Министерот за здравство на Грција Танос Плеврис, претпладнево ги соопшти одлуките на Владата за олабавување на мерките, меѓу кои, освен укинувањето на сертификатот, се укинува и задолжителната маска на затворено од 1 јуни, како и задолжителниот селф тест за учениците.
„Од 1 мај до 31 август се укинува сертификатот за вакцинација и прележана болест за влез во сите простори, затворени и отворени. Тоа значи дека и онаму каде што беше задолжително тестирање, нема да биде потребно да се спроведува. Мерката, одново ќе се разгледа на 1 септември. Паралелно, во следниот период ќе се разгледа и укинувањето задолжителното покажување на европскиот сертификат за влез во земјава, па така ќе постои ново соопштение“, рече Плеврис.
Исто така од 1 мај нема да биде потребно учениците да се тестираат со селф-тестови, невакцинираните вработени ќе прават само еден рапид тест седмично, а сите простори ќе работат со 100 отсто од капацитетот и се укинуваат секакви ограничувања.
До крајот на следниот месец останува задолжителна маската за внатрешните простори, нешто што ќе се укине од 1 јуни.
„Сите мерки одново ќе се разгледаат на 1 септември, согласно ситуацијата со пандемијата“, истакна Плеврис.
Ова значи дека од 1 мај нема да биде потребен никаков документ и пристапот ќе биде слободен за сите, и за вакцинирани и за невакцинирани.
За време на Велигденските празници, нема никакви промени на мерките што важат сега, а според Плеврис, по две години пауза сите религиозни настани ќе се одржат регуларно, со почитување на здравствените протоколи.