Османи во фејсбук-полемика и со Николоски, кој ги брани албанските или македонските интереси

Буквално сите граѓани, без разлика дали се Македонци, Албанци, Роми, Турци, Срби, Власи или Бошњаци, буквално сите граѓани се обединети во одбрана и на државните интереси, и на националните интереси на нашите сограѓани Македонци, му одговори Бујар Османи, министерот за надворешни работи на Македонија на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски кој изјави дека Османи работи Албанија да почне преговори со ЕУ, а за Македонија што биде, биде.

Обично се обидувам да ги игнорирам ваквите напади, особено кога тие се на теми кои претставуваат стратешки интерес за сите граѓани, вклучувајќи ги и гласачите на опозицијата. Но..., пишува на својот фејсбук-профил Османи.

„Понекогаш, како што во неколку наврати тоа го прави г-нот Николоски, не само што се преминуваат црвените линии на пристојност, туку без трунка одговорност, онака лежерно и волунатаристички, се напаѓа севкупната државна позиција и успехот на целиот политички спектар да се обедини околу стратешките прашања.

Буквално сите граѓани, без разлика дали се Македонци, Албанци, Роми, Турци, Срби, Власи или Бошњаци, буквално сите граѓани се обединети во одбрана и на државните интереси, и на националните интереси на нашите сограѓани Македонци. Еден од клучните темели на кои се потпира нашата цврстина и во преговорите со Бугарија, но и во претставувањето на нашите позиции во ЕУ и меѓу земјите – членки, е токму обединетоста на целиот политички, етнички, културен и општествен спектар во земјава.

Јас сум свесен дека борбата за политички поени е цврста и непријатна, ние сме сите политичари и се бориме да ги освоиме симпатиите на своите гласачи; но да си дозволиш да го нападнеш, и да се обидеш да го загрозиш клучниот државен столб на кој се потпира цврстината на нашите позиции, тоа не говори само за неодговорност, туку за еден вид патологија во чија суштина лежи длабоко вкоренета албанофобија.

Колку ли само треба да си алчен, и да не си ја ниту почитуваш ниту сакаш државата, за да ја нападнеш нејзината суштинска придобивка – успешната мултиетничка обединетост по стратешките интереси?

Јасна е намерата на овие тези кои се надевам не се позиции на ВМРО ДПМНЕ. Преку фрлање дрва и камења по Албанците како да се непријатели на оваа држава, се прави обид да се направи етнички јаз по стратешките прашања, да се направи раздор по етничка линија, со цел да се ослабне позицијата на државата и со тоа да се обезбеди политичка предност за опозицијата.

Наша задача е тоа да го покажеме, јасно и гласно да го посочиме, и со тоа да ги осуетиме. Да ве уверам дека нема да успеат: ќе ги зачуваме националните интереси на нашите сограѓани Македонци, ќе ги зачуваме и македонскиот јазик и посебноста на македонската култура и пристојноста, а воедно и ќе ѝ обезбедиме европска иднина на земјава и на сите нејзини граѓани“, напиша Османи.

Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ испрати директна порака до Османи.

„Вистината боли. Особено го боли Бујар Османи, како и Зоран Заев и Димитар Ковачевски. Бујар Османи работи Албанија да почне преговори со ЕУ, а за Македонија што биде, биде. Тоа го боли. Ама вистина е.

Исто како што пред 4 години кажав дека работи Македонија да влезе во иста група со Албанија која беше многу позади нас. Рекоа дека тоа што го кажувам е ‘научна фантастика’. После неколку месеци таа ‘научна фантастика’ се реализираше и Македонија НЕ ДОБИ датум за преговори, ама затоа влезе во иста група со Албанија.

Исто така уште тогаш во 2018 кажав дека Македонија со СДСМ и ДУИ нема да почне преговори. Еве ја 2022 Македонија НЕ ПОЧНУВА преговори.

Вистината боли ама мора да се кажува. Одговорност и оставки веднаш затоа што ја пониживте Македонија и ја оставивте на дното на Европа и Балканот“, напиша Николоски на својот фејсбук-профил.

 

 

Војната во Украина ја разоткри вистината за Русија, но и вистината за Европа. 

повеќе

Несанкционирањето на овој говор доведува до повторување, ширење и злоупотреба на овие аномалии како еден вид „нормализиран“ начин во политичката борба против поединци и групи со различни мислења.

повеќе

Потписниците на нотарските изјави дека нема да гласаат за измените на Уставот се подложни на промени за материјално благо.

 

повеќе