Работни средби за менување на изборниот модел

Од една па сѐ до 120 изборни единици, различни модели на преговарачката маса

СДСМ и помалите партии на преговарачката маса го ставија предлогот за Македонија како една изборна единица, ДУИ е против, а ВМРО-ДПМНЕ не го открива генералниот став, но за размислување ја стави идејата за 120 изборни единици - толку колку што брои парламентарниот состав. Генерално сите се за отворени листи, но во ДИК сметаат дека особено моделот на една изборна единица со отворени листи ќе биде многу проблематичен за пребројување и за брзо објавување на конечните резултати.

Во работните групи на партиите се разговара за менување на Изборниот законик, но во моментов не постои ниту минимум согласност дали и во која насока би се променил изборниот модел. Последниот обид беше вчера, преку разговор да се дојде до некаква почетна позиција за градење на ново законско решение за моделот, но до доближување на ставовите не дојде. Oд Министерството за правда не очекуваат да се постигне консензус помеѓу партиите бидејќи се различни барањата, не само во поглед на бројот на изборни единици, туку уште повеќе за изборниот праг.

Во секој случај, разговорите завршуваат, а промени нема да има, бидејќи според препораките на ОБСЕ/ОДИХР изборни правила не се менуваат најмалку шест месеци пред датумот на изборите.

Помалите партии покрај тоа што бараат една изборна единица наместо сегашните шест, бараат да нема изборен праг за влез во парламентот, а големите во разговорите оперираат со праг од 5 проценти. Додека повеќето се за намалување на бројот на изборните единици, ДУИ не се согласува, а ВМРО-ДПМНЕ, како што велат извори од Министерството за правда, споменува дури и барање за 120 изборни едници - за изборот на секој пратеник по една единица.

Декларативно, велат нашите извори, сите партии се согласуваат листите да бидат отворени, што ќе биде можност гласачот од партиската листа да заокружи конкретни кандидати за пратеници, кои би сакал да го претставуваат во парламентот, а не тоа да биде исклучиво избор на партијата, односно да избере кандидати за советници на локални избори кои најдобро ги познава.

Но, од ДИК велат дека отворените листи за парламентарни избори можат да бидат многу проблематично  решение, бидејќи би се отежнала работата на Комисијата при пребројувањето на гласачките ливчиња и би се одолжило времето за објавувањето на резултатите, тоа би создало сомнежи во јавноста.

Претседателот на ДИК Александар Даштевски за МКД.мк вели дека треба да се избере добар изборен модел соодветен за наши услови. Во случај, особено на една изборна единица со отворени листи, рачното пребројување на гласовите би претставувало многу тешка мисија. Вели дека пребројувањето е изводливо само со употреба на  специјални скенери кои би ги читале гласачките ливчиња, по што би се сумирале резултатите од гласањето и потсетува како овој модел, без соодветна современа техничка поддршка, создаде големи проблеми во објавувањето на резултатите од изборите во Косово.

Всушност, во случај на парламентарни избори со една изборна единица  гласачот може да заокружи до 120 кандидати за пратеници, независно од партиската припадност. Евентуален хибриден модел  со преференцијално гласање би можело да биде решението, велат повеќемина експерти, при што на пример партиите на својата листа би истакнале само по три имиња на кандидати.

Поконкретни се разговорите само за бројот на изборни единици.

Владејачката СДСМ по победата на изборите во 2016 година, преку изјавата на лидерот Зоран Заев, за првпат најави дека иако се голема партија, дека во име на демократијата ќе се согласат Македонија да стане една изборна единици, бидејќи моделот со шест единици ги фаворизира големите партии.

Пет години подоцна, односно минатата недела Заев повтори дека СДСМ поддржува една изборна единица.

„Како мултиетничко општество сме убедени дека треба да дадеме шанса на една изборна единица што ќе значи диверзификaција или поголема разноликост на парламентот, ќе ја скроти или ќе ја ограничи моќта на шефовите на поголемите политички партии и ќе ја унапреди демократијата во државата, а ќе гарантира поголема застапеност и на помалкубројните етнички заедници, но и на помалите партии", рече Заев.

Но премиерот забележа дека тоа не е и став на владината коалиција и нагласи дека ДУИ во разговорите во изминатите години застапуваше став дека доколку моделот се менува, дека таа партија би барала да се оди со три изборни едници, а дека сега слушнал дека интегративците би барале зголемување на бројот на единиците од сегашните шест, на осум.

Претседателот на парламентот Талат Џафери со последната изјава делумно го корегира Заев, но и нагласи дека е тоа негов личен став.

„Идеален изборен модел нема, но моделот за шест изборни единици е најоптимален", рече Џафери.

Но според Заев, ВМРО-ДПМНЕ бара мнозински модел, а тоа е, вели, уназадување, зашто како што нагласи, можеби со една изборна единица четирите големи партии би имале извесна загуба на изборите, но демократијата би добила многу.

