Османи: Бугарија не ги спори идентитетските атрибути, туку нивната историска основа

И државата и македонските граѓани се разочарани од бугарската блокада за преговарачката рамка лани во декември, оценил министерот за надворешни работи, Бујар Османи на средбите во Брисел и во Луксембург каде што со домаќините разговарал за последиците од блокадата за старт на преговорите на земјава со ЕУ, нивното влијание врз ентузијазмот кај населението за евроинтеграциите, како и одлагањето на почетокот на вакцинацијата.

Османи во разговор за МИА изјавил дека неуспехот на ЕУ Македонија да ги почне преговорите има „опасни последици“ за целиот регион на Западниот Балкан.

„Последиците се во влегување на регионот во голема непредвидливост во однос на ЕУ перспективата. Знаете дека не успеа ни преговарачката рамка за Северна Македонија, но ни заклучоците за целиот регион, така што целиот регион влегува во непредвидливост, а во овие околности непредвидливоста е поопасна од негативен исход од некои процеси, затоа што тешко се подготвувате и се браните од непредвидлив период. Ние инсистираме на предвидливост“, вели Османи.

Бугарската блокада, која делумно се гледа и како последица на предизборната атмосфера кај нашиот источен сосед, се однесува на повеќе прашања, вклучувајќи и чувствителни историски и идентитетски. Според Османи, сепак, полека се „кристализира“ бугарската позиција и станува појасно дека Софија „не ги спорат идентитетските атрибути“.

„Нашите црвени линии во однос на идентитетските карактеристики како јазикот, народот, етничката припадност се јасни и бескомпромисни и драго ми е што Бугарија го искристализира својот став дека не ги спорат идентитетските атрибути. За да пристапите кон проблем треба добро да го дефинирате, постојат различни перцепции и кај нас и во Бугарија, и во ЕУ. Ние не разговараме за идентитетските атрибути, прашањето што го покрена Бугарија се историската основа на тие атрибути. Наш став е дека за историја може да разговараме во функција на образованието и во коригирање стереотипи кои ги прикажуваат нашите народи како непријателски“, изјавил Османи.

Според него, земјата е посветена на спроведување на Договорот за добрососедство и на работата на заедничката Комисија за историски и образовни прашања и треба да се работи на учебниците и „карактеризации од минатото“ кои ги повредуваат чувствата на бугарскиот сосед, како на пример употребата на епитетот „фашистички.

„Мислам дека нема потреба да се квалификуваат народите врз основа на политичката ориентација на елитите од минатото, ниту сметам дека Германците или Италијанците или Бугарите се фашисти. Конкретната политичка ориентација на една елита од минатото не може да ни ги зароби односите со соседите и ако тоа е навредливо за Бугарија, нема да прифатам нешто што е навредливо за соседите, дури и ако сум во право. Тоа е најнормално помеѓу два соседи“, изјави Османи.

Тој додава дека на овие прашања треба секојдневно да се работи, но дека поради потреба да се разговара рационално и без емоции, најверојатно атмосферата ќе биде попозитивна по изборите во Бугарија.

Околу барањето на Бугарија да се вметне посебно поглавје во рамката за преговорите со земјава посветено на историските прашања, Османи вели дека тоа е нешто што ниту самата ЕУ не го прифаќа.

Според него, Северна Македонија е „растоварена од таа дебата“, која е во ЕУ и треба да покаже дали Унијата ќе го одржи процесот на преговори или ќе има тотална девијација.

Според Османи, тоа што годишниот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација за земјава, кој требаше да се одржи на крајот на овој месец, е откажан, додека оној за Албанија останува закажан како што беше планирано на 1 март, не треба да се интерпретира како притисок врз Северна Македонија.

„Мислам дека е многу важно да имаме конкретен процес на преговори и да има повеќе содржина на наредниот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација. Одржувањето на Советот заради почитување на формата, но без супстанца, без напредок, не е во наш интерес“, смета тој.

Османи се осврна и на прашањето за доставата на вакцини од ЕУ за Западниот Балкан, нагласувајќи дека довербата од страна на Владата во Унијата околу вакцините била заснована на конкретни докази.

„Владата покажа доверба кон механизмите на ЕУ и стана дел од овие механизми и очекуваше да биде успешно и тоа не беше без основа. Претходно имаше успешна испорака на медицинска помош и заеднички набавки. ЕУ беше со нас цел период на пандемијата и создаде доверба дека овој процес ќе биде функционален. Ние сме колатерална штета на тој колективен систем на набавка, како што се и Италија и Хрватска, не гледам зошто ние би се разликувале“, рече Османи.

Тој, сепак, признава дека критиките кон стратешката комуникација на ЕУ во овој дел се оправдани.

„Можеше во стратешката комуникација ЕУ да се постапи подобро, за да не се случи геополитичката компетиција што ја гледаме сега и завршува со вакцинирање со кинески вакцини“, додава тој.

 

Да бидеме реални: регионот на многу начини сè уште е претежно (погрешно) разбран и (погрешно) третиран и меѓународно се нарекува „бурето барут на Европа“.

повеќе

Јане бил свесен дека деновите му се одброени и отворено говорел за тоа. Знаел дека многумина имаат причина да го ликвидираат, дека им пречи во остварувањето на нивните „повисоки цели“.

повеќе

Во македонскиот интернет простор постојано се појавуваат и гаснат портали, со што засекогаш исчезнуваат и објавените содржини.

повеќе