Собрание

Опозицијата бара избори, од ДУИ велат дека тоа ќе биде можно по приемот во НАТО и завршувањето на пописот

ДУИ смета дека треба да биде заокружен процесот за влез во НАТО и добивање на датум за преговори и потоа следната година да се оди на евентуални предвремени парламентарни избори. СДСМ останува посветена на евроатланската интеграција, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ и другите помали опозициски партии од албанскиот блок би оделе веднаш на предвремени парламентарни избори.

Пратеникот Артан Груби денеска изјави дека ДУИ смета оти предвремени парламентарни избори оваа година не треба да има, бидејќи прво треба да се заокружи процесот за влез на земјата во НАТО. Следната година, вели тој, секако е изборна, па изборите би можеле да се одржат во втората половина на мај, јуни или во октомври. Овие месеци ги посочи поради евентуалното одржување попис во април и техничката Влада што треба да се формира сто дена пред предвремени избори.

„Предвремени парламентарни избори не се тема помеѓу партиските лидери. Секако дека следната година е изборна година. Знаеме дека регуларните избори се во декември, но верувам дека во разговор со другите политички партии ќе има разбирање кампањата да се одвива малку порано, изборите да се одржат малку порано. Имајте предвид и дека согласно Законот за Влада ќе треба да имаме и техничка Влада сто дена пред избори, така што ако ги имате на ум сите овие рокови ќе видите дека оваа година впрочем не се можни предвремени парламентарни избори, а не се ни пожелни затоа што чекаме да го заокружиме процесот за зачленување во НАТО и да добиеме датум за членство во ЕУ“, рече Груби.

Тој нагласи дека за ова е потребен договор на партиските лидери, но негира дека е конкретен предлог на ДУИ за тоа кога би можеле да се одржат предвремени избори, наведувајќи оти е „хипотетички одговор на хипотетичко прашање“.

ДУИ, според него, се апсолутно спремни на тој предизвик и дека во новата влада во која би биле прв приоритет ќе биде справување со селективната правда во земјата.

Пратеникот Костадин Костадинов, кој воедно е и портпарол на СДСМ, го повтори ставот на владејачката партија дека останува посветена на реформите, влезот во НАТО и добивањето датум за преговори за членство во ЕУ.

„Како одговорни политичари и партија приоритет треба да ни бидат државата, државните интереси и граѓаните на Република Северна Македонија. Сметаме дека во таков период кога државата е пред очекување на датум за преговори со ЕУ и кога треба да станеме 30 членка на НАТО, треба предвид да ги имаме сите аспекти пред да ја однесеме одлуката за избори. На последниот Централен одбор, СДСМ јасно одлучи дека ќе сме посветени на евроатланската интеграција и реформите“, истакна Костадинов.

За барањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Костадинов рече дека нејзиниот лидер Христијан Мицкоски и за време на претседателските избори повикувал на предвремени избори, а молел Бога да не ги добие, и се соочи со изборен пораз.

„Ви тврдам дека на кои било идни избори сѐ што може да очекуваат Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ е пораз“, рече Костадинов.

За Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ на сите им е јасно дека мандатот на оваа Влада е веќе завршен.

„Апсолутно мислам дека сега на сите им е јасно оти оваа Влада, која сега раководи со државата ниту знае како да раководи, ниту има способност да раководи, а во исто време е штетна за националните и државните интереси, за економскиот поредок, за демократијата, со злоупотребите на судството и обвинителството итн. Ден побрзо завршување на оваа матна страна на нашата држава е подобро за сите, подобро и за СДСМ“, изјави Димовски.

Тој додаде дека пред неколку години земјата била во „агоничен период“ кога, како што рече, Влада „која ја изгуби поддршката од граѓаните уште долго време беше на власт врз база на бројките во Парламентот“.

„Мислам дека сега сме апсолутно во истата ситуација и дека на сите им е јасно оти мандатот на оваа Влада е веќе завршен. Прашање е само на формални процедури и освестувања на дел од пратениците во Собранието“, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Сурија Рашиди од Алијансата на Албанците истакна дека неговата партија редовно бара предвремени парламентарни избори од причина што е време за нова конфигурација на силите, поради тоа што „оваа власт не може да ги испорача потребните реформи“. На евентуални нови предвремени парламентарни избори Рашиди очекува Алијансата на Албанците да добие повеќе пратеници.

Пратеникот Фадил Зендели од Бeса, која делува како опозициска партија, рече дека треба да има предвремени избори, имајќи ги предвид последните, но и претходните афери кои ги имаме, особено вчерашната со премиерот и претходно со генералниот секретар и случувања во Владата, но и „недобивањето датум за преговори со ЕУ и селективната правда“.

„Имајќи ги предвид и целокупните политички случувања во Владата и дека не добивме датум за преговори како што беше ветено од Владата, имајќи предвид дека има проблем со правниот систем со селективната правда… од една страна има постапки против бивши функционери од ВМРО-ДПМНЕ, но нема постапки против сегашни и бивши функционери на ДУИ, сметаме дека треба да се оди на избори“, рече Зендели.

МИА

Сѐ додека Македонија ја претставуваат „политички најподобните" ќе тонеме длабоко и уште повеќе ќе се раслојуваме.

повеќе

По определувањето на мерката ефективен притвор, притворениот раководен функционер не може да издава полноважни правни акти, меѓу другото, и поради фактот што го нема службениот печат.

повеќе

Вината за недобивањето на датум за преговори треба да ја барате во вас и вашите соработници и коалициски партнери.

повеќе