четврток, 18 април 2024

Македонски предисториски предмети за прв пат ќе бидат изложени во Канада

Продолжува изложбената турнеја низ Северна Америка во која се вклучени и предисториски предмети од Македонија. Насловена како „Првите благородници во Европа“, оваа изложба неодамна се отвори во Канадскиот музеј на историјата во Гатино – Отава.

Објавено на

часот

Сподели

Во неа, заедно со околу 700 други наоди од Балканот, изложени се и артефакти од македонските локалитети Врбјанска Чука, Шуплевец и Милци, а со цел да се претстави клучната улога на овој регион во долгата и комплексна трансформација од најраните земјоделски заедници до првите европски кралства.

Археологот Гоце Наумов, национален координатор на изложбата која е дел од проектот „Првите кралеви на Европа“, иницирана од Филдовиот музеј во Чикаго, во соработка со 27 музеи од 11 балкански земји информира дека во неа како претставници учествуваат Завод и музеј – Битола, Завод и музеј – Прилеп и Музеј – Гевгелија.

Тој појаснува дека изложбата претставува и прво презентирање на македонското културно наследство во Канада, што, како што дополнува, е можност за канадските граѓани, но и за македонската дијаспора, да се запознаат со функцијата и значењата на некои од најексклузивните предисториски предмети во Македонија.

Изложбата ќе биде отворена до јануари 2025 година и се очекува да ја видат повеќе стотици илјади посетители.

Изложбената турнеја на „Првите кралеви во Европа“ започна во 2022 година во Институтот за проучување на старите култури во Њујорк, а потоа во 2023 година беше десет месеци поставена во Филдовиот музеј во Чикаго.

„Овој проект е исто така и најголемото претставување на балканската предисторија во светот досега, што предизвикува многу големо внимание меѓу стручната и пошироката јавност. За потребите на изложбата публикувани се екслузивен зборник и каталог, а во кои како автори се вклучени и македонски археолози“, појасни археологот Наумов.

Фото: Гоце наумов

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