Во интервју за белгиски весник

Османи за „Ла либр“: Имавме договорено вакцини, но станавме колатерална штета на процесот

Северна Македонија е колатерална штета на процесот на испораката на вакцините против ковид-19, вели министерот Бујар Османи во интервју за белгискиот весник „Ла Либр", потенцирајќи го при тоа неуспехот на фармацевтските фирми да ги исполнат нивните обврски. „Земјата уплати 800.000 дози вакцини во рамките на ковакс механизмот. И има, исто така, директен договор со 'Фајзер' за 800.000 дополнителни дози... Но, сè уште не сме добиле ништо“, вели Османи.

На овој начин сметавме дека сме сигурни и покриени со 1,6 милиони дози и дека тие се повеќе од доволни за да се имунизира нашето население. Но, вакцини сè уште немаме, нагласи Османи.

Тој потенцира дека, за жал, земјите од нашиот регион се влезени во натпревар за добивање вакцини и со таа станаа предмет на геополитичка конкуренција за прашањето за вакцините.

„Владата одлучи да купи 200.000 вакцини од Кина, но нашата цел е да се заштитиме од овие геополитички размислувања. Идејата е да се започне кампањата за вакцинација. Се надеваме дека ова е само привремено решение сè додека конечно не ги добиеме платените вакцини", додава Османи.
Според него, во регионот преовладува чувството е дека земјите од Западниот Балкан требаше да бидат дел од европската програма за имунизација уште од самиот почеток.

„Ова ќе беше вистинскиот пристап за ЕУ. И вистински начин ЕУ да комуницира стратешки во регионот. Но, ние сме во време на криза. Не е секогаш можно да се предвиди сè однапред", вели Османи.

Тој потсетува дека од појавата на пандемијата на ковид-19 регионот доби голема поддршка преку механизмите за солидарност на ЕУ или НАТО и беше интегриран во механизмите за набавка на санитарна опрема, со што земјите од Западниот Балкан добија чувство дека се дел од Унијата, но таквиот впечаток не продолжи и кога започна вакцинацијата.

„ЕУ требаше да сфати дека за Балканот брзината на кампањата за вакцинација беше поважна од вкупната количина на дози. Требаше да се биде сигурен дека кампањата може да започне на Балканот во исто време (со ЕУ). Тогаш заедно ќе се адаптиравме на отсуството или одложувањата во испораките на дози", смета Османи.

Шефот на македонската дипломатија во интервјуто се осврнува и на бугарската блокада за старт на преговорите на земјава за членство во ЕУ, потенцирајќи дека ветото од Софија изненадило многумина и предизвикало разочарност.

„Но, ние не оставаме простор за разочараност. За нас, нема друга алтернатива, освен членството во ЕУ. Затоа е нужно да одиме напред. За ова да биде возможно, ни треба порационален пристап. Прашањата што треба да се решат се историски и затоа се нужно емотивни. Треба да вратиме одредена рационалност во комуникацијата. Можеме да дебатираме за историјата, не од перспектива на ревидирање на идентитетите, туку од аспект на едукативна перспектива во насока на отстранување на стереотипите од минатото што создаваат нетрпеливост меѓу општествата. Сето ова, за да се користи историјата како мост, а не како ѕид", вели Османи.

Тој потестува дека Договорот за добрососедство, што Скопје и Софија го потпишаа во 2017 година, предвидува дека Бугарија ќе ги поддржува евроатлантските интеграции на Северна Македонија и дека врз основа на спогодбата беше формирана заедничката комисија за историски и образовни прашања.

„Комисијата за две и пол години постигна договор за два временски периода и пет историски личности. Ова е чекор напред, имајќи предвид дека во текот на изминатите три децении, двете земји не беа во можност да се договорат за една реченица, за тоа како да се опишат историските настани и личности. Ова е добра основа за да истраеме", додава Османи.

Според министерот за надворешни работи, земјава е тест за кредибилитетот на процесот на проширување, бидејќи 20 години правеше компромиси што дури и земјите членки не би ги направиле за да започнат преговори за членство во ЕУ.

„Но, непредвидливоста стана нова карактеристика на овој процес, а таа го става во опасност и го загрозува кредибилитетот на овој процес, што пак од друга страна е клучен елемент во трансформацијата на земјите од балканскиот регион... Колку повеќе се нарушува кредибилитетот на проширувањето, толку повеќе ослабува регионот и го изложува на влијанието на други актери", нагласува Османи.

Тој потенцира дека балканскиот регион е географски, историски, културолошки и економски поврзан со ЕУ и дека не е граничен дел, туку е во срцето на Европа.

Во чест на Меѓународниот ден на трудот, вреди да се разгледа состојбата со работничките права во државата, да се направи краток осврт на изминатата година и да се согледа што може да се направи за да се насочат работите кон подобро.

повеќе

Таквиот вид на анахрон национал-романтизам, со речиси апологетски однос кон окупаторската политика на Бугарија во Втората светска војна, штетна е за хармонизација на односите на Балканот, пред сѐ на Бугарија со РСМ, но и со Србија.

повеќе

Некогаш да градиш на три континенти, а денес да не ја градиш сопствената држава.

повеќе