Реакции

Одлуката на Пендаровски да не држи говор на Мечкин Камен не наиде на одобрување во јавноста

Бројни се негативните реакции на одлуката на македонскиот претседател Стево Пендаровски да го промени начинот на чествувањето на најголемиот македонски национален празник и да не држи говор за време на празнувањето на Илинден во Крушево на Мечкин Камен. На местото каде 100 Македонци имале храброст да се соочат со 10.000 турски аскер, Пендаровски нема храброст да одржи говор, се дел од реакциите на македонските граѓани по социјалните мрежи. Пренесуваме и дел од реакциите на професори, владици, политичари...

 

 

„Ај да го разберам светот како поле за културен натпревар, ама како да го разберам претседателот шо ќе оди на Мечкин камен на кафе наместо на чествување на непокорот? За мир во куќа, немир во душата на секој Македонец не е опција“, пишува владиката Пимен на Фејсбук.

Според програмата за денешната прослава, на Мечкин Камен „ќе оддадеме почит на Илинденците коишто загинаа во одбрана на Крушевската Република. Во рамките на централната свеченост го чествуваме Илинден со пригодна реч на Никола Ристановски со пораки за Илинден; настап на Ансамблот за македонски народни игри и песни „Танец“; настап на Ансамблот на албански народни ора и песни во Република Македонија; настап на Влатко Стефановски; настап на воениот оркестар на Армијата“, стои во програмата.

Стево Пендаровски три дена пред Илинден најави дека годинава нема да одржи говор, каква што беше досега традицијата, дека ќе се обиде да ги собере сите политичари на едно место, па затоа прославата наместо во 12 ќе се одржи во 18 часот.

Од кабинетот од претседателот реагираа на постот на отец Пимен велејќи дека не е информиран што навистина ќе се случува во Крушево. „Бидејќи од вашиот пост е очигледно дека не сте информирани што навистина ке се случува во Крушево на Илинден, претседателот Пендаровски ви ја испраќа интегралната програма со активности за да се уверите дека тој во Крушево нема да оди на кафе-пиење, туку преку серија настани ќе изрази почит за хероите и нивното дело. Претседателот Пендаровски никогаш не би си дозволил прославата на најсветиот празник за македонскиот народ и граѓани да ја исмева преку недолични споредби со кафе-пиење. Запрепастува тоа што вакви ставови доаѓаат од еден висок великодостојник на МПЦ- ОА“, реагираа од кабинетот на претседателот.

И претседателот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, одбивајќи ја поканата да присуствува на ваква прослава, изјави дека „политичар кој се плаши од својот народ треба веднаш да се спакува и да ја напушти политиката. Лидерство се покажува и во добри и во лоши моменти. Непочитување кон жртвата на хероите дадена за Македонија, македонскиот народ и нација претставува токму „циркузантската“ минијатура во форма на мини колона која треба да ја предводи претседателот, обезбедувана од два баталјони полиција без присуство на народ, во време кога пред 118 години хероите во Крушево ја завршиле работата. Жалам што поради сопствениот страв од соочување со народот, големата лична суета и елитизмот сакате да обезличите настан кој не е на политичарите, туку тоа е настан на народот. Народот кој се борел за Македонија, кој се бори и ќе продолжи да се бори... Со кое право цензурирате традиција, тоа не го правеле ниту поробувачите, ниту комунистите, ниту најголемите негатори на македонскиот народ, посебност, култура и обичаи“, изјави Мицкоски.

И на оваа изјава реагираа од кабинетот на шефот на државата. „Непријатно сме изненадени од квалификацијата на господинот Мицкоски, според која, чествувањето на најголемиот македонски празник – Илинден, во Крушево ќе биде „циркуски церемонијал“. Не се памети, години наназад дека некој наш политичар искажал толку длабоко непочитување кон најголемите херои, креативци и артисти на македонскиот народ и македонските граѓани, со целосно потценување на фактот дека државна делегација на чело со претседателот Пендаровски ќе положи венец и свежи цвеќиња на гробот на првиот претседател на Крушевската република, Никола Карев, на паметникот на хероите на Слива и на самиот Мечкин Камен, а ќе биде присутен и на Панихидата во чест на хероите и нивното дело во црквата „Св. Никола", стои во соопштението од кабинетот на Пендаровски.

За одлуката на Пендаровски Воислав Зафировски, поранешниот вработен во МВР и член на Државната комисија за спречување на корупцијата, во колумна за Денешен.мк вели дека присуството на претседателот на државата на една ваква прослава не смее да биде прашање на личен избор. „...Таков државен дилетантизам, речиси е незамислив за секој нормален и слободоумен човек, а најмалку чин кој современик треба или може да го доживее...“, напиша Зафировски.

Оваа одлука на Пендаровски ја прокоментира и професорката Билјана Ванковска: „Сега слушам дека немало да има обраќање на Мечкин камен - виртуелен Илинден, виртуелен претседател. Тие го шитнаа Илинден одамна, и најмногу кога понудија име Илинденска Македонија. Илинден им е за пазарење и за подбивање. Бруки“.

 

Размислуваме како можеме да ја заштедиме и заштитиме водата, но само додека немаме вода!

повеќе

Во последните 30 години сите политички партии, независно од тоа колку демократски се претставуваат во своите програми, на државата гледаат како на инструмент, што е пак првиот сигнал, чекор кон авторитарност.

повеќе

Ако денес направиме една историска книжевна паралела, драмското дело на Стефановски ќе го квалификуваме како антологиски бисер, кого и сегашните и идните генерации ќе го чуваат како неодминлив столб на целокупната македонска драмска литература.

повеќе