседател на државата се залага за заштита на политиките на животна средина и на националниот биодиверзитет.

Британската амбасадорка, Рејчел Галовеј напомена дека денеска на повеќе начини  – со кампањи, протести, документарци се прават обиди за подигнување на свеста за потребата од заштита на животната средина и напомена дека светот на глобално ниво се соочува со закани, кои ќе влијаат на сите нас. Според неа, до крајот на векот се прогнозира зголемување на температурите на глобално ниво за два до четири степени и  треба да се сменат овие негативни промени.

Особено важно во таа насока е влијанието што до даваме на индивидуално ниво, рече Галовеј, напоменувајќи дека секој граѓанин треба даде свој придонес, рециклирајќи пластични предмети.

„Мора да бидеме строги кога станува збор за еколошките и економските промени“, рече Галовеј и додаде дека е потребна долгорочна стратегија со цел итно и правилно да се адресира проблемот.

Енергетската индустрија, отпадот, сообраќајот и градежништвото најмногу придонесуваат во емисиите на стакленички гасови во Македонија, додека шумите и урбаното зеленило кои се главни апсорбирачи на гасовите, се карактеризираат со низок квалитет и мал годишен прираст, нагласуваат организаторите на денешната конференција.

Според климатските сценарија, средната годишна температура во земјава ќе се зголеми за 1.9 степени Целзиусови до 2050 и врнежите ќе се намалат за речиси 23 отсто до 2100 година.

Достапноста на населението до вода ќе биде ограничена, а сувите периоди и ненадејните поплави ќе бидат почести и повеќе изразени. Негативните ефекти на климатските промени ќе ги намалат приносите кај најголем дел од земјоделските култури и ќе ги зголемат ризиците врз здравјето на луѓето.

Опасностите што ги носат климатските промени ќе предизвикаат проблеми во земјоделството, здравството, туризмот, биолошката разновидност…, иако штетните влијанија можат да се намалат со мерки кои дури создаваат нови зелени работни места.

Сепак, сериозноста на последиците ќе зависи од способноста на државата да се подготви и да се справи со климатските промени, додаваат организаторите.

Во рамките на конференцијата „Климатска акција: Да се спречува и да се лекува“ предвидени се два панели, првиот е посветен на темата „Како да ги ублажуваме климатските промени“, а вториот „Како да се адаптираме кон климатските промени“.

Конференцијата е во рамки на кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“, која ја спроведува Институтот за комуникациски студии, а е финансирана од Британската амбасада во Скопје.

Два месеци по недобивањето датум за преговори за членство на Македонија во ЕУ, малку знаеме која беше улогата на Бугарија во тоа.

повеќе

И покрај сите обиди, темата „Закон за јазиците" не „лепи".

повеќе

Дали ние, луѓето, сакаме да продолжиме да живееме добро и безбедно на оваа планета?

повеќе