Османи во Приштина: Имаме многу добри односи со Косово, но и бројни предизвици

Билатералната соработка, со фокус врз економијата и можностите за засилено инфраструктурно поврзување, се темите за кои разговарале министерот за надворешни работи, Бујар Османи и косовската вицепремиерка и министерка за надворешни работи и дијаспора, Доника Гервала-Шварц, на средбата во Приштина.

Како што соопшти МНР, на пленарните состаноци на двете делегации, биле  реафирмирани исклучително добрите односи меѓу Северна Македонија и Косово, како и подготвеноста на двете страни за натамошно градење на блиско и трајно пријателство, во интерес на граѓаните на двете земји, но, како што рекол Османи, и како „добар пример за регионот кој сè уште е соочен со бројни предизвици". 

„Косово и Северна Македонија имаат исклучително динамична трговска размена, но истовремено постојат и огромни потенцијали за зајакнување во делот на економијата, за што секако е потребна и инфраструктурна поддршка“, порача Османи.

Осврт беше направен на соработката во ресорите образование и наука, култура, здравство и др.

На заедничката прес-конференција Османи и Гервала, како многу опасна, ја отфрлиле секоја идеја за промени на границите во регионот и ја нагласиле важноста на соработката меѓу соседите, јавува МИА од Приштина.

Одговарајќи на прашањето за наводниот словенечки нон пејпер за „конечно решавање“ на националните прашања во Западен Балкан преку промени на границите, Османи порача дека единствена алтернатива за регионот е неговото зачленување во НАТО и интегрирањето во Европската унија.

„Ние не смееме да упаднеме во таа стапица, бидејќи тој документ за кој се тврдеше дека е изготвен од словенечкиот премиер, е демантиран од страна на Словенија и мислам дека не е во ред истиот да го поврзуваме со таа држава. Единствена алтернатива е ширењето на НАТО за мир и интегрирањето во ЕУ“, изјави Османи.

Гервала, пак, рече дека и самото споменување на тие тези претставува опасност за стабилноста на регионот.

„Опасно е кога се појавуваат такви тенденции, со поделби и етнички линии, затоа е сосема јасно дека за нас нема значење тој документ, но е мошне опасен, бидејќи поттикнува конфликти“, оцени Гервала.

Македонскиот министер уште изјави дека Скопје е подготвено да ги стави на располагање на Приштина искуствата со зачленувањето во НАТО и интегрирањето во ЕУ.

„Северна Македонија, како членка на НАТО целосно ја поддржува евроатлантската перспектива на Република Косово. Изразив задоволство што од годинава и припадници на Армијата на Северна Македонија се во составот на КФОР. Наша амбиција е целосното интегрирање на шесте земји од Западен Балкан во ЕУ и како земја преговарач со ЕУ спремни сме да ги ставиме на располагање на Косово сите наши досегашни искуства во тој правец“, рече Османи.

 Во рамки на насоченоста кон градење отворен дијалог со сите земји од регионот, како што соопшти МНР, Османи ја пренесе поддршката од Македонија за дијалогот меѓу Приштина и Белград, како најдобар начин за надминување на разликите и изнаоѓање на трајно решение меѓу двете земји, во интерес на граѓаните и регионот како целина.

„Нашата заедничка амбиција, за полноправно членство на сите шест земји од Западниот Балкан, преставува единствената алтернатива која обезбедува долгорочна стабилност и просперитет“, заклучил Османи.

Официјалната посета на Косово, Османи ја продолжува со средби со претседателката на Косово, Вјоса Османи-Садриу, претседателот на Парламентот, Глаук Коњуфца и со премиерот Албин Курти.

 

Европа е решена да се ослободи од меката моќ на Москва (енергенсите), а и на дипломатско поле сака да и стави до знаење дека и за неа ќе има „црвени линии“. 

повеќе

Незабележливите разлики во нашето однесување кои се дел од психолошката манипулација на социјалните мрежи се предизвикани од надзорниот капитализам и ја нарушуваат демократската култура и личната автономија.

повеќе

После десетици години се решава холдингот, неданочните давачки и царинските тарифи значајни за бизнисот.

повеќе