„Ние сторивме сѐ што треба“

Османи пред пратениците: ЕУ згреши што го одложи почетокот на преговорите

Ние сторивме сѐ што треба, доволно сме подготвени и одложувањето на почетокот на преговорите беше грешка на самата Унија. И затоа не треба да не обзема апатија, песимизам, ниту некаков дефетизам. Процесот на одлучување во Унијата е сложен, со консензус, и ние на тоа мора да се навикнеме, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи пред пратениците во собраниската Комисија за надворешна политика.  

Во извештајот за надворешната политика и меѓународната положба на Македонија Османи рече дека имаме навистина голем број пријатели внатре во Унијата чии интереси за иднината на Европа се совпаѓаат со нашите, како и дека немаме алтернатива.

„Нашиот стратешки интерес останува ист – да донесеме повеќе Европа дома, а да ја однесеме Северна Македонија во ЕУ“, рече Османи.

Според него, фокусот во моментов е секако на Бугарија и оти се уште најдобрата опција останува со добра волја да се интензивира спроведувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и враќање на довербата од страна на Бугарија во неговата ефикасност и имплементација.

Потсети дека и покрај тоа што имавме турбулентна и тешка година, пандемија и постојана криза, членството во НАТО беше еден од најзначајните успеси што на земјава што го одбележа почетокот на годината, а добивме и одлука за почеток на преговори со ЕУ.

„Ја дочекавме и одлуката на 27 земји-членки за почеток на преговори со Европската Унија. Гледано од денешен аспект можеби делува збунувачки фактот што Советот на ЕУ сѐ уште не може да ја усогласи содржината на преговарачката рамка, но тоа не треба да го намали значењето на одлуката од март. Таа е одлуката која ја чекавме без малку 15 години, тоа е одлуката што сме ја побарале во 2004, тоа е одлуката за која сме се стекнале со статус на земја – кандидат уште во 2005 година. Тоа е одлука за која од 2008 година нижеме препораки од страна на Европската Комисија, без разлика кој е на власт или во опозиција. Едноставно беше фер и правично што и таа конечна одлука ја дочекавме заедно“, рече Османи.

Османи потсети дека како нова членка на НАТО веднаш бевме сведоци на силната солидарност од нашите сојузници, кои обезбедија помош за нашиот здравствен сектор и за справување со последиците од ковид-19.

„Како земја длабоко интегрирана во европскиот политички систем, Северна Македонија беше вклучена и во Европскиот договор за јавни набавки за медицинска опрема и Системот на ЕУ за брзо предупредување за заразни болести. Понатаму ЕУ ја ослободи земјава од рестрикциите за извозот на медицинска опрема, ставајќи ја со тоа под внатрешниот заштитен чадор на Унијата, рамо до рамо со земјите – членки“, потсети Османи, додавајќи дека ЕУ директно обезбеди 66 милиони евра за итни потреби при справувањето на Северна Македонија со кризата со корона вирусот.

Како прв приоритет на неговиот мандат, како што кажа, ги поставил добрососедските односи, односно „да го преминеме скалилото на добрососедство, и да ги отвориме можностите за длабоко и долгорочно пријателство со сите наши соседи“.

„И повторно, гледано само од денешниот агол и однесувањето на нашиот сосед Бугарија, оваа амбиција не влева оптимизам, туку повеќе делува утопистичка и неостварлива. Но ве уверувам, тоа не е така. Не случајно мојата прва официјална посета беше токму во Софија, и од тогаш наваму комуникацијата меѓу министерствата за надворешни работи, воопшто меѓу двете држави постојано се интензивира на повеќе нивоа. Беа разменети бројни документи во форма на предлог меморандуми, нон-пејпери, предлог декларации итн., како креативна можност да се најде компромис кој ќе врати довербата во процесот без да предизвика нарушување на идентитетските атрибути на македонскиот народ, македонскиот јазик, како дел од современата актуелност на Северна Македонија. И оваа црвена линија не само што никогаш не сме ја преминале, туку под целосна одговорност ви тврдам дека за овие прашања никогаш не сме ни преговарале“, истакна Османи.

Оваа тема, според него, не е затворена, и за неа веројатно ќе се разговара и во иднина, но она што сега е важно е што нерешените прашања со Бугарија директно го предизвикаа неуспехот на Советот на ЕУ да ја утврди содржината на преговарачката рамка, а ни заклучоците за проширувањето на Западен Балкан.

Подвлече дека реформи дома ни се потребни нам, на нашите граѓани и затоа тие мора да продолжат со европски пристап, но, вели, ние мора да продолжиме и активно да работиме на сите прашања кои можат да претставуваат пречка за нашите европски интеграции.

Подвлече дека од аспект на поширокиот меѓународен контекст, стратешкото партнерство со САД претставува еден од најважните столбови на нашата дипломатија, како нераскинлив дел од севкупната државна стратегија.

Истакна дека во 2021 ќе продолжат да се пополнуваат испразнетите амбасадорски места со што, рече, ќе се зајакне дипломатско-конзуларната мрежа.

Османи заклучи дека најважен приоритет останува нашиот пат за членство во ЕУ.

„Главен приоритет во дипломатските активности на МНР од аспект на ЕУ во 2021 повторно ќе биде даден на напорите за што побрзо активирање на преговарачкиот процес кој треба да започне веднаш по одржувањето на првата Меѓувладина конференција, завршување на билатерален скрининг, подготовка на првите патокази за кластерот Фундаменти, интензивирање на комуникацијата со ЕУ институциите и земјите-членки“, заклучи Османи во обраќањето пред членовите на собраниската Комисија за надворешна политика.

Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ запраша кој ќе ја сноси политичката одговорност за тоа дека не добивме ниту преговарачка рамка, ниту датум за преговори.

„Министерот Османи, премиерот Заев и министерот Никола Димитров пред целата македонска јавност не само што обзнанија дека имаме датум за почеток на преговорите со ЕУ, туку имаше и своевидни прослави на тој датум, имаше билборди, музички настани, и слично. Истиот министер денес пред нас кажува дека датум нема. Нема ниту заклучоци за жал, ниту преговарачка рамка, уште помалку датум за почеток на првата меѓувладина конференција. Моето прашање е, кој ја носи политичката одговорност за ваквиот неуспех“, праша Милошоски.

 

Можеби ни треба регистар на погрешни перцепции на граѓаните за криминалот и корупцијата во државата.

повеќе

Младите бараат подобар живот надвор од државата, бидејќи доаѓаат до заклучок дека приватните компании и странските организации им пружаат поголема поддршка и повеќе ги вреднуваат отколку сопствената држава.

повеќе

Во САД и некои други земји, припадниците на загрозените расни и етнички малцинства имаат пократок животен век од просечниот, и поради тоа не се доволно застапени меѓу оние за кои најмногу се очекува дека ќе починат од ковид-19.

повеќе