Предвремени парламентарни избори

ОБСЕ/ОДИХР со оценка: Мирен изборен ден и кампања со негативна реторика

Мирен изборен ден и непречено гласање, но со наводи за поткуп на гласачи, е дел од оценката на Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР за предвремените парламентарни избори. Предвремените парламентарни избори, според Мисијата, беа добро организирани и покрај пандемијата, но правната сигурност остава простор за загриженост. Денот на гласање помина мирно и покрај одредени технички предизвици поврзани со известувањето за резултатите, се наведува во прелиминарната оценка за изборите на меѓународниот набљудувачки тим на ОБСЕ/ОДИХР.

Во прелиминарниот извештај се наведува дека изборите беа генерално добро спроведени и кандидатите можеа слободно да водат изборна кампања, но правната сигурност беше поткопана поради значајни промени на законската рамка и последователните владини уредби со законска сила.

„Ова се многу предизвикувачки времиња за одржување избори и ги препознаваме напорите на властите да се прилагодат на новите околности. Сепак, постојат неразјаснети прашања околу Изборниот законик, и процеси кои често доведуваа до политички договори во последен миг. Властите треба да посветат сериозно внимание на овие прашања пред одржување на следите избори“, рече шефот на ОДИХР специјалната мисија за проценка на изборите Лаима Андрикиене.

На новинарско прашање таа појасни дека прифатлива временска рамка за вакви промени во изборната легислатива би била најмалку една година пред одржување на изборите.

„Изборната администација ја заврши својата работа во рамки на законските рокови и покрај компликациите предизвикани од суспендирањето на изборниот процес. Денот на гласање помина мирно и покрај одредени технички предизвици поврзани со известувањето за резултатите. Сепак, долгогодишните структурни прашања поврзани со составувањето на Избирачкиот список останаа неадресирани“, посочи таа.

Според неа, законската рамка беше суштински изменета непосредно пред распишување на изборите, што е спротивно на меѓунаодните добри практики. Додаде дека континуираните неконзистентности и двосмислени формулации ја поткопуваат правната сигурност и се уште им е потребна суштинска ревизија.

На прашањето да го искоментира вчерашниот пад на системот на Државната изборна комисија (ДИК), Андрикиене рече дека тоа е многу важно прашање, тие ги следат настаните, свесни за техничките потешкотии и ќе продолжат да ја следат ситуацијата.

Во однос на медиумската покриеност, шефицата на Мисијата истакна дека кандидатите имаа можност вистински да се натпреваруваат и да ги пренесат пораките иако кампањата се карактеризираше со негативна реторика на сметка на суштински дискусии за политики.

„На медумското извесување за изборите генерално му недостасуваше критичка анализа на платформите, а правилата за политичко рекламирање ги фаворизираа трите најголеми политички партии“, истакна таа.

Кампањата, како што стои во извештајот, беше одбележана со негативна реторика за сметка на посуштинска дебата. Рекламите на ВМРО-ДПМНЕ содржеа лични напади врз лидерот на СДСМ, додека СДСМ предупредуваше за враќање на „режимот“ на поранешниот премиер од ВМРО-ДПМНЕ. Низата објавени незаконски снимки од политичките лидери дополнително придонесоа кон негативниот тон. Предлогот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) за етнички Албанец како кандидат за премиер предизвика жестока дебата, како во рамките на етничките заедници така и помеѓу заедниците.

Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР ќе остане да го следи развојот на настаните по денот на изборите по однос на поплаките и жалбите од страна на политиките партии и ќе остане во земјава согласно мандатот што истекува на 23 јули.

Мисијата ги следеше сите аспекти на изборниот процес. Основниот тим на ОДИХР го сочинуваа девет члена од девет земји-учеснички во ОБСЕ, а на денот на изборите имаа акредитирано 26 набљудувачи, во кои спаѓаат меѓународните експерти и националниот персонал за поддршка.

Конечен извештај со заклучоци и потенцијални препораки ќе биде објавен околу осум недели по денот на изборите.

Информацијата дека коронавирусот може да се пренесe преку допир со готовина, дополнително ги мотивираше луѓето да се ослободат од банкнотите. 

повеќе

Овогодинешниот процес во одлучување по конкурсот за финансирање на проекти за игран филм е селективен, корумпиран и компромитиран,

повеќе

Во споредба со 2019 година, просечното време поминато на социјалните медиуми во 2020 година се зголеми за рекордни 100% на сите платформи.

повеќе