„Ние се обративме до ЈО со прашање дали таму е оформен предмет и дали се постапува по предмет поврзан со градењето на поранешно „Беко" односно ТЦ Плаза. Оттаму добивме одговор дека ЈО по кривична пријава оформило предмет кој се наоѓа во фаза на предистражна постапка, дека се работи за обемен и комплексен предмет по кој ЈО презема повеќе дејствија, па во таа мисла и прибавува материјална документација, податоци од релевантни институции, врши испитувања на лица и донесена е наредба за вештачење“, рече претседателката на ДКСК Билјана Ивановска пред почетокот на денешната седница.
Ивановска најави дека будно ќе ја следат состојбата и понатаму дотолку повеќе што, како што нагласи, се информирани дека има донесено решение од градежен инспектор дека станува збор за дивоградба.
„Оставаме простор на надлежна институција да си постапува, меѓутоа будно ќе ја следиме оваа ситуација“, рече таа и додаде дека засега ДКСК нема подетално да истражува и нема да се предложи оформување посебен предмет поврзан со оваа работа.
Скопската општина Центар уште во февруари годинава на инвеститорот на објектот кај БEKO му издаде решение за отстранување на дивоградбата, со рок од три дена сам да ја отстрани. Тоа, се разбира, не е сторено, а во август, годинава Општината на прашање на МКД.мк одговори дека „во наредниот период ќе распише јавна набавка за избор на соодветна фирма за уривање, која ќе постапува не само во однос на таа дивоградба, туку и по други решенија за отстранување на други дивоградби".
На овој објект се градеше и на 23 октомври за време на викенд.
Инвеститорот на овој објект, бизнисменот Борис Стојменов продолжува да гради, против него Општина Центар има поднесено и кривична пријава, Обвинителството чека вештачење, но булдожерите и работниците веќе неколку пати се на терен.
Градењето на овој објект во центарот на Скопје беше прекинато уште лани во јули. Она што е изградено како основа требаше да се урне уште лани во февруари, а во агвуст 2020 година Општина Центар почна да бара фирма тоа да го направи.