Радио слободна Европа

Орбан со Груевски ѝ покажува мускули на Европа

Со давањето политички азил на избеганиот македонски политичар Никола Груевски, премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, ја нагласува својата амбиција за лидер што сака да ја смени политиката во Европа и создава слика дека не му е гајле што мисли Брисел, вели Тамаш Бодоки, уредник и директор на унгарскиот истражувачки портал Атлазо, во интервју за „Зошто?“ на Радио слободна Европа.

Зошто: Каква реакција во Унгарија предизвика одлуката за доделување политички азил на Груевски? Се чини дека опозицијата и независните медиуми доста силно реагираа и ја критикуваа владата на премиерот Орбан?

Бодоки: Работата е во тоа дека владата на Орбан ја гради својата политика и кампањите на мошне силен антиимигрантски став, и оваа одлука да прими мигрант што е политички изложен и осуден за корупција предизвика големи реакции во унгарското општество, особено од страна на опозициските партии и независните медиуми, кои се вознемирени поради ова.

Најинтересно во врска со оваа одлука е тоа дека Орбановата влада неодамна усвои правило дека помошта на нелегалните мигранти е кривично дело казниво со казна затвор, а потоа, по неколку месеци, се случи самата влада да му помогне на господинот Груевски да избега од Македонија во неговиот пат кон Унгарија.

Некои велат дека тие го прават токму она поради што го усвоиле новиот закон што тоа го третира како кривично дело.

Тоа е смешна ситуација.

Зошто: Дали оваа одлука може да влијае на популарноста и рејтингот на премиерот Орбан и на владата?

Бодоки: Орбан е многу успешен во воспоставувањето контрола врз медиумскиот сектор во Унгарија, па горе-долу сите водечки медиуми со голема публика се под блага контрола на владата.

Овие медиуми очигледно не известуваат критички за оваа одлука.

Шокот е присутен само во независните медиуми и кај опозицијата, кои не можат да допрат до целото унгарско општество.

Така, времето ќе покаже дали луѓето ќе слушнат за овој случај и како ќе реагираат на тоа.

Зошто: Како медиумите контролирани од владата или оние што ѝ се блиски известуваат за тоа?

Бодоки: Објаснувањето е дека г. Груевски е исфрлен од власта од агенти на Сорос во Македонија, што значи дека Сорос стои зад тоа.

Во Унгарија Сорос го пикаат секаде, па што и да се случи, Сорос има улога во тоа.

Во владината комуникација во врска со овој случај се вели дека просоросовските политички сили, или силите поврзани со Сорос, ја презеле власта во Македонија и покренале обвиненија против г. Груевски, па тој поради тоа бил политички бегалец, а сето тоа, велат, е поради тоа што г. Груевски водел антимигрантска политика и не сакал да им дозволи на мигрантите да минуваат низ Македонија.

Ова било причината зошто господинот Сорос и неговите сојузници станале вознемирени поради него и сега тој бил легитимен политички бегалец.

Зошто: Како опозицијата и независните медиуми ја гледаат оваа ситуација? Имаше информации за деловни односи меѓу Орбан и Груевски, за преземања медиуми на луѓе блиски до владата на Орбан во Македонија? Како тие го толкуваат ова?

Бодоки: Би рекол дека постојат различни теории за ова, но ништо не е докажано.

Јасно е дека Груевски и Орбан се долгогодишни сојузници, имаат исти ставови и политики, а Орбан му помогна на Груевски во изборните кампањи неколку пати, па очигледно е дека двајцата лидери се блиски.

Но Орбановото давање засолниште на Груевски е изненадувачко.

Зошто: А деловните односи? Дали независните медиуми се занимаваат со ова?

Бодоки: Што се однесува на деловните врски, јас лично ги истражував преземањата медиуми.

Во основа, луѓето блиски до владините кругови во Унгарија почнаа да инвестираат во медиумите што го поддржуваа Груевски, тоа е факт, но не беше многу познато познато дека тоа се случило, така што ова е само уште една приказна од страна во случајот Груевски.

Зошто: Европскиот комесар за проширување рече дека очекува аргументирано образложение на одлуката, САД соопштија дека Груевски имал фер-судење во Македонија. Орбан веќе е во судир со Брисел во врска со владеењето на правото и зошто би се впуштал во ова и би си отежнувал себеси?

Бодоки: Мислам дека Орбан веќе игра на европски терен, има европски аспирации, има цел да стане еден од лидерите на Европа, не само на Унгарија, бидејќи Унгарија веќе ја има освоено.

Тој сега има поголеми аспирации и дел од овие амбиции е да создаде регионален сојуз со земјите од регионот, а сака и да направи сојуз со антимигрантските антифедералистички сили.

Зошто: Значи ова би можело да биде добра можност да ја покаже својата сила?

Бодоки: Тој сака да покаже дека има амбиции на европско ниво, сака да ја промени политиката на европско ниво.

Антибриселската реторика веќе со години е присутна во неговата политика, тој има јасни намери да ја смени европската политика, а ова може да биде добра реклама за тоа.

Зошто: Тоа би можело да значи дека не го интересира реакцијата на Брисел?

Бодоки: Јас не знам што мисли господинот Орбан, но неговиот имиџ е таков што изгледа како да не му е гајле.

За жал многумина, а особено оние што треба, не може да ја видат историската димензија на оваа посета на еден папа на нашата земја.

повеќе

Кога знаеме како функционира кризата на претставеност, можеме да спречиме повторување на историјата, кое можеби овој пат би имало и многу полоши последици по демократското општество.

повеќе

Деновиве Владата донесе одлука за формирање на ново министерство. А и така, по глава на жител, верувам, рекордери сме по министерства и министри. Оттука, размислував зошто да не предложам да се формира уште едно – за „спречување автоголови".

повеќе