Високи претставници на ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати изјавуваат дека нема да се откажат од нивното барање годинава да се оддржат предвремени парламентарни избори. Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, им порачува на македонските граѓани да бидат трпеливи, бидејќи планот за предвремени избори е речиси готов.
„Јас сум сериозен човек и веќе го кројам планот како да издејствуваме предвремени парламентарни избори. Нормално дека имаме план, јас сум сериозен човек и секогаш во животот ги правам работите со план. Ќе ги искористиме сите институционални и вонинституционални методи и алатки за што побрзо да се распишат предвремените избори“, порача вчера од Охрид Мицкоски.
На сите овие изјави на опозициските лидери Димитар Ковачевски, премиерот и претседателот на владеачката СДСМ вели дека на земјава не ѝ се потребни предвремени парламентарни избори и дека нема да подлегне на никакви притисоци, закани и уцени.
„На земјава не ѝ се потребни избори, туку лидерство за надминување на последиците од кризата. Не сум човек кој подлегнува на притисоци, закани и уцени. Ако единствена точка за која опозицијата смета дека треба да се разговара се предвремени избори, тогаш нема да имаме средба. Во овој момент на Македонија ѝ е потребно лидерство и одговорност за справување со големите предизвици што ги имаме во оваа кризна година, а тоа е енергетската криза, која е европска, потоа здравствената криза која сѐ уште е присутна преку новите соеви и ценовната инфлација. Затоа, сакам да повторам дека избори ќе има, но во 2024 година“, вели Ковачевски.
И опозициските партии на Албанците во Македонија сметаат дека предвремени избори се неопходни за излез од кризата.
„Со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се договоривме за соработка на централно ниво, а како две опозициски партии ќе понудиме решение за проблемите со кои се соочува земјава во овие критични моменти, како што е патот кон интеграцијата во ЕУ и енергетската криза. Се договоривме во наредниве денови да одржиме активности за да имаме предвремени парламентарни избори и на тој начин волјата на граѓаните да биде изразена и на централната власт“, вели Билал Касами, претседателот на движењето Беса.
Тука е и партијата на Зијадин Села, Алијанса за Албанците, која исто така е за предвремени избори. Од АА сметаат дека Собранието не функционира, дека парламентарното мнозинство е нестабилно, дека преговорите со Бугарија се проблематични, тука се и здравствената и енергетската криза...
На барањата на ВМРО-ДПМНЕ, Беса и Алијансата за Албанците за предвремни избори се приклучува и Левица. За нив новото владино мнозинство е продолжение на старото делегитимирано мнозинство, а преговорите со Бугарија се движат во насока на опасно редефинирање на државните карактеристики. Затоа неопходни се предвремени избори и нов собраниски состав за да може да се стави крај на долгогодишниот криминал и понижувања на државните органи преку стотици јавни скандали на СДСМ и ДУИ, велат од Левица.
ДУИ како и СДСМ, смета дека предвремени парламентарни избори нема да има. „Ние избравме Влада, максимално ѝ даваме поддршка на Владата. Парламентарните избори се предвидени во 2024, така што ние сме концентрирани на реализирање на владината програма. За таа програма дадовме доверба, гласавме и за кадровските решенија, но и за програмските определби на Владата, така што максимално сме фокусирани на политиките, на мерките и проектите кои се предвидени во владината програма“, велат од ДУИ.
А.Д.