ЕКСПЕРТИТЕ ЗА ОЧЕКУВАЊАТА НА ЗАЕВ

Одлуката за почеток на преговори со ЕУ идната година е политичка, но не е нереална

Одлуката за почеток на преговори на Македонија за членство ЕУ е политичка одлука, но се базира и на она што земјава ќе го испорача, па не е невозможно таква одлука да се донесе идната година, како што рече дека посакува мандатарот Зоран Заев синоќа во Брисел по средбата со високата претставничка Федерика Могерини, оценуваат експертите. 

свен „испорака“ во однос на реформите, според нив, ќе треба и нова клима околу прашањето за името кое во последните две-три години и не се споменуваше како главна пречка за отворање на преговорите за членство.

„За да може да се надеваме на таква политичка одлука, во наредниот период мора да покаже дека има функционална влада со јасно поставување на реформските приоритети, односно поставување на рамнотежата на властите на место. Исто така, потребна е реализација на приоритетите од Извештајот на Прибе“, изјави за МКД.мк Малинка Ристевска-Јорданова од Институтот за европска политика.

Малинка Ристевска-Јорданова

Таа додава дека од новата влада секако нема да се очекува да исполни веднаш сѐ што претходната не сторила, но ќе се очекува јасен план и динамика на реализација.

И Бојан Маричиќ од „Евро тинк“ нема дилема дека одлуката за почеток на преговори е политичка, но секако треба да се направи реформската агенда и да се преземаат чекори.

„Одлуката за почеток на преговори секако е политичка исто како што беше политичка и досега да не се почнат преговорите, имајќи предвид дека имавме осум препораки по ред. Она што е сменето во меѓувреме е што таа препорака беше дополнително условена со успешно спроведување на изборите и на реформите опфатени со Договорот од Пржино и препораките на Прибе. По окончувањето на кризата и формирањето на новата влада се одмрзнуваат делумно и условите за одмрзнување на препораката. Доколку новата влада направи сериозна реформска агенда која би дала резултат до мај 2018 кога ќе биде наредниот извештај за државата и доколку тој извештај биде доволно позитивен, мислам дека е можно. Секако, во меѓувреме треба се работи на омекнување на грчките позиции“, ни изјави Маричиќ.

Бојан Маричиќ

Тој смета дека периодот до мај наредната година воопшто не е краток за да се види дали владата ќе има реформски тек или не, па не се нереални очекувањата да се отворат преговори со ЕУ. Според Маричиќ, ова е поверојатно да се случи отколку најавите за брз влез во НАТО за што, како што вели, ќе треба малку повеќе време и мерки на доверба меѓу Македонија и Грција, иако во последните години не се спомнуваше името, туку се говореше за заробена држава и други проблеми што ги имавме.  

„За почеток на преговори со ЕУ мислам дека има повеќе енергија и шанси, зашто Македонија плати многу скапа цена од долгогодишното чекање во чекалната за преговори“, оценува Маричиќ.

Но, според него, омекнувањето на Грција не може да се случи, ако тој дел не го одработат европските институции, што не значи дека ние треба да седиме и да чекаме Атина да го смени ставот. А за да се работи на убедување на Грција, треба да се даде аргумент.

Останува прашањето колку Европската Унија е заинтересирана за проширување.

Ристевска-Јорданова смета дека и покрај тоа што проширувањето сѐ уште не е вратено на врвот на приоритетите на ЕУ, климата кон регионот се менува.

„На европските институции им е многу потребно државите од регионот да покажат вистински реформски капацитет и резултати. Во оваа ситуација, Македонија има единствена шанса да фати приклучок. Иако не сум преголем оптимист дека ЕУ одеднаш ќе го отвори вратите, сигурно ќе изнајде начини да ги подотвори, особено имајќи ги предвид геостратешките околности“, вели таа.

                                                                                                                             Ж.П.Б. 

Промовирање на родителското отсуство и за таткото на детето кое како опција постои во Законот за работните односи, но само ако не го користи работничката.

повеќе

(Полемика: „Стратегија за прашањето на користење на уставното име на Република Македонија во ООН“, Игор Јанев, МКД.мк, 11 ноември 2017)

повеќе

Зоран Заев од позиција на премиер удира во самите темели на асномска, антифашистичка Македонија.

повеќе