Партиите да најдат компромис и да се донесе Законот за јавно обвинителство пред изборите, порача Османи

Политичките партии да ги надминат теснопартиските и политички позиции за законот за јавно обвинителство, да се изнајде компромис и пред сѐ симболички да испратиме порака дека сме подготвени да соработуваме во борбата со корупција од високо ниво, повика денеска вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.

Османи потсети дека законот не е условен од Европскиот совет или од Европската комисија, но дека е важно за одредени земји-членки на Унијата, како Холандија и Франција.

„Независно што на сите ни е јасно дека прашањата што требаше да се регулираат со законот за јавно обвинителство се веќе регулирани со фактот што Јавното обвинителство ја продолжи работата на Специјалното јавно обвинителство таму каде што тоа застана со преземање на предметите, на архивата и на вработените, но сепак потребата за донесување на двотретински закон за борба против корупција на високо ниво има и симболично значење, бидејќи покажува и посветеност и консензуалност на сите партии, целиот спектар на политички партии во државата да се вклучат во борба против корупција на високо ниво“, рече Османи, одговарајќи на новинарско прашање по средбата со членовите на Државната изборна комисија (ДИК).

Тој нагласи дека ова прашање е фиксирано во перцепцијата на одредени земји-членки како предуслов за воспоставување правна држава, па многу е важно да не се остави простор за дебати во земјите-членки дали сме способни да донесеме закон што се однесува на борбата против корупцијата од високо ниво.

„Тоа е посебно важно за Холандија и посебно важно за Франција. Затоа ги повикувам политичките партии да ги надминат теснопартиските и политички позиции што се однесува до овој закон и да најдеме средина и да најдеме компромис за да испратиме, пред сѐ симболички порака дека ние сме спремни да соработуваме независно од нашите партиски разлики кога се однесува до борбата со корупцијата од високо ниво. Пак ќе кажам, имајќи предвид дека сите прашања се суштински решени, мора да седнеме и да најдеме компромисно решение пред распуштање на Собранието“, рече Османи.

Законот за јавно обвинителство, повтори тој, не е формален бенчмарк и не е пишан во ниту еден документ на советите на ЕУ дека ние имаме нешто дополнително затоа што имавме безусловна препорака од Комисијата, затоа имавме прифатена безусловна препорака од Советот само што немавме одлука за започнување на преговори.

„Советот не рече имате уште еден бенчмарк, но индивидуално земјите-членки, одредени земји-членки сметаат дека овој закон е важен предуслов за воспоставување на правна држава“, рече Османи.

Според него, носењето на овој закон би било покажување знак на зрелост дека независно од партиските разлики што ги имаме, кога се работи за борбата против корупција од високо ниво ги надминуваме партиските разлики.

Германската канцеларка Ангела Меркел, меѓу другите, беше гневна; Балканот помодре од бес. ЕУ сега се обидува да го натера Макрон да го тргне ветото пред Европскиот самит во март.

повеќе

Мојата заложба е конечно законите и прописите наместо инструмент за спроведување лични интереси, да ја добијат вистинската функција, заштита на интересите на граѓаните. За жал...

повеќе