Од ВМРО-ДПМНЕ деновиве не се изјаснуваат јавно за каков изборен модел се залагаат и преговараат во рамки на работната група, ниту пак потврдуваат дека во разговорите на работната група споменуваат можност да преговараат за дури 120 изборни единици, толку колку што пратеници брои парламентарниот состав.

„Нашите претставници во работната група се во очекување да се искристализира ставот на партиите од владејачката коалиција, бидејќи кај нив нема усогласеност ниту за изборниот модел, ниту за бројот на изборни единици. Потоа ќе го изнесеме ставот на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи потребно е кога се преговара да се знае барем минимум ставот на другата страна", велат од службата за информирање на партијата.

Минатата година ставот на ВМРО-ДПМНЕ беше поразличен од тоа што сега како проблем го детектира премиерот.

„Отворените листи и една изборна единица преставуваат солидна основа за разговори за промена на Изборниот законик", гласеше ставот на партијата минатата есен. Кога во прашање пак, се локалните избори, тие да се одржат во еден изборен круг за да се заштедат пари. Од ВМРО-ДПМНЕ остануваат на ставот градоначалник да се избере во еден круг доколку добие најмалку 30 отсто гласови од запишаните избирачи.

Помалите партии оддамна бараат една изборна единица затоа што така, велат, нема да има голема загуба на гласовите.

„Можете да добиете 20 илјади гласови, а ниеден кандидат за пратеник да не влезе во Собранието, а дека некои партии и покрај солиден изборен резултат не станаа и парламентарни, имавме примери во минатото. Затоа, треба да се промени моделот", велат од Демократскиот сојуз.

Од ЛДП се на истиот став, но се согласуваат со големите партии дека е потребен консензус кога станува збор за менување на изборниот законик, бидејќи изборите се основата на демократијата.

„Доколку нема консензус за една изборна единица, тогаш е подобро од шест, бројот на изборните единици да се зголеми на осум, тоа повеќе би одговорало за да се обезбеди рамноправна структура на гласачите по изборни единици", велат либералните демократи.

Од коалицијата Алијанса за Албанците - Алтернатива, кои партии според вкупниот број на пратеници - 12, не можат да се класифицираат како мали изборни играчи, велат дека преферираат избори со една изборна единица и со отворени листи, но дека може да се преговара и за три изборни единици.

„Нема перфектен изборен модел. Битно е да го пронајдеме најсоодветниот модел при што автентично ќе се рефлектира политичката волја на граѓаните", нѝ изјавија од Алтернатива.

Кога во прашање најсоодветниот модел за Македонија, за што со години се разговара, а во последниве месеци тешко се преговара, аналитичарите велат дека самиот модел не мора да значи дека ќе доведе до битни промени на политичката карта. Кога би паднал договор за една изборна единица, што според општото мислење повеќе им одговара на малите партии, битен е моделот според кој ќе се пресметуваат гласовите, вели во колумна за МКД.мк политикологот Димитар Христов. Според него Донтовиот модел, а не бројот на изборни единици е проблемот кај нас.

Христов во своите анализи вели дека доколку последните парламентарни избори беа спроведени во една изборна единица според Донтовиот модел, дека коалициите на СДСМ и на ДУИ би загубиле само по еден пратеник, исто толку би загубиле ДУИ и Алијанса/Алтернатива, додека Левица наместо двајца пратеници, би добила пет, а во парламентот со еден пратеник би влегла партијата Интегра.

 

Доколку пак истите избори беа спроведени според актуелниот модел во шест изборни единици, но според Харе квотата - математичкиот модел за пресметување на гласовите, Христов вели дека тогаш двете големи коалиции би загубиле по двајца пратеници, Левица би добила уште четири пратеници, а и ДПА би добила пратеник повеќе - вкупно двајца.

Според Харе квотата, математички вкупниот број на гласови се дели со бројот на места, при што е утврдена минималната квота на гласови.

Но, математиката презентирана според резултатите на последните парламентарни избори, секако дека не може да се смета за релевантна, доколку големите партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ решат да одат сами на избори, а не како досега во коалиции со голем број на мали партии, меѓу нив и тие со етнички предзнак. Доколку Македонија стане една изборна единица секоја партија би направила свои пресметки - големите партии би пресметале дали би било поисплатливо самите да настапат, па потоа да прават коалиција, а малите со своја математика дали би можеле да обезбедат влез во парламентот.

Во идеална ситуација, доколку сите партии на избори излезат самостојно, тогаш конечно би се дознало кој колку навистина тежи на политичката сцена во Македонија.

П.Џамбазоски

Под менторство на овој истраен истражувач, научник и педагог, се развивале и се формирале многумина трудбеници и афирматори на македонското културно наследство.

повеќе

Ковидот нема да нѐ победи. Да зборуваме за раст и развој, за подобар и забрзан раст, за паметен и зелен развој.

повеќе

Размислуваме како можеме да ја заштедиме и заштитиме водата, но само додека немаме вода!

повеќе