По 10-часовна дебата

Новите министри избрани во Собранието и дадоа свечени изјави

Со 65 гласа „за“ и 25 „против“ во Собранието вечерва беа избрани петтемина нови министри во Владата. Трајан Димковски ќе биде нов министер за земјоделство, Горан Милевски, министер за локална самоуправа, Хусни Исмаили министер за култура, Насер Нуредини министер за животна средина, а Садула Дураки ќе раководи со новото министерство за политички систем. Позицијата министер за финансии останува празна, откако премиерот Зоран Заев вчера ја повлече кандидатурата, но ќе раководи со ресорот до избор на нов министер. По гласањето следуваше свечената изјава на новоименуваните министри.

Премиерот Зоран Заев во кусото обраќање пред гласањето истакна дека реконструкцијата е дел од промените кои ги најавил на сите нивоа, по приемот на пораката на граѓаните на претседателските избори и оти се прави исклучиво во интерес на граѓаните.

Промените за реконструкција на Владата, како што кажа, се до не повеќе осум луѓе, па затоа предложиле промена на седум. Истовремено најави дека промените ќе продолжат и во други институции, на централно ниво, на подрачни единици, јавни институции…

„Оваа промена има за конечна цел подготовка во период кој, според мене, е драгоцен и не треба нашата земја да го пропушти и треба да се подготви со сите максимални капацитети. Таков период се случувал во сите земји кога станувале членки на НАТО или отворале поглавја за членство во ЕУ. Убеден сум дека до декември имаме огромни шанси да станеме членки на НАТО, бидејќи 20 членки веќе го ратификуваа протоколот, како и дека ќе ги отвориме поглавјата 23 и 24 за членство нво ЕУ“, рече Заев.

Во еден ваков период, според него, „треба да се посветиме на севкупните реформи во државата, а најголеми треба да бидат во нашата лична, поединечна одговорност и чесност“.

Заев објасни дека одлуката да раководи со Министерството за финансии до избор на нов министер не е да потпишува или, како што рече, да прави нешто што би го правел министерот.

„Амбицијата е да ги максимизирам моите односи на одговорност преку преземањето сериозни крупни одлуки кои можеби досега никој не ги размислувал и преземал, а кои се апсолутно рационални и одговорни и кои треба да донесат бенефит за сите граѓани во оваа наша земја. Целта на реконструкцијата се пред се интересите на граѓаните и државата и ништо повеќе“, рече Заев.

Во рамки на дебатата која денеска траеше десетина часови пратениците од опозицијата ја обвинија власта дека реконструкцијата што ја предложил премиерот Зоран Заев е само козметичка, а не вистинска промена. Ова, рекоа, покажува дека тие не го чуле гласот на народот. Пратениците од партиите на власт, пак, сметаат дека реконструкцијата е резултат токму на тоа што власта ги слуша граѓаните и оти новите предложени министри ќе продолжат да спроведуваат политики со кои земјата ќе продолжи да се движи напред.

Реконструкцијата беше најавена од премиерот Заев по објавување на резултатите од првиот круг на претседателските избори. Тој најави смени и во раководните структури на јавните претпријатија и во самата партија.

Фото: МИА

Улогите на „добар и лош полицаец“ ќе ги играат кон нас уште долго, доколку не сфатиме дека со итроманска политика не се може подалеку од Табановце до Богородица.

повеќе

Неделава, владите на ЕУ повторно решија да го одложат започнувањето на преговорите за пристапување со земјите кандидати Албанија и Северна Македонија, што претставува историска грешка - бидејќи безбедноста и стабилноста на Унијата зависат од трансформацијата на југоистокот.

повеќе

Минатата недела, Сирија повторно беше на врвот на меѓународните вести. Земјата, која долги години е вклучена во борбата против екстремистичките групи, повторно се соочи со нов бран на агресија и воена акција. Во средата, на 9 октомври, турската армија, заедно со сириските антивладини бунтовници, го започна маршот кон североисточните делови на оваа земја што предизвика жестоки борби.

повеќе