Основен суд Скопје 1

Обраќање на специјалниот обвинител: Криминално здружение за незаконско стекнување профит

Мотивот на обвинетите не беше чесно да се добие тендер на АД ЕЛЕМ и да се ископа потребното количество јаглен и јаловина, туку со невистинита, фалсификувана документација да се „ископаат“ 17 милиони евра, рече во своето денешно воведно обраќање Гаврил Бубевски, специјалниот обвинител во случајот „Труст“. 

Воведниот говор го пренесуваме во целост:

„Една од темелните вредности на нашиот Устав е слободата на пазарот и претприемништвото! Слобода која треба да овозможи справување со конкурентскиот притисок и пазарните сили, дури и во трката за јавните пари при јавните набавки. Законитата постапка при нивното доделување е ангел чувар на компетитивниот дух во општеството и гарант за успешно функционирање на слободната и фер конкуренција. Постапка за која што е нужен екстремно висок степен на совесност и чесност од учесниците во истата. Нешто што на општо жалење е непознат феномен за овие лица.

Овие лица и правните субјекти денес се исправени пред лицето на правдата, затоа што пред шест години свесно се затекнале во вистинското време, на вистинското место, со невистинита документација. Невистинитоста на докуметацијата е основата - есенцијата на самото кривично дело кое им се става на товар.

Во предметот поради кој сме денес тука, присутните физички и правни лица, обвинетите Сеад Кочан, Василије Авировиќ и Сафет Ватиќ, односно „Трансмет“, „Силекс неметали“ и „Вато“, со кривичните дела кои им се ставаат на товар, ги повредиле индивидуалните и општествените правни добра на стопанскиот живот единствено заради нивно нелегално богатење, а на штета на сите останати – граѓаните на Република Македонија.

Токму нивното убедување дека криминалот е активност што се исплати е главниот сврзувачки елемент на оформениот „Труст“ што со фалсификувана документација успеал да добие тендер од АД ЕЛЕМ за ископ на јаглен и јаловина, па и анекс на тој тендер, и „ископал“ една милијарда и 60 милиони денари, пари на граѓаните на Република Македонија или над 17 милиони евра. Можете ли, чесен суде, да замислите колку пари се 17 милиони евра и што сѐ може да се направи со овие пари?

Заради тие 17 милиони евра, целосно се погазени правилата на конкуренцијата, чија примена во областа на јавните набавки, е од особено значење бидејќи има за крајна цел подобрување на јавните услуги на граѓаните. Од тие причини, кривично-правната заштита на конкуренцијата законодавецот ја предвидел во членот 275-в од Кривичниот законик на Република Македонија и го инкриминирал свесното изигрување на прописите на постапката за склучување на договор за јавна набавка, вклучително и со поднесување на невистинита документација.

Спротивно на тоа, обвинетите, секој во својот дел преку обвинетите правни лица „Трансмет“, „Силекс неметали“ и „Вато“, кон пријавата за учество во прва фаза од постапката за јавна набавка со предмет ископ на јаловина и јаглен во рудникот Суводол – РЕК Битола, заради стекнување на посочената имотна корист, доставиле невистинита документација како доказ за поседување на техничка опрема и кадровска екипираност за извршување на предметната набавка. Со предложените материјални и вербални докази, кои, чесен суде, имаме намера да ги изведеме во текот на главната расправа, ние како овластен тужител во постапката ќе докажеме дека конзорциумот од обвинетите правни лица не ги исполнувал условите предвидени во повикот за јавна набавка.

Но, борбата со конкуренцијата одела дотаму што, со фиктивните договори за купопродажба, фактурите за наводно купена механизација, фиктивните договори за вработување, и други документи со невистинита содржина во однос на сопственоста, капацитетот и карактеристиките на механизацијата и кадровската екипираност, конзорциумот се квалификувал во втората фаза од постапката и подоцна доставил најповолна понуда врз основа на која бил склучен предметниот договор. Оттаму, предметниот договор, а со тоа и подоцна склучениот анекс, се темелат на невистинита документација, со што е сторена злоупотреба на постапката за јавен повик и доделување на договор за јавнa набавкa.

За ова да го докажеме ќе ви ги презентираме вештите наоди, а ќе ги испитаме и предложените сведоци, што ќе ви даде слика на основните факти и околности за предметнот кривично правен настан. Воедно, содржината на разговорите од нелегалното следење на комуникациите го потврдува фактот дека обвинетите свесно ги изиграле прописите на постапката за доделување на договор за јавна набавка заради стекнувањето на имотна корист како главен мотив.

Ова е само сумарен приказ на доказите кои ќе ги чуете и видите во текот на доказната постапка. Одбраната нема да може да оспори дека доставената документација за учество на јавниот повик, врз основа на којашто е склучен предметниот договор и анексот, е со невистината содржина, и со тоа вредноста на договорот е противправно стекната имотна корист, без оглед дали и што после е работено од страна на овие правни субјекти.

Врз основа на предложените докази, Вие чесен суде ќе можете да се уверите надвор од секакво разумно сомневање дека обвинетите Сеат Кочан, Василије Авировиќ и Сафет Ватиќ, односно „Трансмет“, „Силекс неметали“ и „Вато“, се виновни за кривичните дела кои им се ставаат на товар. Судот ќе биде уверен во нивната вина затоа што ракописите не горат и истите се неми сведоци на криминалната с(о)вест на обвинетите

Ви благодарам чесен суде!“

Промовирање на родителското отсуство и за таткото на детето кое како опција постои во Законот за работните односи, но само ако не го користи работничката.

повеќе

(Полемика: „Стратегија за прашањето на користење на уставното име на Република Македонија во ООН“, Игор Јанев, МКД.мк, 11 ноември 2017)

повеќе

Зоран Заев од позиција на премиер удира во самите темели на асномска, антифашистичка Македонија.

повеќе