По изгласувањето на Малцинскиот безбедносен пакет во Брисел

Одлуката на ЕП чекор напред за Македонците во Бугарија и Грција, но националните права еднакво далеку

Резолуцијата за малцински безбедносен пакет што ја изгласа Европскиот парламент беше долгоочекувана од наша страна и овој чин го поздравуваме, но не веруваме многу во реализацијата, вели Стојко Стојков, лидер на ОМО Илинден Пирин, организација на Македонците од Бугарија. Павле Воскопулос Филипов и Јоргос Пападакис од Виножито, партијата на Македонците во Грција, се убедени дека нема да се случи чудо Резолуцијата да помине во Европската комисија и Атина да признае постоење на малцинства во таа земја.

Европскиот парламент минатата недела заклучи дека националните и јазичните малцинства во ЕУ се соочуваат со асимилација и ги губат своите јазици и дека земjите членки на Унијата се одговорни за заштита на правата на малцинствата. Во парламентот за оваа резолуција, која беше резултат на иницијатива поднесена со петиција потпишана од над еден милион граѓани од ова европско семејство, гласаа 524 европратеници, 103 беа воздржани, а дури 67 беа против.

Сега би требало Европската комисија да предложи законски акти за заштита на јазиците на малцинствата и на повеќејазичноста, кои сите земји членки на ЕУ ќе треба да ги усвојат како дел од своето законодавство, но и да се усвојат акти што ќе гарантираат минимум стандарди за правата на малцинствата.

„Гласањето во Европскиот парламент за Малцинскиот безбедносен пакет претставува голем чекор напред кон заштитата на правата на малцинствата во Европската Унија. Со тоа се врши дополнителен притисок врз Европската комисија пакетот да го усвои како директива и потоа да ги следи и да ги казни земјите членки на Унијата доколку не ја имплементираат", вели Јоргос Пападакис, член на Претседателството на партијата на Македонците во Грција Виножито со седиште во Лерин и поранешен претставник на оваа партија во ЕФА - Алијансата на малцинските партии во Европа.

Пападакис, кој и натаму живее и работи во Брисел и, меѓу другото, е ангажиран на унапредување на правата на македонското малцинство, како добар познавач на политичките состојби во Европската Унија укажува дека на Европската комисија малцинствата не ѝ се приоритет и оти ќе биде големо изненадување ако се спроведе пакетот.

Во Бугарија сѐ уште е забранета регистрацијата на политички партии и културни здруженија на Македонците, а македонскиот јазик го нема во наставните програми. Сепак, организацијата на Македонците ОМО Илинден Пирин во донесувањето на Резолуцијата гледа напредок, барем во насока да се сврти вниманието кон малцинствата во некои земји, кои иако се членки на ЕУ, како Бугарија на пример, и натаму не само што негираат постоење на малцинства, туку одрекуваат и национално чувство и самоопределување на ниво на граѓани, што веќе е говор на омраза.

Стојко Стојков, еден од водачите на македонското малцинство, сака да биде оптимист. Вели дека ОМО Илинден Пирин учествуваше со своите скромни сили во „наметнувањето" на малцинскиот безбедносен пакет пред Европскиот парламент собирајќи потписи и поддржувајќи го преку ЕФА.

„Се надеваме дека ќе настапат некои позитивни промени и за нас и ние секако ќе се повикаме на тоа", вели Стојков.

Но знае дека проблемите нема автоматски да бидат решени и одеднаш неговите зборови не делуваат оптимистички.

„Со сигурност и Бугарија и Грција ќе направат сѐ примената на овој пакет да се сведе до нула и тој да не се примени спрема Македонците. Спред нивната позиција, ние така или инаку не постоиме, а македонски јазик нема, така што ќе продолжат да ја бранат позицијата дека овој пакет, исто како што беше и во случајот со Рамковната конвенција за националните малцинства, не може да се примени", вели Стојков и посочува на очекувана бугарска формулација „непостоечки малцинства и јазици", со каква што веројатно официјална Софија ќе се оправда за непримената на малцинскиот пакет.

Павле Воскопулос Филипов, член на Претседателството на партијата на Македонците во Грција, за МКД.мк вели дека се познати причините зошто Грција и Бугарија не го почитуваат ниту го признаваат македонското малцинство и дека на Европската Унија малцинските права не ѝ се најважното прашање.

„Но Резолуцијата секако е чекор напред во рамките на ЕУ. Сепак, најважно е Македонците во овие две карактеристични земји, Грција и Бугарија, што помасовно да ги поставуваат и да ги бараат своите малцински права пред државните органи. За жал, нема омасовување и такво соодветно дејствување на Македонците во овие држави", вели Воскопулос Филипов.

Својата воздржаност од позитивни очекувања тој ја илустрира со своја фотографија снимена од средба во пленарната сала во Брисел, каде што е покренувано прашањето за правата во Грција. Над него на фотографијата на кирилица пишува „македонски јазик" и тоа сведочи за сериозните разговори и признавањето на Македонците како малцинство од самата институција на ЕУ.

Но нема резултати од таквите обиди и напори да се смени нешто и европските стандарди да влезат и во Грција, вели Пале Воскопулос Филипов.

