Власта веќе со години врши и се обидува да врши контрола на информирањето и ја загрозува и крши слободата на изразување и на слободата на медиумите. И тоа е така затоа што функционерите на власта се чувствуваат недопирливи и сметаат дека никој не смее да ја загрози нивната комоција која ја чувствуваат преку власта, вели Митева.
Митева нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ најостро го осудува недоличното и срамно однесување од владините функционери врз новинарите и побара итна оставка, потенцирајќи дека на овој начин владата на СДС се обидува да ги цензурира медиумите.
„Ние, ваквиот начин како политичка партија најостро го осудуваме, ова е срамно и недолично однесување за кое бараме итна оставка од страна на функционерите кои вербално нападнаа новинари. Власта треба веднаш да престане да се обидува да цензурира и да ја замолчи јавноста, нивниот погрешен начин на раководење со институциите резултира со сеење на страв во медиумите затоа што не можат да го запрат излегувањето на криминалното и незаконското работење за кое секојдневно слушаме. И наместо да понесат одговорност за незаконското работење, сега виновни им се новинарите“, порача Митева.
Директорот на топланата Скопје Север, Куштрим Рамадани, во телефонски разговор со пцовки и навреди ѝ се обраќаше на новинарката на МКД.мк Катерина Додевска, која ја работеше темата за дозволите на топланата. Откако беше консултиран и коректно му беше пренесена изјавата во објавениот текст дека топланата Скопје Север работи на мазут, но без дозвола, се јави и наместо да реагира за својата изјава, со пцовки и со висок тон ѝ се обраќаше на новинарката на МКД.мк. Пцовките, викањето и заканите од Рамадани се пријавени во новинарските здруженија.
Поранешниот министер за правда, Аднан Јашари побара од новинарката на „Фокус" Фросина Факова-Серафиновиќ да го повлече текстот „Синот на Талат Џафери положил правосуден во време на министерот Јашари од ДУИ – документите ги нема".