За условувањата од Бугарија

Пендаровски: Бугарската Изјава го истакнува ставот на една земја, а не заедничкиот став на Унијата, нема запирање на преговорите

Не треба да се плашиме дека нашиот идентитет ќе биде загрозен, или ќе го изгубиме правото нашиот јазик да го нарекуваме македонски јазик. Државите не можат со меѓусебни договори да забрануваат некој да се изјасни или да не се изјасни како Македонец, односно како Бугарин, вели во изјавата за МКД.мк македонскиот претседател Стево Пендаровски.

Бугарија во завршните документи на ЕУ за датумот за преговори за Македонија и Албанија успеа да вметне Изјава во која влезот на Македонија во ЕУ го условува со бришење на македонски јазик, на македонско национално малцинство во Бугарија, и со забрана македонските политичари да дискутираат за правата на малцинствата во Советот на Европа... Бугарија и влезот на Албанија го условува со барање земјата да признае постоење на бугарско национално малцинство...

Дали досега бевте запознаен со документот Изјава на Бугарија во која како предуслов за датумот за преговори нашиот сосед поставува услови за македонскиот јазик, македонското малцинство и бугарско малцинство во Албанија...? Зошто македонската јавност не знае за овој документ?

- Неодамна бев запознаен со овој документ преку дипломатски канали. Во однос на неговата содржина сакам да укажам дека се работи за документ што истакнува одредени аспекти од позицијата на една земја, а не заедничка позиција на Унијата. Позициите на Унијата се содржани во заклучоците на Европскиот совет и тие се достапни за секого.

Не сметам дека треба да се плашиме дека нашиот идентитет ќе биде загрозен, или дека ќе го изгубиме правото нашиот јазик да го нарекуваме македонски јазик. Нашиот јазик е кодифициран и е службен јазик на нашата држава уште од АСНОМ во 1944 година.

Истовремено, македонскиот јазик е меѓународно признаен и е во употреба во меѓународните односи уште од времето на поранешна Југославија, а особено по независноста во 1991 година. Ниту во научната, ниту во политичката јавност не постојат сериозни стручњаци, институции или држави што го спорат постоењето на посебен македонски јазик. Постоењето на посебен македонски јазик е лингвистички и општествен факт и тоа не може да биде предмет на никакви политички преговори.

Во однос на прашањето на националните малцинства, и Северна Македонија и Бугарија се членки на Рамковната конвенција за национални малцинства на Советот на Европа, но и на меѓународните пактови за човекови права на ООН. Во таа насока, обврската за немешање во внатрешните работи е јасна, но тоа не може да го негира правото на слободно изразување на етничката, верската, јазичната или културната припадност на кој било граѓанин во двете држави. Во таа смисла, државите не можат со меѓусебни договори да промовираат или да забранат некој да се изјасни или да не се изјасни како Македонец, односно Бугарин.

Дали сметате дека ваквите условувања би можеле да значат и прекин на преговорите за членство во ЕУ?

- Не очекувам ваквите прашања да доведат до прекин на преговорите за членство во ЕУ. Да потсетам, овој документ претставува став на една земја-членка, не и официјален став или критериум поставен од Европската Унија. Ние неодамна добивме безусловна одлука за почеток на преговорите и европските институции веќе работат на подготвувањето на преговарачката рамка, согласно со заклучоците и усвоената нова методологија. Можеме да очекуваме прашањата за добрососедска политика да бидат застапени во преговарачката рамка.

На кој начин и во кој обем, ќе видиме штом Европската Унија ќе ја презентира предлог-преговарачката рамка. Ние како држава преку договорите што ги постигнавме со нашите соседи, поставивме високи стандарди за начинот на којшто треба да се решаваат сите отворени прашања.

Сметам дека билатералните прашања треба да се решаваат преку дијалог во духот на добрососедската соработка. Таков пример за добрососедска соработка е Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу нашите две држави. Не е тајна дека постои одреден застој во спроведувањето на Договорот. Сметам дека застојот ќе биде надминат, а отворените прашања ќе бидат решени како што прилега на две држави-соседи.

Впрочем, ние заеднички претседаваме со Берлинскиот процес оваа година, а и во минатото кога сме имале недоразбирања, сме ги решавале преку отворена соработка. Јас имам редовна комуникација и со претседателот и со премиерот на Бугарија, така што сметам дека треба го искористиме капиталот од влогот во успешно развиените релации за надминување на недоразбирањата во билатералните прашања.

Конечно, прашањето за интеграцијата на државите од Западен Балкан во Европската Унија, а особено на нашата држава, не е единствено редовна интеграција на една држава во ЕУ, туку е прашање од геополитичко и безбедносно значење, пред сѐ за самата Унија, чиишто клучни земји-членки постојано истакнуваат дека Унијата не е царински клуб, туку треба да се надоградува како геополитички фактор.

А.Д.

Ковид-19 може да нѐ научи битни лекции за животот - дека почитта кон другите човечки суштества не е во честа која им ја даваме со пружање рака и тапкање по грбот, туку во суштинската грижа за нивната добробит и здравје.

повеќе

За преродба требаат само три чекора: промена на изборниот модел, укинување на мега и квази државниот апарат заедно со сите паразити во него и економски план за ревитализација на земјата.

повеќе

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе