На одбележувањето на Денот на Армијата

Пендаровски: Без доверба во институциите државата нема перспектива

Довербата на граѓаните во институциите се гради и заслужува само преку одговорна политика и бескомпромисна борба со оние што ги кршат законите, независно од нивната функција и моќ. Ако не сме еднакви сите пред законот и ако политичката власт се користи за личното, а не за јавното добро, таквата држава нема перспектива, порача денеска претседателот и врховен командант, Стево Пендаровски, во обраќањето по повод Денот на Армијата.

Пред бројните гости на свеченоста што се одржа на Воениот стадион во Скопје, Пендаровски рече дека без доверба во институциите, ја ризикуваме националната безбедност. Ниската репутација и разочараноста на граѓаните од политиката и политичарите, креираат идеален амбиент за новите начини на поткопување на стабилноста и безбедноста, како што се хибридните закани.

Првпат земјава го празнува Денот на Армијата како членка на НАТО, рече тој и го најави како врвен натамошен приоритет вложувањето во вооружените сили и нивна модернизација. Тоа го очекува и од новата влада и новиот парламентарен состав.

„Организираниот криминал и високата корупција кои, за жал, се дел од нашето секојдневие ја нарушуваат довербата на граѓаните во институциите и надежта за пристоен живот. Најважната обврска на нашата политичка генерација е воспоставување систем за ефикасно справување со криминалот и корупцијата. Длабоко сум убеден дека нашето политичко наследство ќе зависи најмногу од успехот во остварувањето на оваа задача. Историјата нема да ни прости ако и овој пат не бидеме на вистинската страна, како што бевме и во Втората светска војна“, рече Пендаровски.

Според него, не е фраза ако се каже дека да се биде дел од најмоќниот воено-политички сојуз во светот е голема привилегија, но и уште поголема обврска и кон граѓаните и кон сојузниците.

„Основната причина зошто сакаме да бидеме дел од ЕУ и НАТО се нивните темелни вредности: владеење на правото и функционална правна држава како основен услов за економски и социјален развој“, рече претседателот.

Според него, најдобриот начин за борба против дезинформациите, лажните вести и останатите хибридни закани е токму високата доверба на граѓаните во демократските институции.

Во обраќањето, Пендаровски нагласи и дека ова е голем ден, зашто првпат го празнуваме 18 Август како членка на НАТО.

„Оваа годна станавме 30-та членка на НАТО. Членството е резултат на мнозинството наши граѓани, како и на залагањата на повеќе парламентарни состави и влади изминативе три децении. Неспорно е дека станува збор за исклучително историско постигнување кое ја гарантира нашата безбедност и ја јакне внатрешната кохезија на нашето мултиетничко општество. Полноправното членство немаше да биде возможно без напорите во континуитет и професионалниот однос на сите припадници на АРМ, без темелните одбранбени реформи, личната посветеност на храбрите жени и мажи во нашите вооружени сили и нивното учество во ризичните мировни мисии. Во остварувањето на нашата стратегиска цел, секогаш ја имавме и конзистентната поддршка од државите членки, посебно од САД кои од нашата независност до денес ни помагаат да изградиме стабилна, сигурна и просперитетна Армија и држава“, рече Пендаровски. Неговата врвна заложба ќе биде инвестирање во одбраната, а тоа го очекува и од новата влада.

Тој говореше и за справувањето со ковид-19 и додаде дека  е особено горд на Армијата која покажа дека може да се справи со предизвиците.

Пендаровски на свеченоста со Орден за воени заслуги ги одликува Баталјонот за воено-медицинска поддршка, Третиот пешадиски баталјон од Првата пешадиска бригада и Канцеларијата за соработка во одбраната на Соединетите Американски Држави.

Одбележувањето на Денот на Армијата почна во 10 часот со почесна артилериска стрелба и со интонирање на македонска химна, на химната на НАТО, како и на химната на АРМ.

 

Нашето законодавство дава поголема важност на едно парче хартија отколку на вистинската состојба на терен.

повеќе

Еве што знаат мнозинството Македонци и Бугари родени до 1980 година.

повеќе

И Софија ќе треба да не го запре македонското евро-интегрирање на самиот почеток – и Скопје ќе треба да ја декомунистицира и дејугословенизира својата елита, економија, политика, наратива и медиуми.

повеќе