Тензично во Врховниот суд

Пцовки, навреди и „ова е Албанија“ на седницата за Диво Насеље

Почнаа со едноминутно молчење за сите загинати во настаните од Диво Насеље, продолжија со барање, пцовки и навреди кон судот, а на крај сите заедно се договорија и ја напуштија јавната седница по жалбите на првостепената пресуда за случајот Диво Насеље.

Обвинетите во постапката ги пречекаа апелациските судии со пцовки и погрдни зборови. Само што петорката од второстепениот суд се појави во големата сала на Врховниот суд, еден по еден сите обвинети за тероризам станаа и зборувајќи на албански почнаа да им се обраќаат на судиите.

Беа поучени да почекаат за да го искористат правото на преведувач и судот да ги разбере што бараат. Барањето на обвинетите беше наместо презентација на тужбите прво судот да им дозволи да ги прочитаат трите страници што, како што кажа обвинетиот Генци Сефа, ги подготвиле сите обвинети заедно. Но групното барање не беше прочитано бидејќи судиите им кажаа да почекаат за да се заведе сè што е потребно во записникот, а обвинетите на тоа одговорија со пцовки и погрдни зборови.

Рекоа дека судиите се дојдени тука, а не тие, обвинетите, дека тие се „автохтони“, и дека „ова овде е Албанија“.

Побараа меѓународна истрага и кажаа дека не го признаваат судот. На ова судијката Цветанка Периќ, која ја води јавната седница, им посочи дека нивна волја е дали ќе останат во судница и им појасни дека присуството не е задолжително и јавната седница може да трае и без нив.

Но обвинетите и ова не го послушаа, туку станаа и почнаа да бараат да бидат изнесени од судницата, која е под силно полициско обезбедување.

Судијката Периќ им рече: „Никој не ви дозволи да си одите, ви појаснувам дека секој може да си замине од судница, жалбите ги поднесовте вие и вашите бранители, но пред да заминете треба да бидете нотирани на записник.“

На ова обвинетиот Ваљдет Зекај се обрати со погрдни зборови, висок тон и пцовки, а на крај посочи дека „ова е Албанија“.

На неговите зборови се надоврза друг обвинет, кој на судијката ѝ рече: „Ти си таа што не слуша ништо, јас 4 години чекам да ме чуете, 4 години чекам да зборувам и 4 години чекам правда. За нас суд не постои и адвокатите не смеат да зборуваат во наше име.“

По ова судијката рече дека може обвинетите еден по еден да се изнесат надвор од судница со полициска придружба. Еден од нив на излегување гласно извика „Судија те суди, кадија те тужи“. Обвинетиот полицаец Артим Бајрами рече дека ако сите излезат од судница, и тој ќе излезе, ама последен. По ова дваесет и девет обвинети ја напуштија јавната седница, а останаа тројца, односно двајца што добија ослободителна пресуда и обвинетиот Ебип Алии, кој беше осуден на затворска казна од 12 години со првостепената пресуда. .

Јавната седница се одржува под силно полициско обезбедување и со големи безбедносни проверки на сите што влегуваат во судската сала. Полиција има и околу комплексот судови. Дел од обвинетите се наоѓаат во истражниот затвор во Шутка, а дел се во затворот во Идризово. Денес во Врховниот суд беа присутни сите освен четворица обвинети кои преку своите адвокати доставија изјава дека нема да присуствуваат на рочиштето.

Седницата е во тек.

К.Д.

Да се стави точка на великобугарскиот шовинизам е насловот позајмен од едно писмо напишано во јули 1946 година од Илинденската организација до Владата на слободна Македонија.

повеќе

Бидејќи знаеме да се перчиме со секој што потекнал од нашиве простори, дури и до илјадито колено наназад (од Аминта III до Симона Халеп), јас ќе ја искористам приликава за да се погордеам со македонските гени на еден извонреден музичар: Васил Хаџиманов.

повеќе

Коста Абрашевиќ, Гоце Делчев... и десетици илјади современици кои потпишале дека „по род се...", за да можат да патуваат и да работат во ЕУ државите.

повеќе