„На појадокот, министрите изразија силна поддршка за лидерството во Северна Македонија, кое недвосмислено и посветено работи на исполнување на европската реформска агенда и на добрососедските односи со што земјата е препознаена како веродостоен партнер, која ги почитува европските правила, стандарди и вредности“, заклучил Османи, како што информира Министерството за надворешни работи.
На средбата биле присутни и Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ и потпретседател на ЕК, Жозеп Борељ и еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеи, како и бугарската министерка Теодора Генчовска.
„Оваа средба коинцидира со војната во Украина, случувањата од последните недели го сменија контекстот на нашите разговори, но и на геополитичките и стратегиски приоритети на европскиот континент. Нашиот дијалог добива пресвртница во однос на итноста од носење на одлуки што ќе ја детерминираат европската иднина на Северна Македонија во ЕУ, но и на целиот Западен Балкан", кажал Османи.
На појадокот тој истакнал дека Македонија како кредибилна земја-кандидат се усогласила со санкциите на ЕУ кон Русија, но и дека „понудила хуманитарна помош и ги отворила вратите за засолниште на сите што бегаат од страшната војна во Украина“.
„Унијата покажа дека знае да се обедини во историски времиња, да ги донесе вистинските одлуки, да изгради консензус, а ние покажавме дека стопроцентно стоиме зад овие одлуки", заклучи Османи.
Во соопштението се додава дека средбата била одлична можност Османи да се сретне и да размени мислења со повеќето шефови на дипломатии од земјите членки на Унијата, а имаше и одвоена билатерална средба и со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеи.