Македонија-Бугарија-ЕУ (5)

Одлуките на бугарските судови за македонското малцинство потсетуваат на средниот век

Во Бугарија не постои политичар што би признал дека во земјата има Македонци и дека тие имаат права, кои државата треба да ги почитува. За тоа има и десетина пресуди на Европскиот суд за човекови права, но тоа и натаму не значи ништо за една земја-членка на ЕУ и на Советот на Европа. Месецов Комитетот на министри на Советот на Европа уште еднаш ќе го разгледа спроведувањето на неколку пресуди на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Речиси е неверојатно со кој образ бугарските политичари во разговорите со македонските политичари за ветото на Бугарија на преговорите на Македонија за членство во ЕУ бараат права за бугарското малцинство кај нас, а не сакаат ни збор да кажат за македонското малцинство кај нив.

Уште поневеројатни се молкот и сервилноста на македонските политичари во тие преговори и неспоменувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права против Бугарија во однос на непризнавањето на македонското малцинство и правото на нивното здружување. Дури и новиот бугарски премиер, Кирил Петков, кој, како дипломиран харвардовец, е перципиран како модерен, либерален политичар без предрасуди и стереотипи, отворено вели дека „нема такво малцинство и за такво малцинство нема што да се разговара“. Тоа што бугарскиот Устав не признава малцинства, тоа не значи дека тие не постојат.

Красимир Кнев, претседателот на Хелсиншкиот комитет за човекови права во Бугарија, со децении се обидува во својата држава да наметне еден поинаков став, меѓутоа тоа во таа држава тешко поминува. „Бугарската влада систематски го негира македонскиот идентитет, и тоа не само на Македонците во Бугарија, туку и на Македонците во Македонија. Затоа таа го дискриминира ова малцинство и луѓето што себеси се нарекуваат Македонци. Тоа се однесува на нивното право на собирање, на здружување, на образование на мајчиниот јазик, како и на други аспекти од животот“, вели Кнев.

Во моментов има шест неизвршени пресуди во врска со одбивањето да се регистрираат здруженија за да се постигне признавање на македонското малцинство во Бугарија. Овие пресуди се испитуваат во контекст на групата ОМО Илинден и други групи.

Некои пресуди во врска со слободата на собирање на македонските организации веќе се имплементирани (Резолуцијата ЦМ/РесДХ(2011)46, Резолуцијата ЦМ/РесДХ (2015)119 и Резолуцијата ЦМ/РесДХ (2019)270). Пресудата за распуштање на политичката партија ОМО Илинден-Пирин е имплементирана и од Европскиот суд (Резолуција ЦМ/РесДХ (2009)120). По разгледувањето на втората пријава на ОМО Илинден-Пирин, Европскиот суд за човекови права утврди дека има повреда на членот 11“, велат од Советот за Европа за МКД.мк.

Експерти на Советот на Европа за неспроведувањето на некои од овие пресуди на ЕСЧП велат дека „онаму каде што е потребно, Комитетот на министри може на различни начини да помогне во извршувањето, особено преку препораки утврдени во одлуките и привремените резолуции. Силен, но многу ретко користен инструмент, се прекршочните постапки според членот 46. Меѓутоа, Комитетот на министри го користел овој инструмент само двапати, особено во случаите што се однесуваат на притвор за цели различни од оние пропишани со ЕСЧП (Илгар Мамадов против Азербејџан, Кавала против Турција). Во случаите кога извршувањето е одложено (во врска со слободата на здружување или други прекршувања), Комитетот ги користел инструментите што му биле на располагање. Случаите во врска со одбивања да се регистрираат здруженија со цел да се постигне признавање на македонското малцинство во Бугарија имаат сличности со случаите од групата Бекир-Уста и други групи против Грција, каде што Комитетот на министри донесе втора привремена резолуција во јуни 2021 година. Пресудите во оваа група случаи датираат од 2008 година“, изјавија од Советот на Европа за МКД.мк.

За неспроведувањето од Бугарија на пресудите на ЕСЧП во врска со македонското малцинство во таа земја во ноември 2021 година претседателот на Европскиот суд за човекови права Роберт Спано изјави декасекоја земја-членка на Советот на Европа е обврзана со Конвенцијата да ги спроведува пресудите на Судот. Кога се работи за спроведување и извршување одлуки на Судот, одговорноста на Комитетот на министри е да го следи процесот. Во таа смисла многу е јасно дека општата легитимност е авторитетот на системот и причината за неговото постоење е кога Судот за човекови права во Стразбур ќе ѝ изрече обврзувачка пресуда на поединечна земја-членка. Таа земја-членка со тоа што е потписничка на Конвенцијата има направено еден избор дека ќе се смета за обврзана, тоа е логичкиот тек, меѓутоа како што се одвиваат работите, во секој конкретен случај треба да ги обезбеди Комитетот на министри, а не Судот“, изјави Спано.

Во март Комитетот на министри на Советот на Европа уште еднаш оцени дека неспроведувањето на групата пресуди на Европскиот суд за човекови права во Стразбур „ОМО Илинден и други против Бугарија“ не неоправдано. Оваа група вклучува шест решенија, од кои првото беше донесено на 19 јануари 2006 година, пред повеќе од 16 години. Четири од решенијата се за одбивање да се регистрира здружението ОМО Илинден. Другите две се за одбивање да се регистрираат уште две македонски здруженија - Македонскиот клуб за етничка толеранција и Здружението на репресирани Македонци.

Красимир Кнев

Оваа група предмети во моментов се испитува во процедура за засилен мониторинг на нивното спроведување од страна на Комитетот на министри. Односно, прегледот е приоритет и се одвива најмалку еднаш годишно. Истовремено, до Европскиот суд за човекови права се поднесени уште најмалку девет претставки за прекршување на правото на здружување на Македонците од Бугарија.

Сите овие случаи во суштина го вклучуваат одбивањето на бугарските власти - Агенцијата за водење матични книги и судовите - да регистрираат здруженија на бугарски граѓани што се самоидентификуваат како Македонци, а здруженијата имаат цел да ги заштитат правата и интересите на Македонците во Бугарија. Во минатото, одбивањата беа затоа што здруженијата се сметаа за закана за националната безбедност, заштитата на јавниот ред и правата на другите. Членот 44 ст. 3 од Уставот на Бугарија забранува такви организации. Агенцијата за матични книги и судовите се обидоа да излезат со други основи за одбивање - на пример, дека здруженијата имаат цел да вршат политичка активност, со што го прекршуваат член 12 ст. 2 од Уставот. Дополнително, одбивањата биле мотивирани од формални недостатоци во доставените документи, на кои властите им придавале несразмерно значење. ЕСЧП досега не се согласуваше со ниту еден од владините аргументи и секогаш констатирал повреда на членот 11 од Европската конвенција за човекови права, правото на слобода на здружување.

Претходните одлуки на бугарските власти се обидуваа да го оправдаат нивното одбивање на понеутрален начин, без да се наведе македонската припадност на членовите. Им посветуваа поголемо внимание на целите, но избегнуваа негирање само затоа што тие цели беа поврзани со заштитата на правата и интересите на Македонците. Според тоа, ЕСЧП утврди само повреда на членот 11 од Конвенцијата, но не и дискриминација. Во последните неколку години, пак, бугарските власти почнаа отворено да одбиваат бидејќи здруженијата се на Македонци и имаат цел да ги заштитат нивните права и интереси. Во последната пресуда на Апелацискиот суд во Софија се потврдува одбивањето на регистрацијата на Здружението на репресирани Македонци. Во пресудата се вели: ‘Целите и средствата за нивно спроведување го дефинираат здружението како заштита на нарушените права и интереси на етничките малцинства во Република Бугарија, кое објективно не постои како посебна и формирана група на луѓе со религиозни, јазични, културни или други карактеристики што ги разликуваат од останатото население во земјата’. Односно, одбивањето е поради тоа што во Бугарија нема Македонци, а целта на здружението е од ништо да направи нешто, што е во спротивност со ‘единството на нацијата’. Toa e основата за одбивање, што исто така е дел од чл. 44 ст. 2 од Уставот. Оваа судска практика потсетува на средниот век, кога властите негираа и потиснуваа ‘ерес’ затоа што не се придржуваше до ‘вистинската вера’. Но овој пристап долго време беше отфрлан од европското право и во однос на верските и етничките здруженија. Современото право им го признава правото на самоопределување и на двајцата. Не е работа на државата да ја одредува ниту ‘вистинската вера’ или ‘вистинската нација’. Комитетот на министри, како и ЕСЧП, затоа следат дали одбивањата да се регистрираат македонските здруженија се оправдани со неприфаќање на нивните цели“, вели Кнев во изјавата за МКД.мк.

Оваа група пресуди беа внимателно следени, па Комитетот на министри формулираше многубројни препораки што на бугарските власти главно им го повторуваат истото - мора да престанете да ја одбивате регистрацијата на македонските здруженија за нивните цели и да примените процедура што е погодна за извршување. На 1 октомври 2020 година Комитетот усвои привремена резолуција со која ги повторува овие препораки и изразува загриженост за неспроведувањето на оваа група одлуки. Привремената резолуција беше проследена со нова рунда слични препораки за време на прегледот во јуни 2021 година. Но не се случуваше ништо. Напротив.

Агенцијата за матични книги и судовите почнаа да издаваат сè подискриминаторски одбивања. Нејасно е до кога Комитетот на министри ќе го толерира овој потсмев со одлуките на ЕСЧП и сопствените препораки. Има на располагање поинвазивно средство, кривична постапка, но се применува во многу екстремни случаи. Но дали е тоа случај со непризнавањето на здруженијата на Македонците во Бугарија? Тоа ќе го видиме на мартовската седница на Комитетот на министри“, вели Кнев.

Александар Дамовски

(Продолжува)

 

Грешките се кај политичарите кои се затскриваат зад историчарите и нивните „полувистини-полулаги“ (1)

Дичев: Со добра волја до договори за надминување на еден глупав конфликт (2)

Консензус за решение со Бугарија, референдум не е потребен (3)

Лесна тема или тежок камен околу вратот кога за македонски идентитетски столбови разговара Албанец (4)


(Истражувањето го изработи информативниот портал www.mkd.mk во соработка со онлајн платформата www.samoprasaj.mk на Институтот за комуникациски студии, како дел од проектот Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество што го финансира Британската амбасада во Скопје.)

Ако пак се натури овој бесмислен консензус на Франција, кој ги признава сите емоции на Бугарија, тогаш оваа неспособна власт ќе не одведе подлабоко од сегашниот амбис.

повеќе

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено).

повеќе

Енергетската криза во светот, но и во Република Македонија (РМ), не стивнува иако сме на почеток на летото кога вообичаено има помала потрошувачка на енергија кај нас. 

повеќе