По повод Светскиот ден на детето

Пендаровски апелира до надлежните: Ниедно дете не смее да ни е на улица, без образование и злоупотребено

Илјадници деца низ целиот свет умираат од глад, илјадници се без дом, илјадници се бегалци. На крстосниците на нашите градови имаме деца питачи, надвор од школскиот систем, деца што не се евидентирани во матичните книги на родените. Потребни се брзи решенија. Апелирам до институциите, да не дозволиме ниту едно дете да ни е на улица, маргинализирано или злоупотребено“, порача претседателот Стево Пендаровски. Претставничката на УНИЦЕФ Патриција ди Џовани рече дека темите што ги отвораат младите се темел за одржлив развој.

Претседателот Пендаровски ова го рече во рамките на своето обраќање на одбележувањето на Светскиот ден на детето, во организација на УНИЦЕФ, на настанот насловен како „Младински повик за акција да преосмислиме подобра иднина", но тој и ги ислуша присутните деца и се дружеше со нив. Настанот се надоврзува на иницијативата „Преосмисли ја иднината" што ја спроведуваат УНИЦЕФ и претседателот Пендаровски, во која младите од целата земја ги споделија своите гледишта и идеи за решенија на најголемите предизвици што ги засегаат нивните животи и нивната иднина.

На почетокот од обраќањето Пендаровски рече дека има тешка задача, зашто говорите на младите Ерза, Ива и Станиша беа многу инспиративни и беа добар вовед во темите кои ги засегаат младите, но и возрасните - а тоа се квалитетното образование, животната средина и генерално, квалитетот на животот.

Шефот на државата, честитајќи ја 75-годишнината на УНИЦЕФ ја истакна работата и улогата на оваа светска организација на сите меридијани за подобрување на правата, положбата и квалитетот на животот на децата.

„Квалитетното образование е невозможно без инвестирање во него, без современи наставни програми и стекнување на практични вештини. Нужно е образованието да продуцира кадри согласно потребите на пазарот на трудот. Како човек кој дел од својата професионална кариера ја поминал во образованието, апсолутно сум согласен дека без ставањето на образованието и науката на приоритетна позиција не можеме да очекуваме побрз економски развиток и севкупен општествен напредок. Образованието, здравството, функционирањето на правната држава, заштитата на животната средина се клучот за квалитетен живот“, рече Пендаровски.

Тој нагласи дека е потребно да се справиме со базичните работи - сузбивање на дивите депонии, депонирање на сметот, почитување на регулативите за загадување и дека е целосно согласен со мислењата на младите изразени во работата на работилниците, дека нѝ се потребни системски и креативни решенија за да ја заштитиме животната средина.

„Илјадници деца ширум светот умираат од глад, илјадници се без покрив над главата, без пристап до образование, илјадници како бегалци чекаат да најдат спас и подобар живот во меѓуграничните појаси, на ничија земја, во импровизирани кампови. Додека ова го зборуваме на крстосниците на нашиот главен град, но и во другите градови, имаме деца питачи, десетици деца надвор од школскиот систем, имаме и деца кои, воопшто, не се евидентирани во матичните книги на родените. Мораме да се соочиме со сите овие проблеми и да најдеме конкретни решенија брзо. Апелирам до надлежните институции, да не дозволиме ниту едно дете да нѝ е на улица, надвор од образовниот систем, маргинализирано или злоупотребено“, порача Пендаровски.

Пандемијата, рече, за жал покажа колку се ранливи децата и колку новата, грда реалност ги загрози нивните слободи, нивните соништа, безгрижното детство.

„Нека сето ова биде предизвик за сите нас, можност за еден вид ресетирање, поставување на приоритетите и суштинско вклучување на младите во процесите на одлучување. На крајот, дозволете уште еднаш, да ги повикам сите клучни институции да работат на проблематиките за деца и млади, и заеднички да работиме на посреќна иднина. Гласот на младите мора да биде чуен и вграден во донесувањето на одлуките. Преосмислувањето на иднината мора да започне од сегашноста бидејќи без осмислување на сегашноста не можеме да ја преосмислиме ниту иднината“, рече претседателот на Македонија.

Од своја страна пак, претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ди Џовани на истиот настан рече: „Темите што младите ги отворија денес – квалитетно образование, одржлива животна средина и квалитет на животот – претставуваат темел за одржлив развој. За да одговориме на повикот на младите ќе биде потребен енергетски влог и посветеност на целото општество“.

Таа порача дека во текот на средбата, носителите на одлуки, меѓу кои пратеници, градоначалници, претставници на меѓународните организации и експерти, имаат можност да слушнат повеќе од децата и младите и да се вклучат во подиректен разговор со самите деца и млади.

„Еден од главните проблеми кои ние младите ги препознаваме во образованието е недостатокот од пракса и премногу теоретско учење. Без можност за практична примена, нашето знаење е само краткотрајна информација. Ни требаат вештини кои се релевантни не само за пазарот на труд денес, туку и за пазарот на труд кој постојано се развива. Формалното образование става акцент исклучително на нашиот академски успех, пришто не ни дава доволно можности за практично искуство, иновации и управување со кариерата. Конкретно, за да застанам тука мене не ме подготви формалното образование, ме подготвија активности вон училиште", рече Станиша Станковиќ, студент од Куманово.

Говорејќи за заштита на животната средина, климатските промени и поодржливо урбано планирање, Ива Трпески, четиринаесетгодишна ученичка од основно училиште од Кичево рече:

„Премногу од нашите зелени површини и простори за рекреација се уништени и заменети со градилишта. Овој проблем го посочуваат не само моите сограѓани, туку младите од целата држава. Урбаниот хаос, бучавата како и преголемиот сообраќај секојдневно влијаат врз нас. Ни требаат позелени заедници за поздрав и посреќен живот, за подобро физичко и ментално здравје и подобар квалитет на живот".

Четиринаесетгодишната ученичка од основно училиште од Скопје Ерза Рустеми го потегна прашањето за квалитетен живот без насилство и побара општество кое ќе ги почитува, вреднува и ќе се однесува фер кон сите деца. Таа побара носителите на одлуки да обезбедат секое дете и секој млад човек да учествува во сите активности, да има пристап до сите услуги и да биде вклучен во целост во сите облици на живеење во заедницата.

Македонскиот народ мора да ја заштити автокефалноста на својата Македонска православна црква - Охридска архиепископија, како еден од носечките елементи на неговиот идентитет, од сите загрозувања од Фанар, од СПЦ и другите меѓународни црковни и други чинители. Време е за нов Македонски црковно-народен собир, како во 1945 година.

повеќе

Сите политичари и безмалку сите новинари во Македонија, се со став дека нема или поточно не е можен план Б во преговарањето за влез во ЕУ со Бугарија.

повеќе

(Насловот е на турски со причина, во превод, „писмо или револвер“.)

повеќе