ИНТЕРВЈУ ЗА ТВ АЛСАТ

Нуланд: Засукајте ги ракавите за да се врати земјата на демократскиот курс (ВИДЕО)

Јас дојдов тука денеска за да ставам до знаење колку е важно за САД партиите да работат заедно и да ја решат политичката криза, за да може да се вратиме на важните работи кои ги правиме заедно повеќе од 20 години – поддршка за демократскиот пат на Македонија, поддршка на вашите напори за функционално владеење на правото, за економски раст и најважно, за да го комплетирате вашиот напредок на евро-атлантскиот пат, до ЕУ и НАТО, вели Виктрија Нуланд.

- Како што знаете, формалните преговори за решавање на политичката криза ги олеснува еврокомесарот Хан, со наша поддршка. Така што, ќе почекаме до неговото доаѓање утре со конкретен обид формално да ги надмине разликите. Значи, навлеговме во детали за некои од отворените прашања, но беше во духот на обид за трасирање на патот за добри разговори утре.

Ќе се обидам со уште поконкретно прашање. Едно од отворените прашања што ги споменувате е, како што е наведено во Договорот од 2 јуни, договор за „организација на Владата што ќе ги подготви следните избори“. Дали зборувавте во детали за ова прашање?

- Разговаравме за различни опции со сите клучни партиски лидери, со премиерот, со г. Заев, со г. Ахмети и пред малку со г. Тачи…

Дали имате лично мислење, личен став за ова прашање?

- Ние ќе поддржиме се што може да добие консензус и што е во рамките на она што е веќе договорено. Поголем дел од работата веќе е завршен, како што знаете на 2 јуни. Значи, остануваат уште неколку прашања и едноставно се обидуваме да им помогнеме на страните да се слушнат меѓусебно, во пресрет на формалните преговори кои г. Хан ќе ги одржи.

Има критики што примарно одат на адреса на Брисел, но и на адреса на САД – дека вашиот фокус е на брзо решавање на политичката криза, а не на суштината на главните проблеми со кои се соочува земјата. Од Ваша перспектива, што е поважно – одржување избори следната година или обезбедување услови тие избори да бидат фер и слободни?

- Очигледно, никој не посакува избори ако тие не бидат фер и слободни. Мислам дека целото ова поглавје ја извади на виделина потребата од послободно окружување за медиумите, за да се обрне внимание на изборните прашања кои ги идентификуваше ОБСЕ, за систем на владеење на правото во кого сите ќе имаат доверба. Значи, ова се прашања што, исто така, се разгледуваат, во контекст на договорот од 2 јуни. Станува збор, не само едноставно да има нови избори, туку  за најчисто, најсилно, демократско придвижување на Македонија напред.

Критиките се дека меѓу стабилност и демократија вие во Македонија избирате стабилност пред слобода и демократија.

- Не мислиме дека е можна стабилност ако нема слобода, демократија, правичност и раст. Мислиме дека овие работи одат една со друга. Особено во земји со предизвици како мултиетничноста што ја имате. Во Македонија морате да имате систем во кој луѓето имаат доверба.

Знаете дека има случаи против лидерот на опозицијата кои се веќе во суд и за нив се чека почеток на судењето. Но, има и случаи за кои јавното обвинителство молчи, а произлегоа од објавените прислушувани разговори, кои се однесуваат на можен криминал, корупција, изборна измама, направени од високи претставници на власта. Колку, според Вас, е важно овие случаи да се истражат на соодветен начин?

- Нема да навлегувам во поединечни случаи. Мислам дека тоа би било несоодветно. Но, како што реков, воспоставувањето доверба во судскиот систем за сите Македонци, независно од нивната политичка партија, е аполутно суштинско. Тоа е дел од оваа криза, дека луѓето немаат доверба во системот. Така што, дел од решението мора да биде посветување особено внимание на прашањата од областа на судството, заедно со чекори кон целосна истрага на сомневањата кои произлегуваат од скандалот.

Има мислења, анализи во јавноста дека решавање на политичката криза во Македонија не е можно без позначајно инволвирање на американската дипломатија, на повисоко ниво. Дали разгледувате евентуално таква можност?

- Како што знаете, работиме рака под рака со ЕУ. Тоа е начинот на кој оперираме најдобро во контекст на Балканот. Кога САД и нашите клучни ЕУ-партнери, кога сите работиме заедно за поддршка на земјите што имаат неволји, потешкотии, кога имаат предизвици. Тоа го правевме низ годините, било тоа да е во Босна или Косово или Охридскиот договор. Кога ние сме з аедно за ваша поддршка, се обидуваме да ги слушнеме потребите на сите страни, тогаш даваме најголема поддршка. Затоа, во овој случај, амбасадорот Џес Бејли работи рака под рака со комесарот Хан. Јас, исто така, работам со комесарот Хан. Зборувавме пред да влезам на средбите, ќе зборуваме повторно. Ако имаме потреба од американска интервенција на повисоко ниво овде, за поддршка на тој процес, тогаш очигледно ќе ја обезбедиме, како што би ја обезбедил и комесарот Хан. Но, она што навистина го сакаме е Македонците да ги засукаат ракавите и да ги затворат овие последни јазови, за земјата да се врати на својата работа, на својот демократски курс. А, и ние да се вратиме на работата, да ви помогнеме во вашите НАТО-аспирации.

Значи, да го заокружиме ова интервју. Ако добро Ве разбрав – прво да се обезбедат услови за фер и демократски избори, па потоа да се одржат избори, така?

- Апсолутно. Токму тоа е во овој договор на кој работат вашите лидери. И токму тоа сакаме да го видиме завршено и се надеваме дека утре ќе биде многу, многу добар ден и дека сите ќе седнат на маса подготвени да го финализираат договорот. Тоа е во најдобар интерес на Македонија и во интерес на силна транс-атлантска траекторија на вашата земја, изјави Нуланд во интервјуто за ТВ Алсат М.

Помина времето кога политиката беше „шаховска борба“ на политичките актери, која неретко се одвиваше далеку од очите на јавноста и беше доста неразбирлива за обичниот гласач. 

повеќе

Државата треба повеќе да се вклучи во промовирање на младинско претприемништво како економска активност која би помогнала за намалување на невработеноста.

повеќе

Без оглед на политичката заднина на случајот за изнудување, владата во Скопје мора да се фокусира на темелна истрага наместо на ограничување на штетата.

повеќе