Македонија-Бугарија

Oпозицијата предупредува на предавство од Заев и Бучковски, власта вели нема тајни преговори со Софија

Нема никакви тајни преговори, македонските позиции се јасно и гласно декларирани и со тоа се запознаени и ВМРО-ДПМНЕ и домашната јавност и пошироката меѓународната заедница, изјавија вчера од Владата за МИА, откако од ВМРО – ДПМНЕ обвинија дека се водат тајни преговори со Бугарија и побараа одговор за тоа дали е точно дека премиерот Зоран Заев ги прифаќа бугарските позиции.

„Секој ден нов антидржавен потег на раководството на ВМРО-ДПМНЕ – токму тоа се неточните и неодговорни изјави со кои свесно ги поткопуваат дипломатските процеси кои се во насока на откочување на евроинтегратиовниот процес на Северна Македонија што би требало да е заеднички интерес“, изјавија од Владата за МИА.

Во сите комуникации на членовите на Владата, наведуваат од Владата за МИА, во секоја прилика се потенцира дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет никогаш не биле и никогаш нема да дозволиме да бидат на масата за преговори со која било страна.

„Очекуваме во важни периоди за државата максимална одговорност од сите чинители, а не популизам со манипулации за ситно партиски интереси“, посочуваат од Владата.

За обвинувањата од ВМРО – ДПМНЕ премиерот Зоран Заев, вчера изјави дека не се преговара за нов договор со Бугарија, туку се бараат формулации за преговарачката рамка со ЕУ. Повтори дека не се преговара за македонскиот идентитет и македонскиот јазик.

„Ние немаме преговори, ниту пак правиме нов договор со Бугарија, се бараат формулации за делот на преговарачката рамка што ја носи Европскиот совет, значи одлуката е таму, не се одлучува нешто во Бугарија или во Северна Македонија“, рече Заев.

Тој повтори дека предлогот за кој се разговара во европските институции билатерално помеѓу двете земји е португалскиот и оти првичните реакции од бугарска страна не се негативни.

„И од наша страна рековме дека е добра основа и да му дадеме шанса на процесот затоа што за нас е важно тоа што го сфати цела ЕУ, а гледам го сфаќа и пријателска Бугарија – македонскиот јазик и македонскиот идентитет се неприкосновени и за нив нема никакви разговори. Ова го соопштивме јавно, секаде и на сите состаноци во Брисел – додека е на маса или некој има намера да го стави на маса, за разговори и преговори, македонскиот јазик и македонскиот идентитет ние не преговараме. А сега гледате дека разговараме, значи ова прашање е тргнато на страна“, рече вчера Заев.

Според него, неодговорните статуси на Фејсбук од страна на опозицијата и коментарите во јавноста, не ѝ носат добро на државата, потенцирајќи дека државата мора да чекори напред и да наоѓа решенија.

Во однос на тоа дали ја прифаќаме декларацијата на бугарското Собрание, тој  одговори дека не ја прифаќаме, повторувајќи дека португалскиот предлог води грижа и внимание и за двете страни и оти се надева на можно решение, без, како што рече, да ги подгрева очекувањата, бидејќи Бугарија има сѐ уште техничка Влада.

„Ние продолжуваме со нашата европеизација, но би било добро и чесно да го одржат зборот – ни ветија и треба да испорачаат. Јас очекувам 22 јуни е првиот мегдан, следниот е септември, два три месеци разлика тоа да се реши. Затоа што имаме многу други предизвици, мора да почнеме со скринингот на целото законодавство, веднаш после тоа да ги отвориме првите поглавја, ќе гледаме како ни се европеизира државата, тоа е наша децениска тенденција што сме должни да ја оствариме“, нагласи вчера премиерот.

Ставовите на ВМРО-ДПМНЕ вчера ги изнесе Антонијо Милошоски, член на ИК на партијата и пратеник во Собранието во „Само интервју“ на Канал 5 телевизија. Тој изјави дека Бучковски по наредба на Заев е на тајни преговори во Софија за прифаќање на дел од барањата на Бугарија.

Милошоски порача дека не смее да се дозволи бугарската декларација да стане составен од преговарачката рамка затоа што таа нема никаква врска со стандардите за процесот на интегрирање.

„Сметам дека на Македонија треба да и се дозволи самостојно да си ја гради својата историографија. Затоа што нашиот однос кон Гоце Делчев е како кон еден темел на македонската државност. Тој темел на македонската државност не треба да е делив. Значи Гоце Делчев се жртвувал, работел, се борел и загинал за самостојна Македонија“,  рече Милошоски.

А лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера наведе дека смета оти е недоговорно да се врши национално предавство и да се преговара за историјата, јазикот и нашата посебност,

„Зоран Заев денес вели дека е неодговорно што сум објавил статус во кој споделувам информации од дипломатски кругови, а кои се однесуваат на преговорите кои ги води двоецот Заев-Бучковски со официјална Софија за потпишување на уште едно предавство на македонскиот народ, идентитетот и македонскиот јазик. Да, сметам дека е одговорно да се борам за националните интереси, секогаш и секаде. Но, потполно е неодговорно да вршиш национално предавство и да преговараш за историјата, јазикот и нашата посебност, рушејќи ги сите можни преговарачки позиции“, истакна Мицкоски.

