Безбедност во авио-сообраќајот или...

ОЈО отвори истрага за Рашковски во аферата „Леонардо“, која е улогата на Николче Тасески од М-НАВ

Јавното обвинителство отвори предмет за спорниот тендер за набавка на радарски систем за М-НАВ, државна компанија за управување и контрола на цивилниот воздушен сообраќај во Македонија. Генералниот секретар на Владата Драги Рашковски е под истрага. Засега, никој не ја споменува улогата на Николче Тасески, претседателот на Управниот одбор на компанијата.

Од првото потпишување на договорот со „Леонардо“

Предметот за Рашковски и за тендерот за набавка на радарска опрема е отворен по допрен глас по објавувањето на аудио снимка на една руска социјална мрежа на која се слуша и гласот на генералниот секретар на Владата како разговара со претставници на италијанската компанија „Леонардо“.

„По реакциите во јавноста во кои обвинителството се повикува да го расветли случајот со спорниот тендер за набавка на радарски систем, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја известува јавноста дека веднаш по објавената аудио-снимка е отворен предмет по допрен глас. Кон предметот е споена и кривичната пријава поднесена од ВМРО-ДПМНЕ, а во август јавен обвинител издаде наредба до МВР за прибирање на севкупната документација за предметот. По извршената темелна анализа ќе се донесе јавнообвинителска одлука за натамошниот тек на постапката“, се вели во соопштението.

На 5 август Државната комисија за спречување на корупцијата соопшти дека отвора предмет за јавната набавка за инсталација на радарскиот систем за управување со воздушниот сообраќај и за улогата во оваа набавка на генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски.

Скандалот изби откако беше објавена снимка на која се слуша како генералниот секретар Рашковски договара детали за проектот вреден над 7 милиони евра и изборот на италијанската фирма „Леонардо“.

Во целиот овој случај е интересно тоа што целокупната постапка во врска со овој тендер била завршена од претходната влада. Изборот на компанијата „Леонардо“ бил завршен, Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) која го финансира овој проект дала согласност, сите документи биле потпишани и градбата и инсталирањето на опремата требаше да почне уште во 2017 година. И тогаш и сега претседател на УО на М-НАВ беше Николче Тасески. Никој ништо не зборува за неговата улога кога веќе беше потпишан договорот со „Леонардо“, и потоа кога истиот човек се согласил да биде оспорен тој договор.

Една од причините за набавка на оваа ATM опрема беше и безбедноста во авио-сообраќајот. ATM-системот е примарен систем преку кој се остварува основаната услуга на М-НАВ, т.е. давање услуги на воздухопловна навигација во воздушниот простор над Македонија, со цел безбедно, редовно и ефикасно одвивање на воздушниот сообраќај. И тогашните власти биле согласни дека најсоодветна била понудата на „Леонардо“, а и актуелната власт нема ништо против опремата на оваа италијанска компанија.

Тогаш каде е проблемот? Зошто дојде до ретендерирање на овој проект претходно надгледуван и одобрен од ЕБРД? Тоа навистина е тешко да се одговори, а претпоставки за тоа има навистина многу. Се споменува маркицата за изградба на зграда за потребите на М-НАВ во кругот на скопскиот аеродром. „Владата побара вештачење дали административната зграда, која требаше да се гради како дел од тендерот, е со вредност од 1,8 милион евра или има некаква злоупотреба. Доколку тоа го утврдеше Бирото за судски вештачења, сакавме да се побара издвојување на таа компонента и М-НАВ да ја прави со свои пари за да се заштети од парите на граѓаните. Кога стигна таквото вештачење се виде дека вредноста е приближно 1,8 милион евра и не направивме ретендерирање за да не одолговлекуваме“, изјави Рашковски на 2 јули објаснувајќи зошто тој седел на преговорите со претставници на италијанската компанија „Леонардо“.

Наспроти ова, пак, се споменува и некаков документ во кој се вели дека такво вештачење и не е извршено заради „ненадлежност на Бирото за судски вештачења“.  

Прашањето за безбедноста на авио-сообраќајот го покрена и самиот Рашковски. Кога договорот беше потпишан во 2017 година, рокот за инсталирање на таа опрема беше две години. Тоа значи дека годинава ќе имавме нова радарска опрема и побезбеден авио-сообраќај.

Денес, септември 2019 година, немаме нова радарска опрема, произлегува дека немаме и безбеден авио-сообраќај, но имаме нова истрага.

А.Д.

Силите на антиглобализацијата веќе стануваат доволно моќни да и зададат значаен удар на светската економија. 

повеќе

Не се соочуваме со вооружен конфликт, туку со војна на мисли. Чувството на страв, несигурност или територија по самоубиствен напад, никогаш повеќе не можеш да го вратиш.

повеќе