Ново поглавје во случајот со банката

Алберт Муслиу ги тужи штедачите на Еуростандард банка затоа што информирале дека земал кредит, а не го вратил

Петтемина основачи на Здружението на оштетени физички и правни лица на Еуростандард банка – Правда за штедачи Скопје, во понделеник, пред Основниот граѓански суд Скопје 2 ќе се соочат со политичкиот аналитичар Алберт Муслиу кој ќе треба да докаже дека тужените оштетени штедачи го навредиле и му ги нарушиле честа и угледот затоа што објавиле дека тој и брат му земале кредит од 400 илјади евра, а не го вратиле.

Петар Трајков, еден од основачите на здружението за МКД.мк вели дека тужбата што ја добиле индицира дека Муслиу имал последици, откако медиумите, а по претходно добиено соопштение од здружението објавија дека тој и неговиот брат на Еуростандард банка ѝ должат околу 400 илјади евра на име на кредит кој никогаш не го вратиле.

„Во тужбата пишува дека тужителот е во тешка психичка состојба и не може да спие. Медиумските написи му нанеле голема штета на угледот. Затоа тој бара оштета од еден милион денари", вели Трајков.

Во тужбата Муслиу се повикува на објавени текстови во медиумите во периодот од декември 2021 до јануари 2022 година како и на објави на официјалната фејсбук страница на здружението.

„Во текстот без ниту еден доказ или поткрепа на најгруб начин пред јавноста, тужителот и двете негови фирми се наведуваат со име и со презиме со тврдење дека тужителот ги злоупотребува државните органи за насилно да присвои имот во Гостивар кој наводно не бил нивен, туку бил во сопственост на Еуростандард банка. Се наведува дека тужителот вршел притисок на органите кои ја водат стечајната постапка со цел продажбата да не се реалзира до крај и кога не успеал нашол сојузник во Државното правобранителство Гостивар. Исто така се наведува дека во овој случај имало и злоупотреба на јавните овластувања и службената положба на државни функционери, проследени со сомнение за висока корупција и криминал. Со објавата на текстот во кој се наведени невистинити факти од страна на тужените е сторена клевета кон тужителот со што му е нарушена честа и угледот", пишува во дел од тужбата.

Во кусиот разговор, тужителот Алберт Муслиу за МКД.мк вели дека обвинувањата на оштетените штедачи не се точни и дека до судското рочиште закажано за 28 ноември нема да дава изјави за случајот.

„Не сакам никој да помисли дека ги користам медиумите во своја полза", изјави кратко Муслиу.

Освен ова Муслиу реагира и на текст објавен на дел од порталите во кој неименувани штедачи на ироничен начин му се извинуваат за објавените текстови за него.

„Постапувајќи по барањето здружението Правда за штедачи објавило нов текст со кој наместо да се извини и да го повлече веќе објавениот текст, покажало крајна дрскост, арогантност и иронија спрема тужителот на начин што објавило нов текст со наслов 'Штедачите во Eуротандард банка со поздрав до Мuслиу, должиш 800.000 евра и до гуша си вмешан во пустошењето на банката'“, пишува во тужбата на Муслиу.

Наспроти ова, Трајков по барањето на Муслиу тие му се извиниле и ги повлекле објавите од нивната официјална фејсбук страница иако тие како штедачи не напишале таков текст на кој што се повикува Муслиу.

„Тој првично побара извинување од нас. Иако во целата процедура не е јасно кој ги пишувал текстовите, а тоа не сме ние, сепак се извинивме. Освен нашето, постојат уште две други здруженија на оштетени штедачи", вели Трајков.

Адвокатот Љупчо Кузмановски пак вели дека податоците за земениот а невратен кредит на Муслиу се добиени од Извештајот на стечајниот управник на Еуростандард банка и дека тој документ е од јавен карактер, а тужените штедачи се дел од стечајните органи.

„Факт е дека фирми блиски на тужителот земале кредити и дека тужителот дури дал и залог за еден од нив. Во судската постапка тој треба да докаже дека не должи ништо кон Еуростандард банка. Токму затоа изнесените податоци не може да се сметаат како навреда. Соопштението на здружението е објавено на неговата официјална фејсбук страница. Тоа што медиумите го објавија беше малку вулгаризирано, но оштетените штедачи немаат врска со тоа како дел од порталите го напишале текстот", вели Кузмановски.

Како доказ за претрпената штета Мусли до судот приложил и вештачење од лекар во кое се наведува со какви сѐ последици се соочува.

„Вештачењето во оваа фаза од постапката има второстепено значење затоа што прво ќе треба да се докаже дали тужбата на Муслиу има основа. Ако судот одлучи дека има, тогаш вештачењето ќе биде потребно за да утврди штетата што тужителот ја бара", вели Кузмановски.

На 12 август 2020 година Народна банка соопшти дека ја затвора Еуростандард банка поради неисполнување на минималните законски услови за работење по што беше отворена и стечајна постапка за банката.

И.О.

Предложеното законско решение се фокусира на аудиовизуелниот/радиодифузниот сектор, игнорирајќи ги последниве две децении на развој на дигиталниот домен и на интернет, со сите негови позитивни и негативни страни.

повеќе

Според последното истражување на организацијата ПИНА, базирано врз анкети направени со 103 новинарки, 24,1% од новинарките добиле закани за физичко насилство, а 19,5% и закани по животот.

повеќе