По скандалот со бонусите

Оставките на членовите на ДИК пред Собранието, можна блокада за изборот на нови членови

Собранието на Република Македонија на првата наредна седница, без расправа треба само да ги констатира оставките на членовите на Државната изборна комисија и да ја почне процедурата за избор на нови членови. За тоа е потребно двотретинско мнозинство, а од вчера ВМРО-ДПМНЕ најави бојкот на работата на Собранието.

Мандатот на членовите на ДИК кои дадоа оставки беше до 2020 година. Оставките беа изнудени по притисокот од јавноста за делењето високи бонуси за последните изборни циклуси.

Во ДИК остана само Ермира Асани-Салија, членка на комисијата од Беса, која беше избрана непосредно пред локалните избори. Оставки поднесоа претседателот на комисијата, Александар Чичаковски, членовите од СДСМ Виолета Дума и Игор Милев, Субхи Јакупи, предложен од ДУИ, и потпретседателот на ДИК Реџеп Прекопуца, како и членот Атанас Урумов, кои доаѓаат од редот на експертите. Последни оставка поднесоа членовите на ДИК од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева и Сашо Срцев.

За во петок веќе е закажана собраниска седница за буџетот. Тогаш би требало само да се констатираат оставките на осуммина членови на ДИК.

По констатирањето на оставките, во рок од три дена претседателот на Собранието Талат Џафери од политичките партии од власта и од опозицијата треба да побара предлози за членови на ДИК.

Ако тоа не биде сторено, тогаш собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата ја има надлежноста да предложи нови имиња. Собранието треба да распише и оглас за изборот на претседателот и членовите на ДИК.

За изборот на тројцата непартиски членови на ДИК, експерти, треба да се согласат сите партии.

ВМРО-ДПМНЕ од вчера и официјално најави дека ќе ја бојкотира работата на Собранието, сѐ додека од притвор не се ослободат нивните шестмина пратеници кои се осомничени за нередите во Собранието на 27 април.

Државната изборна комисија има девет члена, претседател, потпретседател и седум членови. Шестмина се избираат на предлог на партиите, а тројца се од редот на експертите. Членовите на ДИК ги избира Собранието со двотретинско мнозинство. Мандатот им е пет години, со можност за реизбор.

На 20 јануари 2019 владата на САД веќе цел месец е делумно блокирана поради инсистирањето на Трамп да добие 5,7 милијарди долари од Конгресот за финансирање на неговиот расистички и средновековен пограничен ѕид.

повеќе

Луѓето се љубопитни суштества, колку и да го одрекуваат тоа.

повеќе

Институциите пристапуваат кон барањата на информации од јавен карактер со одреден сомнеж.

повеќе