Новинар сум, тепај ме, но нема да ме замолчиш!

Голем дел од демонстрантите се разбегаа, а јас ја извадив картичката „ПРЕС“, ја кренав во вис и очекував професионален разум. Полицаец со пендрек ме удри силно по грбот. Повторно му ја покажав картичката, овој пат пред лице. Извикав „Новинар сум, што правиш, човече!?“ Наивно, со отворен ум, помислив полицаецот минал елементарен етички образовен стадиум. Ме удираше уште посилно, крвнички.

На протестите против полициската бруталност се случи полициска бруталност. На просторот пред Владата се случи 5 мај, денот кога полицијата тепаше, не прашуваше. Демонстранти, ученици, студенти, новинари, мајки со деца... Сите на купче за „млатење“. Бидејќи стапот е дојден од рајот, па никој не беше поштеден од казнено-воспитните мерки. Ниту јас. А таму бев за медиумски да известувам за МКД.мк за народниот револт, логичен продолжеток по обидите за прикривање убиство на млад живот – Мартин Нешкоски.

Мирниот протест што започна околу 18 часот пред Владата се претвори во насилна полициска акција за протерување, удирање, клоцање, бркање и апсење на демонстрантите. Пред домот на извршната власт претходно се палеа свеќи, се пееја песни, луѓе од повеќе генерации извикуваа „Убијци“, „Имате ли деца?“, „Имате ли совест?“, „Кого браните?“ „Симнете ги штитовите“, „Стоп за полициската бруталност“. Се виореа македонското, албанското и српското знаме. Сите заедно бараа оставки од државниот врв за заташкувањето на случајот за убиството на 21-годишното момче, случај актуализиран со новите снимки од прислушувани разговори.

Дел од насобраниот народ фрлаше јајца кон Владата. Некогашниот објект на архитектот Петар Муличковски, репрезент на пошироката публика за достигнувања во архитектурата, а сега рефасадиран во духот на „Скопје 2014“, беше прошаран во жолто-портокалов колорит од јајца. Барок на око! Дел од луѓето фрлаа и разно овошје, зеленчук и шишиња кон зданието. Летаа предмети. Имаше туркање кон „напластениот“ полициски кордон. Ситуацијата ескалираше, па набрзо беше собран сиот расположлив полициски арсенал и единиците за брзо распоредување.

Полицијата се пушти меѓу народот. Пред објектот, па на Илинденска. Лицата со штитови и шлемови тепаа буквално кого ќе стигнат! Младо, старо, жени, демонстранти, минувачи, луѓе на велосипеди. Голем дел од демонстрантите се разбегаа, а јас ја извадив картичката „ПРЕС“, ја кренав во вис и очекував професионален разум. Полицаец со пендрек ме удри силно по грбот. Повторно му ја покажав картичката, овој пат пред лице. Извикав „Новинар сум, што правиш човече!?“ Наивно, со отворен ум, помислив полицаецот минал елементарен етички образовен стадиум. Ме удираше уште посилно, крвнички. Негов колега со цокулата ми ја „рогаше“ цеваницата од десната нога. Добив финален пендрек по глава. Ме зашемети, се лизнав, но останав на нозе.

Наоколу мене хаос. Не бев единствениот нападнат новинар. Демонстрирање сила. Апсолутна злоупотреба на полициската моќ. Газење врз Европската конвенција за човекови права. Демократија на дело! Цело е кога има сè, нели?!

Дел од полицајците ги туркаа луѓето во околните влезови. Влечеа за коса по асфалт, ги газеа и удираа на земја и без пружан отпор. Вриштеа девојки, а единиците маваа по нивните дечковци. Страшно! Повторно пробав да снимам. Повторно удар по грб - „бегај, назад“, се дереше еден полицаец. Не дозволуваа да им се приближи човек на 5-10 метри. Видеоматеријал од полициската бруталност беше непожелен, непотребен за лојалните чувари на мирот.

Насекаде престрашени, но истовремено охрабрени и гневни луѓе. Со искра за праведност. Ослободени од апатија, од рамнодушност. Полицијата удира револтирани групи, следи наредби, а зад нив ѕирка Споменикот на ослободителите на Скопје.

Народ бега кон странични улички, меѓу згради, кон „Св. Климент Охридски“, кон Градски парк, „Буњаковец“... Набргу се појавија борни коли и водени топови. Веќе беа ставени во функција и амбулантни возила.

Главата почна да боли. Опипав оток од пендрек голем колку јајце. Двајца пријатели ме собраа од Илинденска - „Добро ли си, те удрија ли?“. Се тргнавме на страна, додека по улиците гореа контејнери, а единиците го бранеа владиниот објект. Не ми даваа да си го земам велосипедот. Исто како Цацко, претходно решив да го заклучам превозот крај Влада.

Вртевме цел круг покрај „плочник“ кај Соборна црква, скоро до Буњаковец, па потоа кружевме близу паркот за да стигнеме до кола. Правец - болница. По улиците гледаме реки луѓе. Трчаат, викаат „Убијци“, „Доста беше молк“, „Нема правда нема мир“.

Денес грбот боли при секое движење, спиење хоризонтала исклучиво на стомак, а главата „зуи“. Охрабрен сум. Наскоро повторно на улица. Не верувам дека некој од колегите-новинари ќе биде замолчен или до него ќе допре страв. Напротив. Чувствувам витална зовриеност и позитивен електрицитет. За сите факелоносци на слободната мисла, не запираме тука! Заедно против политичката, полициска, социјална или културна вулгаризација. Ќе известуваме, ќе пишуваме и ќе објавуваме за сите облици на протест, демонстрации или злоупотреба на моќ. Одговорноста е голема, некогаш тешка, но горчината за слободно изразување се вивнува низ медиумското небо! Да сте ми живи и здрави!

Бојан Шашевски

Промовирање на родителското отсуство и за таткото на детето кое како опција постои во Законот за работните односи, но само ако не го користи работничката.

повеќе

(Полемика: „Стратегија за прашањето на користење на уставното име на Република Македонија во ООН“, Игор Јанев, МКД.мк, 11 ноември 2017)

повеќе

Зоран Заев од позиција на премиер удира во самите темели на асномска, антифашистичка Македонија.

повеќе