Бледски стратешки форум

Палмер: Местото на Северна Македонија е во НАТО и ЕУ

САД силно ја поддржуваат Северна Македонија во реализацијата на своите стратешки цели – полноправното членство во НАТО и отпочнувањето на преговорите со Европската Унија. Ова го истакна Метју Палмер, специјален претставник на САД за Балканот, на средбата на маргините на Бледскиот стратегиски форум со шефот на дипломатијата Никола Димитров и министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

„Правната држава мора да функционира, а времето на партиските игри и обиди да се избегне одговорноста е завршено. Местото на Северна Македонија е во НАТО и ЕУ“, подвлече Палмер на средбата.

На средбата, како што соопшти МНР, фокусот на разговорите беше ставен на динамиката на процесот на зачленување на Северна Македонија во НАТО и севкупното значење од интегрирањето на земјата во Алијансата, како и отпочнувањето на преговорите со ЕУ, за регионот и пошироко. Беа разменети мислења и за внатрешно политичките актуелности во земјата, а се разговараше и за случувањата во соседството.

„Северна Македонија постави пример во решавањето на политичките прашања и отворањето на подобри перспективи за своите граѓани. Криминалот и неговите протагонисти ќе бидат казнети без исклучок, неказнивоста во земја членка на НАТО со европска иднина, не е опција“, е истакнато на средбата.

Шефот на дипломатијата Димитров од своја страна рече дека „НАТО промовира стабилност и во време на неизвесност, мудро е да го забрзаме процесот на интеграција за да го зацврстиме регионот и да го прифатиме своето европско ветување“.

Шекеринска се заблагодари на конзистентната поддршка од САД за членството на нашата земја во ЕУ и НАТО и потенцираше дека владата нема да дозволи ништо да застане на патот на интеграциите во НАТО и ЕУ.

„Оваа генерација политичари го направи чекорот за својата земја, го обезбеди членството во НАТО и го заслужи почетокот на преговори со ЕУ следниот месец. Тоа е патот по кој одиме, каде нема место за калкулации со одговорноста. Предметите на СЈО ќе имаат пресуди, секој што се огрешил пред Законот ќе одговара, без исклучок“, рече Шекеринска.

Шекеринска, по средбата со Палмер, на својот фејсбук-профил му честиташе за новата должност – специјален претставник на САД за Западен Балкан.

„Честитки до Метју Палмер за новата должност – специјален претставник на САД за Западен Балкан. Ја имаме поддршката од САД да го продолжиме патот што го отворивме за своите граѓани – членство во НАТО и ЕУ. Се согласивме дека на тој пат нема место за калкулации со одговорноста. Предметите на СЈО ќе имаат пресуди, секој што се огрешил пред Законот ќе одговара, без исклучок“, напиша Шекеринска на Фејсбук.

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе

 За базата во Ново Село, Бугарија не добива ни долар за закупнина, а отворени се и бројни прашања за животната средина.

повеќе

Се поставува прашањето, дали треба да се жртвува слободата за сметка на жртвите кои се последица од вирусот, кој не можеме да го спречиме освен со строги санкции и мерки?

повеќе