Средбата на шефовите на дипломатиите ќе претходи на средбата на врвот на процесот утре во Софија, на кој ќе бидат лансирани новиот Акциски план за воспоставување на Заеднички регионален пазар и Зелената агенда за Западен Балкан кои беа подготвени под водство на Европската комисија и Советот за регионална соработка
Поради ситуацијата со ковид-19, средбата на министрите за надворешни работи ќе биде организирана преку видеоконференциска врска, чиј домаќин ќе биде бугарското МНР.
Копретседавачи на средбата во он-лајн формат се шефот на дипломатијата Бујар Османи и неговата бугарска колешка Екатерина Захариева. Во рамки на состанокот ќе се одржи пленарна сесија, на која ќе бидат разгледани можностите и предизвиците пред Берлинскиот процес за Западен Балкан во контекст на мерките за изградба на доверба и за подобрување на регионалната соработка, вклучувајќи подобра поврзаност меѓу луѓето и инфраструктурата.
Фокус на разговорите на министрите ќе биде темата за младите и граѓанското општество во Западен Балкан. Во рамки на предвидени сесии, министрите за надворешни работи ќе имаат можност да ги споделат своите ставови и искуства во однос на предизвиците и можностите на Берлинскиот процес, креираните мерки со цел градење доверба и подобрување на регионалната соработка, вклучително и преку подобра поврзаност и мобилност меѓу луѓето од земјите на Западен Балкан, со посебен фокус на младите и граѓанското општество.
Освен државите од Берлинскиот процес, на средбата во Софија онлајн ќе се вклучат и претставници на Европската комисија, на Советот за регионална соработка и на Регионалната канцеларија за младинска соработка во Тирана (RYCO).
По завршувањето на видео-конференцијата на министрите, ќе се одржи прес-конференција на двајцата ко-претседавачи Османи и Захариева во он лајн формат.
Во рамки на заедничкото претседателство, ќе се одржи и ТинкТенк Форум организиран од страна на Институтот за демократија социетас цивилис – Скопје во соработка со Европскиот совет за надворешна политика (ECFR), од Софија. Во рамки на ТинкТенк форумот, согласно агендата, предвидено е поздравни обраќања да имаат министрите Османи и Захариева.
Берлинскиот процес е политичко-дипломатска иницијатива, која почна во август 2014 година од страна на германската канцеларка Ангела Меркел.
Учесниците во процесот се земјите од Западен Балкан – Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора, а нејзини ко-спонзори и поддржувачи се неколку земји-членки на ЕУ како Германија, Франција, Австрија, Италија, Велика Британија, Полска, Грција, Хрватска, Словенија и Бугарија.