Сепак, и со последната резолуција гледа трошка напредок, зашто индиректно се констатира дека проблемот е во атарот на Грција и на Бугарија бидејќи тоа се земји што не го почитуваат ниту минимумот малцински права. Тоа во што се исти политиките на официјална Атина и Софија е дека не признаваат дека постојат Македонци во териториите на двете земји, но вели, има и разлика.

„Грчката политика во тој дел има регионален карактер, односно не признава дека постои македонско малцинство во рамките на државата, додека пак бугарската политика има целосен карактер, кој може да го наречеме јазичен или да бидеме попрецизни, Софија не признава национален македонски идентитет никаде, не само во Бугарија. Колку и да се донесуваат резолуции, ќе нема фајде ако не се зголеми ангажманот на самите Македонци во двете држави, соседи на Република Македонија", нагласува Воскопулос.

Неговиот сопартиец Пападакис укажува и на нешто што навидум е парадоксално, а всушност, вели, не е:

„За Малцинскиот безбедносен пакет гласаа европратениците од Неа демократиа, Сириза и Кинал (Пасок), а против беа грчките комунисти, Златна зора и радикалната десница на Елиники Лиси. Тоа ја покажува бедната состојба на една партија (комунистичката), којашто пред 70 години се бореше за правата на Македонците во Грција, а сега стои рамо до рамо со радикали и фашисти во нивната борба за непризнавање на кое било малцинство во земјата".

На нашето потпрашање дали фактот што три поголеми грчки партии преку своите пратеници во ЕП дале виза за малцинскиот пакет значи дека во иднина може да се очекува промена на нивниот сега негаторски став кон постоењето на македонското малцинство, Пападакис вели дека тоа практично не значи ништо. Неговото објаснување е дека Неа демократиа, Сириза и Кинал знаат дека без директива од страна на Европската комисија, каква што во поглед на малцинствата сосема сигурно нема да има, Резолуцијата ќе остане празна хартија, без обврски. Исто како што празна остана Конвенцијата за заштита за малцинските јазици, која Грција ја има потпишано, ама нема нејзина ратификација.

Се разбира, во Европската комисија директивата ќе ја има и пречката од една Шпанија, поради свои сопствени сепаратистички движења, или Унгарија, со политиката на Орбан, па по сѐ изгледа правата на малцинствата во повеќе држави ќе останат сон што долго ќе се сонува.

Инаку, преку Резолуцијата во Европскиот парламент, усвоена минатата недела, европратениците јасно порачаа дека националните и јазичните малцинства во ЕУ се соочуваат со асимилација и ги губат своите јазици, дека регионалните јазици мора да се промовираат, јазичните права да се заштитат таму каде што се користи повеќе од еден службен јазик, а јазичните заедници да се бранат во согласност со основните права.

ЕП исто така ја изрази својата загриженост за алармантното зголемување на злосторствата од омраза и од говорот на омраза против лица што им припаѓаат на малцински групи.

Безбедносниот пакет за заштита на малцинските права содржи препораки на ЕУ за заштита на културната и јазичната разновидност; програми за финансирање на мали јазични заедници; создавање центар за јазична разновидност; фондови за регионален развој на ЕУ за покривање на заштитата на националните малцинства; истражување за вредноста на малцинствата во нивните општества...

Инаку, во тие рамки, и натаму главните барања на македонското малцинство во Грција и во Бугарија, како земји членки на ЕУ остануваат на изучувањето на македонскиот јазик во државните училишта, дозвола за отворање културни македонски друштва, учество на изборите...

Дополнителен проблем е што македонската држава со договорите со Грција и Бугарија формално се откажа од поддршката и помошта кон македонското малцинство во двете соседни држави во остварувањето на нивните човекови права. Стојко Стојков претходно, во друга прилика, за МКД.мк има изјавено дека помош како малцинство немале ниту од една македонска влада, која партија и да била на власт, и дека „чарето" го гледаат во својот ангажман и соработката со прогресивни европски партии и движења.

Во Албанија, пак, како земја аспирант за членство, правата на Македонците се загарантирани во регионот на Мала Преспа, како и во атарот на селото Врбник (кое географски му припаѓа на егејскиот дел од Македонија), но македонскиот јазик не се изучува и во други делови од Албанија каде што живеат Македонците и каде што немаат можност ниту да се изјаснат според националната припадност. Во земјата е дозволено културно и политичко организирање на национална основа, а во парламентот првпат Македонците имаат свој пратеник.

П. Џамбазоски

Овде нема такво нешто. Има некои чинители што се занимаваат со испишување црвени линии. Не им значи ништо фактот што токму под ова гесло е овозможен најдолготрајниот мир на европскиот континент.

повеќе

Србија продолжува да го негира минатото, при што нејзините политички елити ја користат резолуцијата за да ѝ се спротивстават на Црна Гора и истовремено се надеваат дека овој потег ќе им донесе поголема популарност дома.

повеќе

„И, ако милееме ние за својата Татковина, ако во нас има барем капка македонска крв, ако во нас останала искра благороден патриотизам, овојпат треба да се впрегнеме, за да понесеме дел од тежината на едно дело и од жестокото величие на една епоха“.

повеќе