„Во бугарската делегација во Битола имаше луѓе дојдени да провоцираат“

Османи: Не е проблем клубот, туку неговото име, Бугарија да објасни зошто им се важни личности како Ванчо Михајлов

Не е проблем отворањето на клубот во Битола, туку името што му е дадено и Бугарија ќе треба да објасни пред еврејската заедница и пред светот зошто им се важни личности како Ванчо Михајлов, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи.

На брифингот со новинарите тој рече дека ние сме демократска држава во која сите граѓани и сите заедници подеднакво ги уживаат сите права и навистина нема да дозволиме алиби дека овде се газат човекови права на која било етничка заедница, вклучувајќи ја и бугарската.

„Не дозволивме да потпаднеме под провокацијата при отворањето на културниот клуб на бугарската заедница во Битола. Некои луѓе во бугарската делегација беа дојдени со цел да провоцираат реакција која ќе им биде алиби пред Европа и светот, дека во Северна Македонија се газат човековите права и правата на етничките заедници. Не е моја должност да се грижам за имиџот на Бугарија кои личности ги чествуваат, имаат тие МНР кое треба пред еврејската и светска заедница да објаснат зошто им се важни некои личности “, изјави Османи.

Тој информираше дека барањето за посета на бугарската делегација на отворањето на културниот дом во Битола пристигнало од потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, а потоа се приклучил и бугарскиот премиер Кирил Петков.

„Се разбира дека една од нашите претпоставки беше дека посетата, токму на центар кој носи име што овде е контроверзно може да има и задни намери, а тоа е дека спорот е спор на човекови права и дека бугарската заедница не ги ужива своите права тука и не ги исполнуваме Копенхашките критеруми“, изјави Османи.

Тој уште кажа дека отворањето на клубови на бугарска заедница е апсолутно неспорно во Република Северна Македонија.

„Бугарската заедница има таква можност, слобода и охрабрување да се организира и да ги манифестира своите културни и идентитетски атрибути во која било форма, но не на начин што ги провоцира или го вознемирува останатите граѓани. Сметам дека тоа беше несреќен избор на име на клуб и не можам да кажам кои се намерите позади тоа“, изјави Османи.

Но, како што кажа тој, преговорите со Бугарија продолжуваат.

„Процесот на разговори со Бугарија продолжува, нема да подлегнеме на провокации ниту на емоциите. Но ние не можеме да ги внесеме Бугарите во Уставот пред завршувањето на процесот.

Не можеме да ги прекинеме преговорите со Бугарија, и да ги замрзнеме, бидејќи после 10 години пак ќе треба да се вратиме и тогаш ќе биде потешко. Ако сега правиме политика со емоции, ќе се отрезниме на најтежок можен начин. Мора да продолжиме на европскиот пат, бидејќи немаме алтернатива, но ќе кажуваме и што може а што не може. Ова е тежок процес, во кој не добивме поддршка од јавноста, но некој мора да го води“, рече Османи.

Одговарајќи на новинарски прашања, тој дополни дека фактот што македонскиот државен врв не бил во Битола, говори дека за нас е неприфатливо клубот да го носи името на Ванчо Михајлов.

„Дадовме јасна порака со тоа што не бевме дел од настанот со отворањето на клубот. Таму имаше луѓе од бугарска страна кои дојдоа со цел да провоцираат, но имаше и луѓе кои дојдоа за да ги спасат разговорите, како премиерот Петков“, рече Османи и додаде дека не успеал наративот дека Македонија не почитува човекови права – наратив што сакала бугарската страна да го прикаже, и дека државава излегла како победник од обидот за провокација минатиот викенд.

 

Концептот е насочен кон креирање на оптимален даночен систем, кој ќе го поддржи економскиот раст, а со тоа и животниот стандард на нашите граѓани.

 

повеќе

Иако е важно да бараме решенија за нашата заедничка историја и да се обидеме да ги разликуваме фактите од пропагандата, зарем не е исто така важно да научиме да живееме заедно и покрај нашите различни и силно политизирани гледишта?

повеќе

Нашето општество е социјално неправедно, а социјалната неправда е, и ќе биде погубна.

повеќе