АВАЈА организира средба

Околу 1.000 граѓани Роми ќе се сретнат со претседателските кандидати

Претседателските кандидати Гордана Сиљановска Давкова и Стево Пендаровски на 3 мај ќе имаат средба со повеќе од 1.000 граѓани Роми во рамки на кампањата „Ние гласаме, ние одлучуваме" што ја спроведува граѓанската иницијатива „АВАЈА". Потврда дека ќе учествува на средбата, како што информираа денеска претставниците на АВАЈА, дал и премиерот Зоран Заев, а се уште се преговара со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.

На средбата, порачуваат од АВАЈА, кандидатите ќе имаат можност да ја презентираат својата програма и да дадат осврт во барањата наведени во Манифестот на граѓанската иницијатива по што Ромите ќе можат да оценат кој кандидат го заслужува нивниот глас. Во Манифестот се бара Ромите да бидат застапени со минимум два процента во државната и јавната администрација на сите нивоа за да се запази првичната застапеност по институциите, а особено во министерствата, како и двојна буџетска алокација за решавање на инфраструктурните проблемите и двојно поголема реализација на капиталните инвестиции во ромските населби до 2020 година.

„Граѓанската иницијатива АВАЈА, во изминатите 15 дена, активно беше вклучена на терен за да го слушне гласот на ромскиот народ во 14 општини во земјава и собра поддршка во однос на Манифестот со трите приоритетни барања на ромската заедница. За осум дена теренска работа се собраа 10.322 потписи. Овој факт укажува на потребата од посериозни напори за унапредување на положбата на Ромите“, изјави Акиф Кариман од АВАЈА.

Тој најави дека собирањето на потписи ќе продолжи и во периодот што следува.

Елвис Шаќири од АВАЈА рече дека целта на средбата со претседателските кандидати е да се претстават барањата на ромската заедница во екот на претседателските избори и да се најави кампањата „Ние гласаме, ние одлучуваме“, која, како што кажа, промовира организираност на ромското гласачко тело и информиран избор на гласање.

„Ние како иницијатива очекуваме дека по јавното сослушување на претседателските кандидати, ромската заедница самостојно ќе одлучи за кого ќе го даде својот глас. Затоа, апелираме до заедницата активно да придонесе во овој дел со искористување на своето право на глас во вториот круг на изборите. Изборните резултати на првиот изборен круг покажаа дека ромското гласачко тело очекува конкретни резултати за нивните локални проблеми“, посочи Шаќири.

Тој потенцираше дека во изминатите години, ромските гласачи беа манипулирани преку купување на нивниот глас, притисоци и разни други форми кои го загрозуваа нивното демократско право на глас и информиран избор.

АВАЈА е граѓанска иницијатива која ги артикулира барањата на ромската заедница преточени во Манифест, кој веќе е презентиран пред премиерот Заев, политичките субјекти, дипломатскиот кор и пред ромската заедница.

Помина времето кога политиката беше „шаховска борба“ на политичките актери, која неретко се одвиваше далеку од очите на јавноста и беше доста неразбирлива за обичниот гласач. 

повеќе

Државата треба повеќе да се вклучи во промовирање на младинско претприемништво како економска активност која би помогнала за намалување на невработеноста.

повеќе

Без оглед на политичката заднина на случајот за изнудување, владата во Скопје мора да се фокусира на темелна истрага наместо на ограничување на штетата.

повеќе