Во овие разговори се споменуваат и сменетиот директор на гинекологија Ваљон Беља и екстрадицијата на обвинетите од Диво Насеље. Ел Чека тврди дека „бомбите“ биле добиени од тројца членови на кумановската група која лежи во затворот Идризово: Сами Укшини, Вал Зека и Шек Халими. На својот профил Ел Чека вели дела се слушнал со еден од осудените за Диво Насеље, командант Соколи и дека се договориле да ги објави сите „бомби“ што ги има.
Вчера МВР објави дека откри кој стои зад профилот Ел Чека и дека било побарано од Фејсбук тој профил да биде блокиран. „Утврдено е кој стои зад профилот на Фејсбук од каде што се пласирани овие содржини и за тоа е известено Обвинителството. Исто така, известена е социјалната мрежа Фејсбук односно надлежните во оваа компанија се известени дека се пласирани нелегални содржини преку нивниот сервис. По целосното расчистување на случајот, МВР ќе поднесе кривична пријава против сторителот и за тоа соодветно ќе ја информира јавноста“, стои во соопштението на МВР.
На ова, сопственикот на профилот одговорил дека МВР го откриле неговиот идентитет иако неговиот фејсбук е отворен односно е јавен. Ел Чека живее во Чикаго, САД.
„Глупоста на ДУИ нема крај, ме откриле? Да, мојот профил е јавен и има слики од мене. И ова го нарекуваат криминал? Зарем убиствата на борците на УЧК и Албанците не се криминал? Ќе биде ли некој осуден за тоа? Бог да ги благослови Албанија и Америка“, напиша Ел Чека на Фејсбук.
Во претходните „бомби“ се слушаат наводни разговори меѓу Блерим Беџети, Муса Џафери, Бекир Асани и Гордана Јанкулоска и Сашо Мијалков. Беџети барал да се казнат припадници на Алфите, кои според Мијалков и Јанкулоска, коректно си ја завршиле работата во врска со претрес за нелегален пиштол, кај извесен Шеваљ.
Инаку, профилот на Ел Чека сѐ уште е активен.