Османи: Не одговараме за честитките што ги примал Фрчкоски на социјалните мрежи

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денеска повторно изјави дека Министерството во ниту еден момент не спомнало дека Љубомир Фрчкоски е кандидат за амбасадор во САД.

Според него, тоа биле информации кои се појавувале во медиумите, а МНР ниту објавило ниту демантирало.

„Процедурата за именување на амбасадор од моментот на предлагање на министерот за надворешни работи, преку координација со Владата и претседателот на државата па сѐ до добивање агреман е дискретен процес во рамки на доверливи информации и затоа Министерството за надворешни работи не се има произнесено за кој било кандидат“, рече Османи.

Инаку, информацијата за Фрчкоски како кандидат за амбасадор на земјава во САД беше објавен пред повеќе од еден месец и МНР не реагираше на тие информации, а на забелешката од новинарите дека Фрчкоски на социјалните мрежи примал честитки, Османи рече дека не одговараат за тоа.

„Тоа е прашање кое никогаш не беше потврдено од МНР,“ изјави тој.

МКД.мк веќе објави дека Љубомир Данаилов Фрчкоски, за кого неодамна беше објавено дека ќе биде новиот македонски амбасадор во Вашингтон, од САД не ја добил согласноста за оваа дипломатска функција, бидејќи таму имало извесни резерви.

Османи не сакаше да ги коментира и неофицијалните информации дека поранешниот заменик министер за надворешни работи, Андреј Жерновски е кандидат за амбасадорското место во Вашингтон, со објаснување дека тоа излегло во медиумите, но не било отворено во Министерството за надворешни работи и за тоа не било разговарано.