На ваквите ставови на опозицијата вчера се осврна и министерката за одбрана Радмила Шекеринска. Таа ја повика опозицијата наместо да обвинува, барем еднаш, како што рече вчера, да помогне за националните цели.

Шекеринска посочи дека со Софија се разговара како да се надмине впечатокот што тие го имаат дека спроведувањето на Договорот за пријателство не е на посакуваното ниво, и да добиеме поддршка за почеток на преговорите.

„Мислам дека сите овие прашања се прашања коишто треба да ги поставите на луѓето коишто се вклучени во преговорите. Меѓутоа, мислам дека тие веќе ви дале одговор. Дискутираме како да го надминеме впечатокот кој го има Бугарија дека спроведувањето на Договорот за пријателство не е на нивото кое што го посакуваме, но најважно од сѐ е дека дискутираме како да ја добиеме и нивната поддршка бидејќи останатите држави членки на ЕУ се сложни да ги почнеме преговорите и да се организира првата меѓувладина конференција“, рече вчера министерката Шекеринска.

Во одговор на новинарско прашање за обвинувањата од опозицијата за национално предавство, таа посочи на изјавата на Заев дека идентитетските прашања не се на масата за разговори со Бугарија. „Премиерот имаше многу јасна изјава дека темите коишто се однесуваат на нашиот идентитет, прашањето од типот на македонски јазик, македонски идентитет не дозволува да бидат ставени на масата за преговори. Но, за сите други прашања коишто значат добри меѓусоседски односи и кои можат да ни ги отворат европските врати сме подготвени да дискутираме затоа што имаме доверба во себе, во нашата држава, во нашата историја и во нашиот идентитет“, рече Шекеринска.

Министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас по средбата во Приштина со шефицата на косовската дипломатија Доника Грвала-Шварц, како што јави вчера дописничката на МИА од Атина, порача дека силно го поддржува одржувањето на првата меѓувладина конференција со Албанија и Македонија, што е можно поскоро, идеално овој месец.

 „Грција континуирано, веќе две децении, се залага за ЕУ интеграција на Западен Балкан. Владата на премиерот Мицотакис останува цврсто приврзана кон оваа обврска. И презедовме неколку иницијативи во врска со ова. Ние силно го поддржуваме одржувањето на првата меѓувладина конференција со Албанија и Северна Македонија, што е можно поскоро. Идеално овој месец“, истакна Дендиас.

Додаде дека Грција уверила дека Западен Балкан останува високо на агендата на ЕУ, а тоа го прават, не од интерес, туку од „цврсто верување дека регионот треба да биде составен дел од европскиот експеримент“ и „Западен Балкан припаѓа на Европа и треба да биде составен дел од ЕУ“.

Во меѓувреме, Советот на ЕУ одби пристап до содржината на словенечкиот нонпејпер за Балканот. По формално новинарско барање преку воспоставените правила за достап до информации за увид во содржината на словенечкиот нонпејпер кој ја разбрани балканската јавност пред еден месец, службите на Советот на ЕУ одбија, но потврдија дека документот постои, јави вчера дописничката на МИА од Брисел.

Во одговорот на генералниот секретаријат на новинарското барање за увид во словенечкиот нонпејпер, Советот на ЕУ одговори:

„Генералниот секретаријат успеа да идентификува само еден документ кој спаѓа во оваа дефиниција. По внимателно разгледување, жалам што морам да ве информирам дека пристап до овој документ не може да се дозволи, затоа што ова барање јасно спаѓа во исклучокот на членот 4(1)(а) на Регулативата на Европската Комисија 1049/2001, според која институциите ќе одбијат пристап до документи чие обелоденување би ја поткопала заштитата на… јавност интерес во однос на меѓу другото меѓународните односи“, стои во официјалниот одговор на Советот на ЕУ.

Новинарот кој го поднел барањето и чиј идентитет не се открива има право да побара ревизија на оваа одлука во рок од 15 дена, тоа барање треба да го оправда.

Министерството за финансии во изминатиот период активно работеше на реформа за унапредување на фискалната децентрализација, која нуди сериозно системско решение за стабилни финансии на општините кои ќе значат одговорни општини и испорака на квалитетни и ефикасни услуги за граѓаните. 

повеќе

Либералната империјалистичка доктрина на Америка е одговорна за ужасниот масакр во места како Виетнам, Ирак и Централна Америка. Но Америка, исто така, произведе либерална антиимперијалистичка доктрина што останува затскриена во една ТВ-серија што ја восхитува американската публика уште од 1966 година.

повеќе

Граѓани, бегалци, мигранти, веќе не ни е важно – се чини дека никој не гледа светла иднина за себе во Албанија.

повеќе