Џафери да закаже продолжување на 31-та седница

Од 2019 нема механизам за заштита од дискриминација, „Маргини“ бара итно гласање на нов состав на Комисијата

Коалицијата „Маргини" бара Собранието итно да го изгласа новиот состав на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) за да може да почне со работа оти граѓаните од август 2019 година немаат достапен механизам за заштита од дискриминација.

Собранието на Република Северна Македонија на 31-та седница закажана за 12 јануари 2021 година не ја изгласа Предлог-одлуката за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Седницата беше прекината поради немање на кворум за работа на Собранието, со што изборот на членови на институцијата повторно се оддолжи, а со тоа се одложи и почетокот на работата на Комисијата која има мандат да спречува и да штити од дискриминација, велат во соопштение од „Маргини".

Гласањето на Предлог-одлуката за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација беше втора точка на дневниот ред на седницата на Собранието, веднаш по гласањето на Предлог-одлуката за избор на претседател, на потпретседател и на членови на Државната изборна комисија.

Имајќи предвид дека претседателот, потпретседателот и членовите на ДИК едногласно беа изгласани од страна на 95 пратеници, кои беа присутни кога се гласаше за оваа точка на дневниот ред на оваа седница, крајно несериозно и малициозно е тоа што Собранието не оствари кворум за работа (од 61 пратеници) при гласањето за Предлог-одлуката за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, односно што дел од пратениците интенциозно ја напуштија собраниската сала кога требаше да се гласа по оваа точка, нагласуваат од коалицијата „Маргини".

Тие потсетуваат дека граѓаните од август 2019 година немаат достапен механизам за заштита од дискриминација, што, според нив, значи дека Собранието не смее да дозволи воспоставувањето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација дополнително да се развлекува.

Затоа, „Маргини" апелира претседателот на Собранието веднаш да закаже продолжување на 31-та седница, на која ќе се гласа Предлог-одлуката за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Тие ги потсетуваат сите политички партии во Собранието дека пред изборите ја поддржале Декларацијата за донесување на Закон за спречување и заштита од дискриминација и се обврзале да спроведат брза и транспарентна постапка за воспоставување на Комисија за спречување и заштита од дискриминација.

Очекуваме дека тие ќе бидат присутни на продолжувањето на седницата и ќе обезбедат кворум за изгласување на предлог одлуката, велат од „Маргини".

Додаваат дека се задоволни од предлог-составот на Комисијата и сметаат дека е значително подобар од кој било претходен нејзин состав.

„Го поздравуваме поставувањето на листата на кандидати со богато искуство во спречувањето и заштитата од дискриминација кои воедно доаѓаат од здруженија кои се етаблирале како независни чинители во унапредувањето на човековите права на граѓаните. Клучна наша забелешка е недостатокот на родово-балансирано учество на предлог-листата, иако половина од кандидатите беа жени, а дел од нив со исклучителни биографии во областа на човековите права и недискриминацијата“, потенцираат од „Маргини".

Можеби ни треба регистар на погрешни перцепции на граѓаните за криминалот и корупцијата во државата.

повеќе

Младите бараат подобар живот надвор од државата, бидејќи доаѓаат до заклучок дека приватните компании и странските организации им пружаат поголема поддршка и повеќе ги вреднуваат отколку сопствената држава.

повеќе

Во САД и некои други земји, припадниците на загрозените расни и етнички малцинства имаат пократок животен век од просечниот, и поради тоа не се доволно застапени меѓу оние за кои најмногу се очекува дека ќе починат од ковид-19.

повеќе