Османи: Не поставувам ултиматум ни до Бугарија ни до ЕУ, само ја појаснувам фактичката состојба

Македонија нема ништо против да ја внесе бугарската заедница во Уставот, заедно со другите заедници коишто се спомнати таму, бидејќи ако по нешто сме препознатливи во светот, тоа е по односот на државата кон заедниците, но сензитивноста е во непредвидливоста на процесот и токму за тоа се разговара во моментов со Софија, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи.

„Северна Македонија има постигнато уникатен модел на функционална мултиетничка демократија. Покажа дека на Балканот може да функционираат мултиетнички демократии, коишто може да бидат референтен модел и за другите држави, па и пошироко. Токму основата на европските вредности е во мултиетничноста и ние тоа го постигнавме и сме спремни да го прошириме во однос на сите етнички заедници. Сензитивноста е во непредвидливоста на процесот. Меѓутоа тоа е дел од разговорите коишто ги водиме со Република Бугарија“, рече Османи на заедничката прес-конференција со австрискиот министер Александер Шаленберг.

Тој појасни дека во неговата неодамнешна изјава не поставил никаков ултиматум до бугарскиот претседател Румен Радев или до Европската Унија, туку само се обидел да ја појасни фактичката состојба.

„Тука не зборуваме за ултиматуми или за условување кон ЕУ или Бугарија, туку тоа е појаснување на фактичката состојба. Како поминува времето, се јавува обесхрабрување и сето тоа има последици и врз домашната политичка сцена и врз можноста граѓаните и политичките елити да го даваат својот придонес во овој процес“, рече Османи.

Според него, колку повеќе се одолговлекува процесот, толку тој станува поразводнет. „Ова е одлична и последна можност во која има концентриран политички капитал, тоа е проценка, а не ултиматум“, рече Османи.

Министерот додаде дека Договорот за добрососедство останува обврска за Северна Македонија, независно од исходот во јуни, а исто останува и заложбата за унапредувањето на правата на граѓаните со бугарска самосвест.

„Овој процес е многу созреан изминатите месеци и години и за секој елемент во процесот има решение, проблемот е како сето тоа да се опфати во еден сеопфатен договор за да нема утре нови прашања, нови елементи и создавање непредвидливост“, рече Османи.

Тој рече дека на сложувалката, која полека се составува во насока на решавање на спорот со Бугарија, ѝ фали лепилото, а тоа, како што кажа, е политичка волја во моментов за ги стави елементите во еден сеопфатен процес, кој ќе значи ново поглавје за нашата држава и за односите на Западен Балкан со ЕУ.

На прашањето дали ќе поднесе оставка доколку во јуни не се тргне ветото, Османи рече дека ова е опозициско гледиште, а според него опозицијата има две сценарија.

„Ако процесот успее ќе вика ‘уа предавници‘, ако не успее ‘уа неспособни‘, значи ќе бидеме или предавници или неспособни“, истакна Османи.

Тој додаде дека успехот не треба да се цени само во однос на тоа дали ги почнуваме преговорите, туку пред сѐ дали се штитат државните интереси, како и дека помалку важни се кариерите на политичарите, отколку државните интереси, кои имаат историски значење.

Минатата недела во јавноста се актуелизираше дискусијата за концептот на даночната реформа.

повеќе

Војната во Украина ја разоткри вистината за Русија, но и вистината за Европа. 

повеќе

Несанкционирањето на овој говор доведува до повторување, ширење и злоупотреба на овие аномалии како еден вид „нормализиран“ начин во политичката борба против поединци и групи со различни мислења.

повеќе