Нема опасност од дестабилизација

Пендаровски: Брзањето не е секогаш најдобриот сојузник, па ни во решавањето на проблемот со Бугарија

Во решавањето на спорот со Бугарија со цел одблокирање на процесот за почеток на преговорите за членство на земјава во Европската унија не треба да се брза, затоа што кога сте соочени со предизвик од таков калибар, брзањето не е секогаш најдобриот сојузник, порача претседателот Стево Пендаровски во годишното обраќање во Собранието.

Наместо тоа, како што рече, треба да се работи на клучните реформи дома од кои зависи квалитетот на животот на граѓаните.

Пендаровски додаде дека тој од почетокот на бугарската блокада до денес, се залага за внимателен и обмислен пристап во преговорите, без нагли пресврти, затоа што, според него,  се работи за прашање од апсолутно највисок национален интерес, а кога сте соочени со предизвик од таков калибар, брзањето не ви е секогаш најдобриот сојузник.

„Нашиот источен сосед изминатава година имаше серија на избори и независно од емоциите кои ги провоцира изборниот амбиент, она што загрижува е што слушнавме и реторика која ги надминува сите досегашни тврдења поврзани со нашата историја, јазик и идентитет. Една од тие тези е дека спроведуваме системска дебугаризација што е сериозно обвинување кое се разбира нема ништо заедничко со реалноста. Невозможно е амбасадорите на 30 држави кои имаат свои амбасади во Скопје, од кои 16 се земји-членки на Европската Унија и кои на дневна основа ги следат состојбите кај нас, да не известат во своите главни градови за еден таков процес, кој ако постои, би бил рамен на геноцид“, рече Пендаровски.

Според него, од новата Влада во Бугарија и од претседателот кој има нов мандат се испраќаат и поинаку интонирани пораки.

„Со дел од нив сум целосно согласен. Имено, акцентот во нашите односи да го пренесеме, од минатото во сегашноста и наместо за етничките чувства на луѓето од пред 10 векови, да зборуваме за иднината, за енергетско и инфраструктурно поврзување и, на пример, за Коридорот 8 кој никогаш не стана конкурентен на коридорот 10, се разбира, на штета и на македонските и на бугарските национални интереси“, вели Пендаровски.

Тој појасни и дека не држат тезите дека пролонгираната состојба на статус кво, наводно, може да предизвика безбедносна дестабилизација на државата. И доколку ваквата ситуација потрае, вели, нам не ни се заканува никаква безбедносна дестабилизација независно од бројот на нон-пејпери кои некои упорно ги лиферуваат.

„Откако нашиот пат кон ЕУ беше неправедно блокиран, сите ние, целата нација, политичарите и на власт и во опозиција, во последниве две години, освен разочарани, станавме и опседнати околу тоа кога во Брисел ќе биде дадено зелено светло за почеток на преговорите. Јавноста е сведок дека јас сум еден од оние кои во изминативе децении бил конзистентен во ставот дека Унијата е најдобрата опција за нас и искрено, едвај го чекам денот кога ќе ги отвориме, а уште повеќе денот кога ќе ги затвориме преговорите за членство. Меѓутоа, во актуелниот контекст, кога ги знаеме нашите црвени линии и јавно ги браниме, не треба да бидеме преокупирани со тоа колку време ќе им треба на другите да се соочат со вистината за нас. Наместо тоа, треба да бидеме опседнати со клучните реформи дома од кои зависи квалитетот на животот на нашите граѓани“, порача Пендаровски.

Тој повтори дека во Европската унија сите членки освен една, сметаат дека за почетокот на тој процес имаме направено повеќе демократски реформи од која било друга држава-кандидат, во моментот кога требала да ги започне преговорите.

„Немаме дилема околу тоа дека европските интеграции немаат издржана алтернатива за нас, но, тие секако имаат своја цена. Ако таа цена значи откажување од нашиот идентитет, не гледам политичар кај нас кој ќе сака да го продаде својот народ за такви европски интеграции. Неодамна, со апсолутен консензус усвоената Резолуција во ова Собрание за македонските државни позиции е доволно индикативна во таа насока“, рече претседателот Пендаровски во редовното годишно обраќање пред пратениците во Собранието.

 

Колку и да сакаме Украинците да добијат целосна правда, на ерата на славни војни, несомнени победи и чисти порази ѝ дојде крајот. 

повеќе

Македонскиот народ мора да ја заштити автокефалноста на својата Македонска православна црква - Охридска архиепископија, како еден од носечките елементи на неговиот идентитет, од сите загрозувања од Фанар, од СПЦ и другите меѓународни црковни и други чинители. Време е за нов Македонски црковно-народен собир, како во 1945 година.

повеќе

Сите политичари и безмалку сите новинари во Македонија, се со став дека нема или поточно не е можен план Б во преговарањето за влез во ЕУ со Бугарија.

повеќе