Европскиот дуализам на сцена

Обид за раздвојување на Македонија и Албанија ќе има, но концесии во спорот со Бугарија - не

Двајца „Европејци“ во Скопје, две различни прес-конференции во ист ден, два различни става со кои се потврди дуализмот во Европската Унија околу Западен Балкан и особено околу Македонија.

Од една страна, австриската министерка за Европа и Устав, Каролине Едштадлер објаснуваше дека Македонија и Албанија треба заедно да го продолжат пристапниот процес кон ЕУ, бидејќи раздвојувањето на двете земји во тој процес може да биде ризично па треба да се спречи. А малку подоцна од неа, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји навести дека ако Македонија не постигне договор со Бугарија, ќе треба да се разгледува и опцијата за раздвојување на Скопје и Тирана, бидејќи Албанија ги исполнила условите за почеток на преговори.

Иако голем број земји членки на ЕУ, вклучувајќи ги Австрија, Германија и Словачка кои деновиве јасно кажаа дека сметаат оти е потребно Македонија и Албанија да останат во пакет и да има меѓувладина конференција и со двете земји, повеќе од јасно е дека ќе има обиди за две меѓувладини конференции.

Македонските аналитичари се согласуваат дека во Унијата има дуализам но се против давањето концесии во спорот со Бугарија, додавајќи дека одвојувањето на Македонија ќе биде не само наш пораз, туку и голем срам и пораз на самата ЕУ.

Петар Арсовски

Кога се говори за дуализмот во ЕУ, каде што прашањата се или прашање на вредности или прашање на прагматика, според аналитичарот Петар Арсовски, комесарот Вархеји покажа дека ја застапува прагматичната страна со ставот „не е важно како ќе се договорите, важно договорете се и почнете преговори“ и не се секира многу дали некоја страна од тоа ќе биде оштетена.

Австрија, пак, застапува поинаква страна и вели не е важно само да се договорите, туку и како ќе се договорите, бидејќи внесување билатерални проблеми во процесот на преговори е преседан кој тие не сакаат да си го дозволат за која било идна членка. Сепак, какви и да се пораките од меѓународната заедница, договорот со Бугарија е наша обврска.

„Во овој момент сме оштетена страна зашто ни е таква геостратешката положба, Македонија секогаш била простор за некакви апетити. Но не верувам во приказната за раздвојување. Има многу земји кои се противат, а притоа на Албанија сѐ уште не ѝ е завршено портфолиото за да може сама да тргне напред. Мислам дека раздвојувањето ќе биде многу тешко да се направи, многу потешко од минатиот пат кога се обидоа да ја одвојат Македонија од Албанија. Тогаш Албанија не заслужуваше да помине, а Македонија сега заслужува да помине и би било многу поголема неправда доколку заради билатерално прашање се одвојат“, вели Арсовски во изјава за МКД.мк.

Коментирајќи ги последните изјави од претставници на Брисел, аналитичарот Благојче Атанасоски вели дека без никаква субјективност случајот „Македонија“ во европското досие, треба да се изучува веќе на светските универзитети.

Благојче Атанасоски

„Повеќе од една деценија бевме заглавени во чекалницата, поради наметнатиот и апсурден спор за нашето уставно име од страна на јужниот сосед кој го користеше ветото и кога сето тоа се реши со плаќање на преголема цена, ние три години повторно се соочуваме со нови вета и блокади, прво од Франција па најново од Бугарија. Тоа е одлика на најблаго кажано една непринципиелна,невкусна, неевропска, ако сакате и нецивилизирана политика кон една мала нација и држава од страна на тие кои себе си се сметаат за најстари и најголеми демократии, извознички на демократијата“, вели Атанасоски.

Според него, почнувањето на преговорите на Албанија со ЕУ, а наше изоставање е не само наш пораз, туку голем срам и голем пораз на самата ЕУ и што таа значи во очите на македонските граѓани, ако останеме во друштво со Косово и БиХ кои имаат проблематична државност, а не па извесна европска иднина.

И за Малинка Ристевска-Јорданова јасно беше дека ова прашање на раздвојување на Македонија и Албанија ќе дојде на дневен ред, но таа смета дека дел од земјите членки на Унијата ќе ја кренат кочницата кога се говори за исполнување на критериумите. Сепак, за неа работата е многу посериозна отколку една одлука на Европски совет и вели дека треба да се гледа на подолг рок.

„Сите други процеси се потешки и покритични отколку самиот акт на отворање на преговорите. На секој следен чекор ќе не блокираат“, ни изјави Ристевска-Јорданова.  

Малинка Ристевска-Јорданова

Што може да направи Македонија во ваква ситуација? Според Ристевска-Јорданова не треба да се прават концесии за мали добивки и треба да се гледа постратешки и подолгорочно, а не само од Совет до Совет.

„Треба да се држи прашањето на дневен ред, ама не треба да се попушта“, вели таа.

До договор со Бугарија тешко е да се очекува дека ќе дојдеме особено што се пред нови избори во јули и имаат техничка влада која ќе тврди дека нема мандат да го реши прашањето, иако притисок од меѓународната заедница може да помогне во овој момент. Арсовски вели дека меѓународната заедница мора да притисне повеќе кон Бугарија евентуално со техничката влада да се постигне некакво решение, бидејќи тоа нема да „создаде“ политичка цена за политичките партии таму, па и не е исклучено да се дојде до договор. Но, во меѓувреме, како што вели, ако ги гледаме двете линии на пристап од меѓународната заедница- договорете се како било и да се запазат принципите, мора да се држиме до принципите, зашто во спротивно решението ќе биде лошо за нас.

„Ако прифатиме какво било, Бугарија е во моментов помоќна, бидејќи е членка на ЕУ и тогаш решението ќе влече на нивна страна. Ние мора да се врземе за принципите ако сакаме добро решение“, вели Арсовски и додава дека целта е бугарското мислење за решението да не стане европско мислење.

Атанасоски, пак, советува да лобираме силно кај американската дипломатија да се вклучи директно и беспоштедно во „решавање“ на спорот со Бугарија и целосна деблокада на нашите евроинтеграции, бидејќи, како што додава, само Американците, колку и апсурдно да звучи, се најзаинтересирани ние да влеземе во ЕУ, како заокружување на западната безбедносна архитектура на овој дел од континентот.

 Ж.П.Б.

 

Алчноста за максимизирање на површината на градење ја помина „црвената линија“. Градот полека ја сече гранката на која седи.

повеќе

Пристигна барањето од етничкиот албански фактор во политиката за тоа да има промена во химната, знамето и грбот на државата.

повеќе

Доколку најмоќните луѓе во земјата (вклучително и претседателот Милановиќ) не престанат со вербалните напади и притисоци врз новинари и медиуми, се плашам дека Хрватска ќе појде по стапките на Унгарија, Полска и Словенија во однос на (не)слободата на медиумите, што секако не е европски, туку автократски пат.

повеќе