Османи: Успешни избори в недела се доказ за зрелоста на државата

Успешни избори на 5 мај ќе бидат доказ за зрелоста на демократскиот капацитет на државата. Тоа ќе биде последен аргумент со кој ќе се убеди ЕУ дека земјава има  капацитет за влез во Унијата, порача денеска вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи.

„Република Северна Македонија последните триесет години поминува долг маратон на преговори за членство во ЕУ. Дојде и последниот момент. Одлуката за преговори зависи само од тоа дали на 5 мај граѓаните ќе излезат на гласање и уште еднаш ќе покажат дека имаат капацитет за одлучување“, изјави Османи.

На прес-конференцијата по повод одбележувањето на Денот на слободата на медиумите тој ги повика граѓаните на 5 мај да излезат на гласање и да го дадат својот глас по сопствено убедување.

Во врска со информациите дека на Берлинскиот самит било заклучено дека западните земји сметаат оти државата до јуни нема да биде подготвена за преговори со ЕУ, Османи вели дека тие изјави не се точни и дека самитот не бил наменет за проширување, туку за деблокирање на разговорите помеѓу Косово и Србија, а останатите земји од регионот биле повикани како гаранти.

„По билатералните средби што ги имавме во Берлин, јас сум оптимист дека во јуни е добра прилика за да добиеме одлука за почнување преговори за членство во ЕУ. Ние го искористивме тој самит за да имаме билатерални средби и со канцеларката Меркел, и со Могерини надвор од контекстот на самитот и се разбира моравме да ги отвориме прашањата што нас не засегаа. Но самитот не расправаше за прашањето за проширување, односно за прашање за датум, туку исклучиво за темата деблокирање на разговорите Косово-Србија.

Република Северна Македонија е пример за успешна преродба на европската идеја во еден тежок регион како што е Балканот. Таа приказна е толку силна што не можат да ја игнорира ниту една земја-членка и таква мислам дека ќе биде и одлуката во јуни. Сѐ  уште постои техничката дилема дали Бундестагот ќе може во едната единствена сесија меѓу препораката и одлуката на Советот да расправа, меѓутоа правиме напори и овој период ќе го искористиме максимално за да не оставиме никаков аргумент за да се одложи дебатата“, изјави Османи.

Во однос на тоа дали ќе се одлучува за евроатлантската перспектива на земјите во пакет, Османи рече дека нашите очекувања се дека двете земји треба да добијат датум за почеток на преговори, бидејќи така создаваме предуслови за синергија и соработка меѓу двете земји во самите преговори, но и се дава поттик за целиот регион, бидејќи ќе имаме четири држави од шесте кои започнуваат преговори.

„Но принципот што го заговараме е дека треба да има регата принцип, и секоја земја треба да се движи според брзината што сама си ја наметнува, и ќе има меритократски пристап за индивидуалните заслуги за секоја земја“, оцени Османи.

Фото: МИА

 

Нема пазар доколку нема информации. Дајте ги информациите за пазарот на грозје.

повеќе

Овој термин, без исклучок го употребуваат сите партии кога се во опозиција. СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците, ДПА...

повеќе

Суштинското синдикално организирање е во постојан пад, а за многу од работниците дури и слободниот викенд, како една од основните историски придобивки, е недостижна желба.

повеќе