По скандалот со македонските дипломати

Обвинителство на Ерменија: Mиленкоски и Димитријевиќ се обвинети за измама и незаконско преминување граница

Двајца македонски државјани, дипломат и бизнисмен, чекаат да бидат (или веќе се) екстрадирани во Ерменија, а во Македонија не може да се добие никаква информација за тоа што навистина се случува со нив. И двајцата се вмешани во аферата со македонските дипломати во Ерменија, а молкот на македонските институции за овој скандал продолжува.

Има само едно известување од македонската амбасада во Хрватска до Министерството за надворешни работи од април годинава во кое се известува дека македонскиот бизнисмен Бранислав Димитријевиќ е во екстрадициски притвор во Осиек по меѓународна потерница од Ерменија.

За македонскиот дипломат Миле Миленкоски, кој е во екстрадициски притвор во Врање, Србија, исто така по распишаната меѓународна потерница од Ерменија, од македонското МНР и МВР нема никаков одговор на прашањето дали македонската држава прави нешто за нив.

Се работи за скандалот што се случил во Ерменија кога тројца македонски дипломати, со приватен авион и дипломатски пасоши во 2019 година го извлекле од Ерменија македонскиот бизнисмен Димитријевиќ, обвинет за измама во таа земја уште пред две години.

Бранислав Димитријевиќ

Овој скандал се откри дури годинава, откако српските власти на 27 август го притвориле македонскиот дипломат Миле Миленкоски. Тогаш се објавија и неофицијални информации дека при тоа бегство од Ерменија бил извлечен и ерменскиот дипломат Левон Саркисјан, кој исто така бил осомничен, а подоцна и обвинет за корупција и перење пари, во истите афери во кои бил вмешан и Димитријевиќ.

Но во изјава за МКД.мк од ерменското обвинителство велат дека истражните органи на Ерменија немаат податоци дека македонскиот дипломат Миле Миленкоски му помогнал и на Левон Саркисјан, братот на поранешниот ерменски претседател вмешан во многу корупциски скандали, во илегалното напуштање на Ерменија.

Ерменското обвинителство, освен против Миленкоски, води истрага и против уште неколку македонски државјани, заедно со граѓани на Република Бугарија и Република Украина вклучени во истата група. И за нив е покрената кривична постапка поради помагање на Бранислав Димитријевиќ, кој не е државјанин на Република Ерменија, при илегалното преминување на ерменската државна граница.

„Бранислав Димитријевиќ е обвинет од надлежните органи на Република Ерменија според точка 1 од Дел 3 од член 178 (измама извршена во особено голема сума), член 326 (нелегална продажба или купување службени документи) и Дел 2 од член 329 (незаконско преминување на државната граница извршено од група луѓе со претходен договор или од организирана група) од Кривичниот законик на Република Ерменија поради фактот дека како тим-лидер на компанија за градежна техничка контрола вклучена во голем проект за изградба на патишта во Ерменија со претходна согласност од другите во групата, со измама украл особено голема сума пари платена од клиентот, и по покренувањето кривична постапка против него, со незаконско купување и продавање на пасошот на друго лице, кој е официјален документ, со помош на криминална група, илегално ја напуштил територијата на Република Ерменија.

Првично, за да не избега, против него беше воведена кауција, но подоцна, на 25 февруари 2020 година, тој беше наведен како баран, а му беше одредена мерка притвор“, вели во изјавата за МКД.мк Гор Абрахамјан, советник на главниот обвинител на Република Ерменија.

Тој појаснува дека Обвинителството на Ерменија било официјално известено за притворот на Миле Миленкоски од страна на Република Србија, па пакетот релевантни документи поврзани со барањето за негова екстрадиција до надлежните органи на Република Ерменија веќе било испратено до Јавното обвинителство на Република Србија.

Интересна е пораката на Димитријевиќ објавена на неговиот фејсбук-профил на 1 октомври 2020 година: „Помина една година од мојот живот на слобода, без пресија и тортура. Ми недостигаат моите пријатели и колеги, но тоа е цената која морав да ја платам“. Пораката наводно е пратена од Угљан, Хрватска, каде што Димитријевиќ поседувал и приватен имот.

Нема официјални информации ни од Србија ни од Хрватска дали Миленкоски и Димитријевиќ веќе се екстрадирани во Ерменија. Во официјалниот одговор до МКД.мк од Општинскиот суд во Вуковар дури велат дека нема заведен предмет што се однесува на Бранислав Димитријевиќ. Ова е сосема спротивно на известувањето од македонската амбасада во Загреб до МНР и МВР, во кое се вели дека на 22 март 2021 година биле известени дека на „издржување истражна затворска казна поради екстрадиција во Република Ерменија во затворот во Осиек се наоѓа Бранислав Димитријевиќ, државјанин на Република Северна Македонија“.

Во писмото исто така се наведува дека решението за екстрадициски притвор е донесено од Општинскиот суд во Вуковар број Кир 255/2021-3 од 20 април 2021 година.

Она што е најинтересно во целата оваа афера е молкот на македонските надлежни институции, МВР, МНР и Јавното обвинителство, кои преку потерницата на Интерпол ги имале информациите за овој скандал многу порано пред тој да се обзнани.

А.Д.

Mиленкоски бара да биде суден во Македонија

Македонскиот дипломат Миле Миленкоски испратил писмо преку своето семејство до редакцијата на „Слободен печат“ во кое бара да биде екстрадиран во Македонија и да му се суди во нашата држава.

„Од страна на Судот ми беа доставени доказите од Ерменија. Во нив нема ништо што би укажувало на моја вина, ниту пак може да има. Копија од доказите е доставена до надлежните институции во РСМ. Верувам дека РСМ е правна држава и, оттаму, верувам дека надлежните ќе покренат брза постапка, со оглед на фактот дека во доказите за случајот се опфатени 7 лица, од кои 6 се државјани на РСМ. Притоа, РСМ би побарала од Република Србија да бидам префрлен во РСМ. На овој начин правдата би била задоволена и случајот комплетно разрешен, што е моја најголема желба во моментов“, пишува Миленкоски.

Од семејството ма Миленкоски информираат дека во изминатите неколку дена тие ги доставиле сите документи што ги поседуваат за случајот до „сите надлежни институции во државава“, бидејќи никој од Македонија официјално не пројавил интерес до судските инстанци во Србија да ја добијат документацијата за случајот со Миленкоски.

 

Продолжува активноста на копачите, крановите и мешалките за цемент додека самите Албанци се протерувани од градот. 

повеќе

После речиси две години очигледно е дека менталното здравје на вработените е исто важно како и нивното физичко здравје. Сега повеќе од било кога, неопходен е силно развиен систем за управување со човечки ресурси.

повеќе

Јазикот е многу повеќе од структура на една реченица или граматика, јазикот е нашата историја, нашите обичаи и нашето наследство...

повеќе