РАСПРАВА ВО СТРАЗБУР

ОМО Илинден-Пирин и ЕФА во ЕП: Македонците во Бугарија се претставени како шпиони, предавници, платени агенти...

По вчерашното усвојување на извештајот за Албанија и усвојувањето на амандманите на бугарските европратеници за наводното постоење на бугарско малцинство кај нашиот западен сосед, денеска во Европскиот парламент се расправаше за малцинствата во Бугарија. И денеска европратениците на Европската слободна алијанса (ЕФА) и ОМО Илинден-Пирин од Бугарија одржаа вистинска лекција за почитување на основните човекови права.

Европратеникот на ЕФА Џусеп Мариа Терикабрас на состанокот на Интергрупата за национални малцинства во Европскиот парламент пренесе некои заклучоци на ОМО Илинден-Пирин од Бугарија за положбата на македонското национално малцинство во оваа земја.

Македонското малцинство во Бугарија порано беше признато, на поранешните пописи околу еден милион луѓе се декларирале дека се Македонци и тие уживаа некакви малцински права во периодот по Втората светска војна, сѐ до 1963 година, рече Терикабрас.

„Овие права вклучуваа образование на мајчин јазик, изучување на историјата, програми на македонски јазик на бугарското национално радио и слобода во основањето на разни здруженија. Оваа ситуација драстично се промени по 1963 година. Новата политика може да се преслика во една реченица на тогашниот комунистички лидер Тодор Живков: „Нема и не може да има македонско малцинство во Бугарија“. Сите права на Македонците беа суспендирани, многумина активисти завршија во затворите и за жал оваа национална доктрина на Бугарија кон Македонците е важечка и до денес“, рече Терикабрас.

Како изгледа денес спроведувањето на оваа доктрина? Еве што кажа за ова европратеникот на ЕФА:

„Ниту едно од основните права на малцинствата не се остварува. Напротив, постои официјална политика на негирање на македонскиот национален идентитет на сите нивоа и во власта (законодавна, парламентарна, судска...).

Говор на омраза. Секоја изјава за македонска свест, па дури и тврдење за постоење на македонски идентитет се третира како национално предавство, а Македонците се претставуваат како шпиони, предавници, испрани мозоци, платени агенти, деца на Коминтерната... Официјална Бугарија ги поддржува овие стереотипи и ги третира како закана за единството и националната безбедност на земјата, а секое јавно декларирање на македонскиот идентитет се смета за чин спротивен на Уставот на Бугарија.

И покрај фактот дека против Бугарија веќе има 8 пресуди од Европскиот суд за човекови права за различни форми на дискриминација против Македонците, бугарската држава одбива да ги спроведе и продолжува да ги негира Македонците и не применува никакви мерки за заштита од дискриминација.

Македонците систематски се исклучени од политичкиот и општествениот развој. Бугарските власти досега ги отфрлија сите барања за регистрација на граѓанските и политичките платформи на Македонците. Бугарските власти сметаат дека ваквите организации ќе работат против националните интереси, против бугарскиот територијален интегритет и Устав. Бугарија досега повеќе пати дури и го смени Законот за регистрација на политичките партии, го зголеми лимитот за собрани потписи потребни за формирање на политичко здружение. Треба ли да се каже дека ниту една политичка партија не ги застапува легитимните барања на Македонците.

Нема дијалог. И покрај многубројните обиди на македонското малцинство и препораките на меѓународните организации (ЕКРИ, Советодавниот комитет на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства на Советот на Европа-a.o.), Бугарија одбива каква било форма на дијалог.

Единственото нешто позитивно што се случило во текот на последните 20 години, главно поради влезот на Бугарија во ЕУ, е тоа дека бугарските власти не ги забранија и не ги попречуваат јавните собири на Македонците. Ова е навистина премалку за да се смета за некаков значаен напредок“.

Овие заклучоци ќе бидат испратени до бугарските власти. Но, како и досега, никој и не се надева дека Бугарија ќе промени нешто во однос на признавањето на постоењето на македонското национално малцинство кај нив. Тоа за европратениците од Бугарија воопшто не е никаква пречка за нивните постојани забелешки за наводното бугарско малцинство во Преспа, Голо Брдо и Гора, каде што десетици Македонци зеле бугарски пасош од економски причини. Ова за бугарската официјална политика е сосема доволно, од позиција на членка на ЕУ, да бара права за некакви Бугари во Албанија. А за македонското малцинство кај нив - ни збор. 

Најновите случувања на релација политичка власт-граѓански сектор, повторно го отвораат прашањето за односите помеѓу овие два сегмента на општествениот живот.

повеќе

Жените имаат повеќе тешкотии од мажите да најдат значајна и добро платена работа, а процентот на жени во глобалната работна сила постојано заостанува зад процентот на мажите. 

повеќе

Во нашето општество сме опкружени со многу, многу партизани. Партизани во политиката, партизани во образованието и науката, партизани во бизнисот...

повеќе