„Различните групи и поединци се фокусираат на суштински прашања кои се важни за граѓаните и за идниот процес на преговори: македонскиот јазик ќе стане официјален јазик на Европската Унија, чисто формулиран и без ниту една забелешка или објаснување наведени во преговарачката рамка; протоколот, како и делот кој упатува на историските прашања, остануваат во сферата на билатералните односи и не се дел од Преговарачката рамка; oдобрувањето на овој предлог ќе значи одржување на првата Меѓувладина конференција, започнување на процесот на скрининг – суштинско отворање на преговорите во полн капацитет – и тоа веднаш“!, напиша претходно Османи на неговиот фејсбук-профил.
Процесот на консултации, додава, продолжува меѓу Владата и другите институции, заинтересирани групи и целокупната јавност, по што Владата ќе ја донесе конечната одлука.
А на попладневниот владин брифинг со новинарите посветен на новиот француски предлог, беше речено дека постои и можност по предлог на МНР и консултации со претседателот на Републиката и „други чинители во државата“, тој да биде прифатен на владина седница, без за него да расправа Собранието.
Самиот Османи на брифингот кажа дека според него Собранието веќе се има изјаснето во поглед на евро - интеграцијата.
Премиерот Димитар Ковачевски рече дека се залага за широки консултации во државата и дека во таа насока ќе биде вклучено Собранието.
Предлогот, како што вели Османи, по 17 години ѝ дава земјава да го фати последниот воз и да стане членка на ЕУ,
Бугарските позиции беа дека не треба да има македонски јазик во ЕУ и дека по примерот на Србија во преговорите со ЕУ од поглавјето 35 во поглед на билатералните односи со Косово, треба да има поглавје 35 и со Македонија во кое би се вметнале сите историски и билатерални односи, вели Османи правејќи споредба со претходниот предлог.
„Сега имаме рамка во која имаме чист македонски јазик кој станува дел од ЕУ, којшто станува и официјален јазик на ЕУ, без придавки и додавки. После децении, откако ова прашање е затворено во ООН, сега се затвора и во ЕУ. Тоа е голем успех во овој процес, ако се има предвид какви беа барањата на Бугарија“, нагласува Османи и рече дека тоа беше барање и на граѓаните.
Конечно, како што нагласи, потпишан е првиот документ со ЕУ на македонски јазик, односно со Фронтекс, нешто што Бугарија со години го блокираше.
„Ако кажеме 'да', веднаш се усвојува рамката, а утредента може да се одржи прва меѓувладина конференција. ЕУ ќе каже: Добредојдовте на отворањето на преговорите за Република Северна Македонија и таа е изјавата за отворање на конференцијата и за почеток на скринингот. Почнуваат преговорите како што ги имаат почнато сите земји“, изјави вечерва министерот за надворешни работи Бујар Османи.