Османи им се извини на медиумите, во иднина ќе биде „попрецизен“, но не се откажува од тужби

Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, овојпат во улога на портпарол на ДУИ испрати писмена изјава до медиумите во која ја објасни неговата изјава во врска со скандалот во ПИОМ и најавата за тужби до медиуми за „тенденциозно изнесени невистини“.

Изјавата на Османи ја пренесуваме во целост.

„Заштитата на јавниот простор и слободата на јавното информирање, претставуваат наша обврска не само како политичари чија централна позиција претставува европска Македонија, туку и лично како луѓе чиј вредносен систем е изграден на основа на западните правила и норми.

Но, заштитата на јавниот простор не може да се обезбеди преку заштита на намерните шпекулации и манипулации, преку заштита на лагата и лажните вести, преку заштита на оние чија цел е неправедна дискриминација, нанесување неоснована штета итн.

Медиумите имаат право да известуваат и да се сомневаат, и тоа никогаш не претставувало проблем, ниту таквите прилози ги сметаме за злонамерни и, поради тоа, поголемиот дел од медиумите немаат потреба ниту да се извинуваат, ниту имаме намера да поднесеме тужби. Ако мојата изјава, која секако ја дадов како портпарол на партијата ДУИ, некои од овие медиуми ја сфатиле како закана, дозволете јавно да се извинам и да се обврзам во моите наредни изјави да бидам попрецизен.

Но, постојат политичари, претставници на мали партии, кои изразија директно обвинување за криминал и кражба, без притоа да имаат ниту тронка основа за сомнеж за ваквото тврдење. Тоа е неприфатливо, и затоа апелирам да ја сфатат грешката, да прифатат дека згрешиле или избрзале, нешто што веднаш ќе го прифатиме и ќе го поздравиме. Во спротивно, навистина ќе бидеме приморани и ќе поднесеме тужба за тенденциозно изнесените невистини.

Слична порака сакам да упатам и до оние медиуми и портали-познати претставници на лажните вести, кои не пропуштија да се скандализираат со овој случај, и тие да шират директни обвинувања, намерни лаги и да креираат целосни лажни вести без никаква основа. Наша цел е да го заштитиме јавниот простор, оставајќи им можност да ги демантираат невистините, да се извинат, во спротивно некои од медиумите ќе мора исто така своите тврдења да ги докажат на суд“.

 

Оваа појава почнува да претставува сериозна закана за учениците, но и грижа за родителите и наставниците.

повеќе

Пробацијата претставува клучна новина во реформата на нашиот пенитенцијарен и казненоправен систем и приоритетна цел на владината политика.

повеќе

Анализа на проф. д-р Гордан Калајџиев на Решението У.бр.96/2016 од Уставниот суд.

повеќе