За шлаканиците во центар

Одбраната на Груевски два часа се бореше со судот и СЈО да не почне судењето

Два часа одбраната на Никола Груевски и останатите обвинети во случајот со шлаканиците во Центар се бореше со судот и со СЈО за да го одложат судењето. Прво во судницата обвинетиот Димче Крстев се пожали дека бил стражарно проведен утрово во 4 часот од неговиот дом, дека не се чувствува добро и нема ангажирано адвокат за денешното рочиште по што побара истото да се одложи. 

Обвинителката Фатиме Фетаи побара постапката за него да се раздвои и судењето да почне со образложение дека повеќе од една година судските рочишта се одложуваат, а на истите секојпат доаѓаат над 20 сведоци кои отсуствуваат од своите работни места и залудно го трошат времето. По ова судијката го прифати предлогот на СЈО постапката против Димче Крстев да се раздвои и да се формира посебен предмет.

Судењето требаше да започне но одбраната реагираше бранејќи ги основните права на  обвинетиот Крстев и тврдејќи дека барањето на СЈО е преурането. На ова Фетаи реагираше дека реакцијата на адвокатите е задоцнета и дека против решението донесено од судот за раздвојување на постапката не се дозволени приговори. Судијката Татјана Михајлова му дозволи на обвинет Крстев да си оди од судницата и му образложи дека дополнително ќе биде повикан за судско рочиште. По ова адвокатите се фатија за доказите со образложение дека поднеле приговори на доказите, а судот не се произнел по истите и дека доколку рочиштето започне тие нема да знаат од што се бранат. Судијката Михајлова на ова жестоко реагираше дека точно знае какви одлуки носи и за што се произнела и ги опомена дека повеќе нема да им дава право на збор, бидејќи постојано се повторуваат во своите барања. По ова адвокатите приговараа со образложение дека не може да отпочне главната расправа кога апелација донела решение да ги прифати бомбите, а со тоа решението од првостепениот суд го прогласува за незаконито. Фетаи жестоко реагираше, нагласувајќи дека повеќе од очигледно е дека одбраната се обидува да ја одложи денешната главна расправа за која, според неа, има услови денес да се одржи и истата треба да започне.

Одбрана побара пауза, а Фетаи нагласи дека неа не ѝ потребна пауза и дека може да продолжи да работи.

По паузата почна главната расправа на која се присутни сите обвинети, Никола Груевски, Миле Јанакиески, Даниела Рангелова и останатите, како и оштетените Андреј Жерновски и Саша Богдановиќ. 

К.Д.

Владите постојано ги повторуваат истите грешки. Тие го сметаат долгот како предност за долгорочен раст, наместо она што тој всушност е: тежок товар и извор на масивни долгорочни ризици.

повеќе

Гостиварскиот градоначалник од сограѓаните побара да бидат потолерантни кон однесувањето на печалбарите.

повеќе

Дента кога македонската делегација беше на пат за Нивици, Заев со себе требаше да понесе еден венец.

повеќе